Оваа академска година токму за нив е збогатена дополнително со студиските  програми на англиски јазик, вели проректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, Мишко Џидров.

Тој истакна дека заклучно со првите два уписни рока и очекуваниот резултат од третиот, УГД е задоволен од бројот на студенти.

„Постои голем интерес. Би рекол дека изминатите години беше од Турција, но ние имаме од цел свет, а единствен пробелем со кој се соочуваме и останува е тоа дека не им се дозволува на странските студенти од некои подалечни земји да добијат виза. Овие денови привршува третиот уписен рок, еве моментално кандидатите кој што не се задоволни, можат да поднесат приговори, а истите ќе бидат разгледани утре. Додека, на 25 ти веќе ќе имаме и конечни резултати од третиот уписен рок. Секако и крајот на уписниот рок на УГД јас ги повикувам сите заинтересирани кандидати кои што сѐ уште не се одлучиле да го направат ова што е можно побргу, нека веднаш дојдат на нашите уписни места со своите документи и да можеме во третиот уписен рок и да се пријават, но и да ги запишеме“, вели Џидров.

Странските студенти наставата на англиски јазик можат да ја следат на неколку факултети.

„Студиските програми се збогатени со уште една програма со англиски јазик на економскиот факултет, а од изминатата година има програма на англиски јазик и на медицинскиот факултет, правниот, иформатика“, додава Џидров. 

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип активно учествува во унапредувањето и развојот на академскиот потенцијал на студентите, како и усовршување на условите за студирање и пракса и секогаш е во чекор со универзитетски приказни и надвор од нашата држава, како модели на успешност и високи стандарди. 
Работи на интернационализација и на искористување на можностите за мобилност, преку програмите Еразмус плус, Цепус и други. Универзитетот ја има една од најшироко развиените мрежи на соработка со универзитети во Европа и во светот, со над 400 договори за соработка и размена на студенти и вработени, за унапредување на нивните знаења и квалификации. Континуирано работи и на зголемување на соработката и со приватниот сектор, за остварување на пракса и вработување на најдобрите студенти, но и во насока на усогласување на студиските програми со потребите на стопанството и бизнис заедницата.

„Избери мудро, делувај храбро“ е новиот слоган на УГД за оваа академска година.

„Во него се инкорпорирани личниот избор и храброста да се зачекори кон позитивна промена, којашто ќе започне во секого од нас. Заедно со сите вас да продолжиме да го градиме УГД како место на компетентни и силно мотивирани студенти, исполнителни и вреднувани професори и вработени, но и да изградиме универзитет што ќе ги негува и надградува највисоките хумани вредности, кон кои се стреми цивилизираниот човек. Должни сме, сите заедно, да создадеме иднина за младите, да изградиме општество во кое тие ќе ја живеат својата сонувана приказна“, вели проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на УГД. 

На почетокот на 2024 година, Стопанската комора почна конкретна соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ во делот на зелената и циркуларната економија. Компаниите може да ги користат лабораториите, истражувачката инфраструктура на Универзитетот, како и научните и стручните експертизи за меѓународните стандарди за заштита на животната средина.

Целта е да се изгради платформа за долгорочна соработка меѓу науката и бизнисот токму во делот на новите трендови како циркуларната и зелената економија и да се обезбеди поддршка за имплементација на овие решенија во домашната индустрија. 

Се формираа два меѓусебно поврзани центри - бизнис центар во Комората и научно-истражуачки центар во рамки на УГД. Се организираат и технички обуки за фирмите како поддршка да воведат поголема заштита на животната средина.
Стопанската комора веќе почна серија разговори со државните универзитети и работи на платформи и прoграми за соработка, со цел науката да се стави во функција на бизнисот.