И домашните компании во делбата на колачот од ТИРЗ. Обезбедувањето на поголем дел од колачот што се создава во технолошко индустриските развојни зони ќе се овозможи со потпишувањето на денешниот Договорот за соработка и партнерство меѓу Дирекцијата за ТИРЗ и ИФЦ.
И домашните компании во делбата на колачот од ТИРЗ
Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ) и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) со експертска и финансиска помош ќе им помагаат на домашните мали и средни фирми добавувачи да ја подигнат конкурентноста за соработка со инвеститорите од зоните и да се поврзат со глобалните синџири за набавка. Мали и средни добавувачи од државава заедно со фирми Србија и Албанија ќе бидат дел од 100-те компании што за почеток ќе бидат поврзани со големи меѓународни компании преку дигитална платформа.
Подигање на технолошката подготвеност на компаниите
– Во 2020-та, пандемиска година, вкупниот обем на економска активност во зоните беше 3,4 милијарди евра, во 2019 година овој колач изнесуваше 3,7 милијарди евра. Според последните бројки за движењата во 2021, се очекува дека овој колач ќе биде над четири милијарди евра. Нашата цел како држава е како на домашните компании да им обезбедиме поголемо учество во овој колач. Она што го имаме сега како податок говори дека е недоволно и не е повеќе од два до три проценти во вкупниот обем на економијата тука во зоните, вели директорот на Дирекцијата на ТИРЗ.
Ќе се подготви, појасни, програма што советодавно и финансиски ќе им помогне на домашните компании да го подигнат нивото на технолошка подготвеност и да бидат конкурентни за влез и соработка со големи меѓународни компании во рамки на технолошко индустриските развојни зони, како и регионалните, европските и светските пазари.
Домашни фирми дел од дигитална платформа со глобални синџири за набавка
Соработката со ИФЦ, појасни Деспотовски, е чекор кон обезбедување поголем удел на домашните компании. Прв чекор е платформата каде меѓу другото и домашните компании од Република Северна Македонија имаат можност да се регистрираат и да бидат проценети и оценети како подобни од страна на меѓународни експерти во однос на тоа колку и каде може да влезат за соработка. Вториот сегмент, истакна, е многу важен и се однесува на тоа како да ги помогнеме и да ги поттикнеме домашните компании да го унапредат своето ниво на технолошка подготвеност, да ги зголемат вештините на вработените и да ги обезбедат сите потребни сертификати и потврди за квалитет што им се неопходни да влезат во овој вредносен синџир, односно да зафатат дел од тој колач, рече Деспотовски.
Поголема регионална соработка
Ари Нам, регионален раководител на ИФЦ за Централна и Југоисточна Европа, изјави дека целта е да се подобри конкурентноста за поголема регионална соработка.
– Поврзувањето на локалните мали и средни претпријатија со синџирот на големите глобални компании е со цел да се подбри конкуиретноста. Соработката со Дирекцијата на ТИРЗ ќе овозможи да се донесе сопствена програма со која ќе им се помогне на малите и средни претпријатија, рече Нам, посочувајќи на податокот дека во Северна Македонија има влез на доста странски инвеститори, како и можности за развој на домашните фирми.
Платформа за заеднички настап на добавувачите
Магдалена Шуљакова, претставник на ИФЦ во државава, укажа дека меѓународните компании бараат начини како да ги интегриарат повеќе локалните фирми во својот производен процес.
– Постојат голем број меѓународни компании кои полека доаѓаат во регинот. Тие го сметаат како атрактивен и поради тоа би можеле тука да дојдат со своето производство. Меѓутоа, иако има доста големи конкурентности во овој регион, постои млада и едуцирана работна сила, цените на работната сила и услугите се доста ниски. Постои проблем дека голем дел од фирмите што се тука во регионот, малите и средните форми, не беа доволно интегрирани во т.н глобални вредносни синџири, рече Шуљакова.
Првата од трите компоненти на програмата е платформата која ќе ги спои добавувачите, од регионот, со големите компании кои се присутни во Западен Балкан и пошироко. Таа ќе се подготвува од следниот месец и во пилот фаза во наредните шест месеци ќе бидат опфатени 100 фирми добавувачи од Србија, Северна Македонија и од Албанија, како и купувачи кои се веќе присутни во Западен Балкан но и кои не се.
Еден пазар на дигитално ниво
– Ако порано имаше проблем фирмите да најдат кај се и кои се купувачите, сега ќе постои еден пазар на дигитално ниво каде што тие ќе може да се сретнат, рече Шуљакова.
Покрај на подобрување на вештините и техничките способности на добавувачите ќе се работи и на подготовка на регулатива. Таа ќе им помогне на домашните фирми и на странските инвеститори да работат подобро. Планирани се и активности со банките за да можат да исплатат финансиски продукти кои ќе им помогнат на малите и средните претпријатија за финансирање на проектите.Средствата за реализација на програмата ги обезбеди Швајцарската агенција за економски развој.