Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, влезе во селекција за 36. издание на Европските филмски награди, соопшти денеска Европската филмска академија (ЕФА), која вчера ја објави втората листа со уште 21 филм во изборот. Во средината на август беше објавена првата листа со 19 играни филмови, меѓу кои е и „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Митевска, со што сега има два македонски филмови во конечната листа од 40 филмови  од 31 европска држава.

Од денес, па се до 7 ноември сите 4.600 членови на Европската Филмска Академија ќе имаат можност да гласаат за избраните филмови, по што врз основа на гласовите, ќе бидат објавени номинациите во категориите: најдобар европски филм, режисер, актер, актерка, сценарист и европски документарен филм.

Избраните филмови дополнително ќе бидат земени во предвид и за наградите во категориите за најдобра кинематографија, монтажа, продукциски дизајн, костимографија, шминка и фризура, оригинална музика, звук и визуелни ефекти. Тие ќе бидат избрани од осумчлено жири составено од претставници на различни уметности и професиии.

Свеченото доделување на наградите, познати како европски Оскари, е закажано за 9 декември 2023 во Берлин.

Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“. Ова е првиот македонски, а трет филм на Столевски, по наградуваните „Нема да си сама“ и „Доволно возрасни“.

Инаку филмот „Домаќинство за почетници“ својата светската премиера ја имаше на 80. издание на фестивалот во Венеција, каде ја доби 17. Queer Lion награда, во конкуренција од 16 филмови, меѓу кои и филмовите на Dog Man на Лук Бесон и Maestro на Бредли Купер.

 Минатата недела го отвори фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, а во кино ќе почне да игра од 12 октомври во Скопје.

Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, а преку компанијата Focus Features ќе биде дистрибуриран на територијата на САД. Интернационален дистрибутер на филмот за останатите територии е Universal Pictures, додека продажните агенти на филмот New Europe Film Sales од Полска ќе го застапуваат филмот на територија на југоисточна Европа.