Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија ја презентираше Aнкетата за странските директни инвестиции 2022 година со посебен осврт на актуелните состојби, остварените резултати и очекувањата за идната година.

Анкетата вклучува одговори на 76 отсто од производствените компании кои се лоцирани во и надвор од ТИРЗ-овите. Претежно тоа се компании од автомобилската индустрија коишто минатата година заедно имале преку 28.000 вработени и остварени 2,9 милијарди евра приходи во 2021 година.

Цената на енергијата, суровините и натаму проблем

 Анкетата, како што посочи на денешната прес-конференција во Скопје претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Стопанската комората, Виктор Мизо, покажува дека компаниите сѐ уште се соочуваат со низа инфраструктурни проблеми, високите цени на електричната енергија, суровините и репроматеријалите како и со редица проблеми како последица од војната во Украина. Конкретно во целата оваа ситуација, тој како позитивен ефект за земјата го посочи трансферот на ОДВ Електрик, Кромберг и Шуберт и Гентерм од Украина во Македонија.

И во 2023 година инфлацијата и цената на енергенсите се најсериозни ризици за работењето на компаниите. Деведесет и четири проценти од компаниите сметаат дека се потребни нови финансиски мерки за ублажување на последиците од енергетската и економска криза, а 53 отсто сметаат дека инфлацијата расте, посочи претседателот на Асоцијацијата.

Според резултатите од анкетата, 52 проценти од испитаните странски инвеститори во земјава повторно би инвестирале во земјава. Додека најголем ризик за развојот на нивните компании гледаат во зголемени трошоци за енергенси, неефикасноста на јавната администрaција, недостигот на стручна работна сила, правната неизвесност и непредвидливост на економската политика, како и недоволен обем на квалификуван кадар што може да се најде во државата.

Резултатите од анкетата покажуваат релативно влошување на задоволството на компаниите од  инфраструктурата на локацијата на која работат. Така, 45% од испитаниците одговориле дека се делумно задоволни, а 30% дека се задоволни. Не се задоволни 25% од анкетираните.

Во однос на конкретните три најприоритетни инфраструктурни прашања кои се најважни за нивниот бизнис во следните 12 месеци, најголем број одговориле дека тоа е обезбедување на канализацијата и одведувањето на атмосферски води,  пристапен пат и приклучок на вода.

Пад на обемот на планиранито производство

Оценките за задоволството од работењето на институциите задолжени за aftercare услуги се половични: 44% од испитаните компании одговориле дека се делумно задоволни, 45% се незадоволни, а само 11% се задоволни.

Во однос на остварените резултати во тековната година, половина од испитаниците забележале пад на обемот на планиранито производство како резулатат на намалените нарачки од странство, недостатокот на суровини и репроматеријали и пречките во нормалното одвивање на транспотот. И покрај ваквиот пад на обемот на производство бројот на вработени кај анкетираните странски компании во 2022 година бележи раст за 13,4% или за 3.852 лица.

На прашањето за финанската поддршка и државната помош која ја добиваат, вкупно 94% од анкетираните компании сметаат дека се потребни нови финансиски мерки за ублажување на последиците од енергетската и економската криза, пред се наменети за одржување на бројот на вработените, субвенционирње на трошоците за електрична енергија и изградба на фотоволтаични централи.

 Зголемени трошоците за електрична енергија

Во однос на трошоците за електрична енергија и енергенси, од 300 до 500 проценти (од три до пет пати) се зголемени трошоците за електрична енергија кај 40 проценти од анкетираните компании.

Од 100 до 300 проценти зголемени трошоци за електрична енергија кај 30 отсто од компаниите и до 100 проценти се зголемени трошоци за електрична енергија кај 30 проценти од анкетираните компании.

Исто така, како што додава, 79 проценти од компаниите се незадоволни или делумно задоволни од состојбата со работната сила.

„Компаниите имаат проблем со одлив на кадар, најчесто во странство – 63 проценти, во други компании во земјата – 10 проценти, а за останатите флуктацијата е во разумни рамки“, додава Мизо.

Како што наведува, сите анкетирани компании ги имаат зголемено платите во 2022 година, при што зголемувањето во најголем дел се движи од 10 до 20 проценти.

„Причини за зголемување на платите се инфлацијата и зголемени трошоци за живот, конкуренцијата и намалена понуда на работна сила на пазарот на труд, и поради зголемувањето на ефикасноста на работникот и мотивацијата“, појаснува Мизо.

Умерени се и одговорите за очекувањата на компаниите за остварените приходи во тековната година во споредба со планираното. 23% од испитаните компании очекуваат приближно исти приходи, раст на приходите очекуваат 41% од анкетираните компании, а намалување прогнозираат 36% анкетирани компании.

Во фокус 
 

Во однос на прашањата на кое треба да се фоксуира државата во следните 12 месеци, најголем дел од компаниите ги нотирале:

-    намалување на оперативните трошоци во ТИРЗ,

-    подобрувањето на инфраструктурата и навремено исполнување на договорните обврски,

-    усогласување на правилата за оправдани инвестициски трошоци за државна помош и сметководствените правила според меѓународните стандарди,

-    усогласувањето на царинските стапки со оние во ЕУ ,

-    Олеснување на правилата и постапката за престој и работа на странски државјани.