Корпорацијата „Хајсенс“, во чиј состав од 2018 година стопанисува „Горење“ ја отвори и третата фабрика во Ваљево, во која се инвестирани 45 милиони евра. Најавено е значително зголемување на производството и вработување на нови работници. На отворањето присуствуваше и премиерката Ана Брнабиќ.
Со отворањето на новата трета фабрика во Ваљево, „Горење“ станува центар на производство на програмата за техника за ладење - фрижидери и замрзнувачи за мултинационалната корпорација „Хајсенс“, која е меѓу лидерите во оваа област во светот.
Со најсовремена технологија, корпорацијата „Хајсенс“ планира годишно производство од 750 илјади уреди за ладење, најновата генерација на фрижидери.
Вкупното производство и бројот на вработени во сите три фабрики во Ваљево ќе достигне 1,7 милиони уреди и близу 3.000 работници до 2025 година.
Горење станува центар на производство на програмата за технологија за ладење на добро познатата мултинационална корпорација „Хајсенс“. За 17 години успешен бизнис во Ваљево, произведени се повеќе од 10 милиони уреди за ладење. Хајсенс-Горење извезува повеќе од 90 отсто од своето производство и е меѓу најголемите извозници во Србија.
Со новите капацитети во Ваљево, Србија е меѓу најголемите светски производители на фрижидери. Во рамките на новата трета фабрика, која е со површина од 35.000 метри квадратни, изграден е модерен ресторан за исхрана на вработените, што за менаџментот и синдикатот на „Горење“ е пример за добра соработка во подобрување на условите за работа.
"Луѓето се тие кои ќе ја преточат нашата голема визија во реалност. Затоа со гордост најавувам дека овде во Ваљево, дури 1000 нови вработени наскоро ќе станат дел од нашето семејство "Хајсенс". Оваа импресивна бројка на нови колеги ќе придонесе бројот на вработени во Ваљево да се зголеми на 2.750, во Европа на повеќе од 10 илјади и повеќе од 100 илјади вработени ширум светот“, вели Хансон Хан, претседател на „Хајсенс Европа“.
Премиерката Ана Брнабиќ смета дека благодарение на автопатот „Милош Велики“ и брзиот пат, а потоа и обиколницата што ќе ја поврзува економската зона, нема да има причина некој што живее во Белград да не може да дојде да работи во Ваљево.
„Тоа се случува во многу земји, кога имаш квалитетна инфраструктура, такви работи се можни и природни“, вели премиерката.