Изминатиот месец се зголемуваат и штедењето и задолжувањето на граѓаните и на компаниите во државата. Како валута и во двата сегменти сѐ повеќе доаѓа до израз денарот, покажуваат последните податоци на Народната банка. Во април депозитите на годишно ниво се повисоки за 9,3, а кредитите за 6,8 насто, за што поголем е придонесот на населението.

Официјалните бројки велат дека во четвртиот месец од годинава депозитите бележат раст од 1,3 процени, кој произлегува исклучиво од домаќинствата, затоа што кај корпоративниот сектор има намалување. Или, вкупните депозити изнесуваат 538,272 милиони денари, односно 8,74 милијарди евра, од кои од граѓаните се доверени 364,385 милиони денари (5,91 милијарда евра), а од компаниите 148,738 милиони денари (2,41 милијарда евра). 

Состојбата кај вкупните кредити е 454,676 милиони денари или 7,38 милијарди евра. Делот на корпоративниот сектор и 218,599 милиони денари (3,54 милијарди евра), а на домаќинствата 233,454 милиони денари (3,79 милијарди евра). Месечното зголемување кај вкупните кредити е за 1,2 насто.

Минатиот месец и домаќинствата повеќе се задолжиле

Штедачките навики на домаќинствата во април ги зголемиле депозитите во овој сектор за 2,7 проценти. Годишното нагорно поместување, пак, е за 10,8 насто, а тука влијание имаат и долгорочните депозити.

Задолжувањето на граѓаните има месечен раст од 0,5, а годишен од седум насто. И натаму најбарани се потрошувачките и станбените кредити, каде што во однос на март има зголемување од еден процент. Конкретно, состојбата кај потрошувачките кредити е 121,001 милион денари (1,96 милијарди евра), а годишната промена е за 6,3 насто. Одобрените станбени кредити се во вкупен износ од 86,371 милион денари (1,4 милијарди евра), со годшно зголемување од 10,9 насто.

Во април повеќе се купувале автомобили, па кредитите по оваа основа се поголеми за 1,5 на месечно, а 17,1 процент годишно ниво.

Меѓутоа, намалено е задолжувањето преку кредитните картички – месечното за еден, годишното за 7,5 отсто. Истиот тренд е забележан и кај негативните салда на тековните сметки, со месечен пад од 11,5 и годишен од 6,3 отсто. Но, и кај кредитите одобрени врз други основи, кои се пониски за 1,5 на месечна и за 20,7 проценти на годишна основа.

Пад на депозитите кај корпоративниот сектор

Кај корпоративниот сектор во април е евидентиран пад на депозитите од 1,3 отсто и раст на кредитите за два насто. Причината за пониските депозити е лоцирана кај падот на краткорочните депозити во странска валута и на депозитните пари. Инаку, има годишниот раст од осум проценти.

Кредитите на корпоративниот сектор остварија месечно зголемување од два проценти и се должи на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари. Споредено на годишна основа, растот од 6,6 отсто во целост произлегува од зголемените кредити во денари, во услови на пад на кредитите во странска валута.