
Конечно свирка! Белградскиот рок бенд Ван Гог доаѓа во Скопје за прв пат откако започна КОВИД пандемијата.
Нивниот настап е закажан за 25-ти јуни, на една ептен чудна локација – паркингот на кровот на City Mall. Стартот е во 18:30 часот.
Еднодневниот фестивал Скопје Unplugged освен Ван Гог ги опфаќа и настапите на Игор Џамбазов & Гуру Харе бенд и Фиц (ex Студени Нозе).
Ова е трето издание на овој фестивал, каде исклучиво ќе се слуша акустична музика.
- За Скопје подготвуваме специјална програма. Буквално, автентичен репертоар само за вашиот прекрасен град – изјави за Анторис Звонимир Ѓукиќ – Ѓуле Ван Гог, и дополни: Првата наша свирка откако попуштија мерките ќе биде на 11-ти јуни во Требиње, но тоа е моторџиски репертоар, една поинаква приказна. Ова што сега ќе го свириме во Скопје е нешто специјално. Репертоарот на песните кои се менуваат од град до град, од концерт до концерт. Нешто ептен ексклузивно – вели Ѓуле.
Ван Гог деновиве е мошне актуелен, бидејќи само што излезе луксузното издание на нивниот последен албум „Море без обала“.
- Ова издание е во чест на 35 години постоење Ван Гог. Содржи богат booklet со текстови на сите песни и до сега необјавени фотографии – потенцира Ѓуле за Анторис.
Групата Ван Гог пандемијата ја мина во студио, каде одржа и неколку онлајн-настапи, на радост на многубројните фанови.
