Халкбанк АД Скопје започнува нова еко-акција „Еден милион садници за пет години“. Иницијатива што претставува уште еден голем чекор кон создавањето на позелена и поодржлива иднина. Или како што тие велат: „Ова е можност да покажеме дека промената започнува со секој од нас преку заеднички ангажман на институциите, компаниите и граѓаните.“

Со оваа иницијатива, Банката потврдува дека грижата за животната средина останува нејзин врвен приоритет. Оваа акција ќе биде најголем придонес на Банката досега кон подобрување на животната средина, поттикнување на колективната свест и обезбедување на почист воздух за сегашните и за идните генерации.

Со акцијата „Еден милион садници за пет години“ истовремено се одбележува и петгодишнината од „зелената платформа“ ХалкЕко, во рамките на која банката во изминативе години оргнизираше и поддржа бројни еколошки проекти.

За реализација наоваа донација, Банката веќе потпиша договор со ЈП „Македонски шуми“ за спонзорство, кое предвидува во следните пет години да се засадат 1.000.000 садници низ територијата на целата земја. Во текот на годинава ќе бидат засадени 20.000 садници, а од 2025 година, динамиката ќе се зголеми со засадување по околу 250.000 садници годишно, со што до 2029 година ќе се постигне целта од еден милион садници.

Според Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје, основна цел на иницијативата е создавање поодржлива, позелена и поздрава Македонија. Тој посочи дека оваа иницијатива ќе се реализира како дел од платформата ХалкЕко -Таа ќе биде наша најголем придонес кон подобрување на животната средина, поттикнување на колективната свест и обезбедување на почист воздух за сите нас и за идните генерации.

Иницијативата ќе трае пет години како еден начин да ја одбележиме петгодишнината од нашата зелена платформа Халкеко во рамките на која во изминатиите години организиравме и поддржувавме бројни еколошки проекти како што се трчање и велосипедизам, едукации и работилници. Преку оваа платформа досега  се реализирани повеќе проекти во  различни општини во кои беа засадени над 60.000 садници. Овие дрвја веќе почнаа да го даваат својот придонес бидејќи секое дрво апсорбира приближно 22 килограми јаглерод диоксид годишно и ослободува кислород доволен за двајца луѓе. Банката реализираше и низа други активности, во кои најде поддршка и од партнерот Мастеркард, за уредување на урбани корнери, реновирање на мостови во градски парк, оддржување на еко спортски трки во трчање и велосипедизам, едукации и работилници. Но, нашите предизвици за правење добар импакт во заедницата секојдневно ги зголемуваме.

„Со засадување на еден милион дрвја не само што ќе придонесеме за обновување на деградираните подрачја, туку ќе го зајакнеме и пошумувањето на национално ниво. Оваа акција значи враќање на животот во заедниците, заштита на биодиверзитетот и ублажување на климатските промени. Нашите шуми се нашето наследство, но и наша одговорност. Да ја прифатиме оваа можност за промена. Да бидеме генерацијата која ќе остави трага – не само на зборови, туку и на дела“, рече Суџубаши.

И додаде:„Сакаме да испратиме јасна порака: Промената е возможна, но бара заедничка акција. Нашите шуми се нашето наследство но и наша одговорност. Со подавање рака на рака да ја направиме Македонија позелена.“

Заблагодарувајќи се на Халкбанк за оваа значајна иницијатива и за посветеноста кон заедницата и околината, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, рече дека овој проект е пример како корпоративниот сектор моше да допринесе во заштита на животната средина и унапредувањето на заедницата. Шумите и земјоделството се неразделно поврзани. Шумите се основа за екосистемите кои го надополнуваат земјоделскиот сектор и секторот за водостопанство. Тие обезбедуваат стабилност на почвата, задржуваат влага и претставуваат природна заштита од ерозија. Со засадувањето на нови дрвја како дел од генералниот план за пошумување на Владата ќе се заштитат овие витални ресурси и се обезбедуваат подобри услови за земјоделско производство, особено во региони погодени од климатски непогоди. Со засадување на овие дрвја ги обновуваме нашите ресурси.

„Како министер за земјоделство, целосно сум посветен на иницијативи кои ги штитат природните ресурси и го унапредуваат нашиот земјоделски сектор. Затоа, ги повикувам сите граѓани, земјоделци, компании и институции да се инспирираат од овој позитивен пример и да се приклучат во вакви иницијативи“, рече Трипуновски.

Ане Лешкоска, заменик министер за животна средина и просторно планирање истакна дека акцијата која ја предводи Халкбанк, е симбол на заедничката одговорност. Таа посочи дека Министерството за животна средина соработува со приватниот сектор, невладините организации и граѓаните за да се создаде партнерство кое ќе доведе до вистински промени. 

„Како Министерство за животна средина, наша основна цел е решавање на најгорливите еколошки проблеми. Проблемот со загадувањето, посебно на воздухот, веќе подолго време ја загрозува благосостојбата на нашите граѓани. Засадувањето дрвја е еден од најефикасните начини за ублажување на загадувањето. Дрвјата не само што го апсорбираат јаглерод диоксидот, туку ја намалуваат концентрацијата на ПМ честички во воздухот, произведуваат кислород и создаваат природни бариери од прашина и други штетни материи. Овој проект, кога ќе биде реализиран, ќе го намали загадувањето во регионите каде што е најкритично“, истакна Лешкоска.

Иницијативата  на Халкбанк  покажува дека и приватниот сектор може да биде клучен двигател на позитивни општествени промени. Засадувањето на милион садници за пет години, бара стратешко планирање, посветеност и разбирање на локалните еколошки потреби.

Директорот на ЈП Македонски шуми Здравко Трајановски, потенцираше дека Халкбанк преку својата платформа ХалкЕко покажа висок степен на еколошка зрелост и докажа дека приватниот сектор може да биде моќен двигател на општествена промена. Ова е вистинскиот начин како да се помогне на екологијата и на Македонија. Ваквите партнерства меѓу јавниот и приватниот сектор се суштински за вистински промени во заштитата на животната средина.

„Ние како јавно претпријатие сме тука стручно да одговориме на сите потреби во однос на вакви проекти. Гарантирам дека изборот на дрвните видови, локациите и самото пошумување ќе бидат направени по професионални критериуми. Еден милион садници значат многу повеќе од зголемување на шумските површини. Тие претставуваат директен придонес за намалување на јаглеродните емисии, подобрување на квалитетот на воздухот, заштита на почвата од ерозија и зачувување на биодиверзитетот. Секое ново засадено дрво е симбол на враќање на природната рамнотежа и создавање поздрава животна средина за сегашните и идните генерации“, рече Трајановски. Тој додаде дека нивна иницијатива е ваквите шуми да добиваат и име – и се надева дека во иднина оваа шума ќе ја препознаваме како Халк-шума.Исто така изрази надеж дека вакви успешни проекти  ќе има и во иднина.  

Од Халкбанк најавија дека покрај пошумувањето, банката ќе продолжи да спроведува и други еколошки иницијативи во насока на поддршка на животната средина и локалната заедница.