Комисијата за хартии од вредност (КХВ) донесе Решение, со кое на Финансиската агенција ФИНА (FINA) од Република Хрватска ѝ се дава согласност да стекне квалификувано учество во Македонска берза АД Скопје, односно индиректно преку Zagrebacka burza d.d да се стекне со акции чиј вкупен кумулативен износ не надминува 30 проценти од вкупно издадените акции со право на глас од Македонска берза АД Скопје, стои во соопштението од вчерашната седница на КХВ.

ФИНА, чиј единствен основач и содружник е државата Република Хрватска веќе има добиено согласност од хрватскиот регулатор ХАНФА да се стекне со директно квалификувано учество во Zagrebacka burza d.d. Доколку понудата за преземање биде успешна ФИНА може директно да стекне 50% +1 акција во Zagrebacka burza d.d. а со тоа и индиректен удел од 14,99 отсто во Македонска берза АД Скопје.

Ако ФИНА стигне до максимален удел од 100 проценти во Zagrebacka burza d.d., со тоа индиректниот удел во Македонска берза АД Скопје ќе биде до 29,98 проценти.

Финансиската агенција ФИНА работи под ова име од јануари 2002 година, но зад себе има половина век долга деловна традиција. Таа е наследник на Агенцијата за плаќања (ZAP), или уште постарата Служба за општествено сметководство (SDK) на Република Хрватска.

Службата за општествено сметководство, која во поранешната држава имала ексклузивно право да извршува домашни платежни трансакции, еволуираше во Агенција за плаќања во 1993 година. ZAP се подобри во технолошки и организациски поглед, одржувајќи монопол во областа на плаќањата до 2002 година. Исклучително високото ниво на задоволство на клиентите и исклучително позитивните критики од домашни и странски институции придонесоа ZAP да стекне врвен углед на финансискиот пазар.

Инаку во акционерската структура на Македонска берза освен Загрепската берза, акционери со над пет проценти од акциите се и неколку банки: Шпаркасе банка, комерцијална банка, Стопанска банка , НЛБ банка , централна кооперативна банка и Уни банка, како и брокерската куќа КБ Публикум Инвест.