Моника Костовска работи како менаџер за регрутација на топ менаџмент кадри во холандската компанија TFC Executives and Professionals. Ко-сопственик е на старт-ап во областа на организацискиот развој и развој на вработени KMT Solutions. Воедно, е и ко-основач на холандската Фондација „Youthpreneur Stiching“. Во моментот, е и инструкторка на Академијата на Бреинстер како Full-Stack HR. На неодамнешниот настан „Зошто HR е вистинската професија за мене“, го сподели своето искуство како влегла во областа на работа во човечки ресурси.

„Имам две поголеми страсти - луѓе и бизнис светот, кој за мене е голема мистерија. Сакав да ги спојам во една работа. Една третина поминуваат на работно место луѓето и да направам да бидат среќни. На почетокот мислев дека ќе работам HR, но, првата компанија во која влегов да работам беше огромна корпорација со 12 000 вработени. Ме ангажираа во два сектори - за регрутација и селекција и во тренинг и развој. Од оваа перспектива, навистина тоа е местото каде треба да бидам. Се развивав во ИТ, во различни бранши. Во првите години, сакав да видам што значи да си регрутер. Во еден момент, на македонскиот пазар ме фати паника, бидејќи да се развиваш во ХР е убава работа. Но, да се развиваш во една дејност е специфична работа. Во 2014-та, тоа навистина беше специфична работа и не беше толку барана на пазарот“, вели Костовска.

Покрај нејзината специјализација во делот на регрутација, се специјализирала иво делот на регрутација на менаџмент кадри. Тоа е причината за нејзиното преселување во Холандија, каде уште потесно се специјализира во однос на типот на менаџмент и кадрите кои ги регрутира. Областа на човечките ресурси, според неа, не е егзактна наука и професија. Луѓето се жива материја и се менуваат секојдневно. Постојат различни пристапи колку што постојат и луѓе на планетата. Нејзините насоки за размислување за тоа како луѓето можат да се пронајдат во оваа професија, вели, не се готови решенија.

                                               Моника Костовска

„Ако сакате да работите со луѓе, без разлика од која професија доаѓате, својата експертиза сакате да ја споделите со луѓето.... тогаш местото ви е во делот на човечки ресурси. Ако сте иновативни и барате решенија. Човечките ресурси бараат прилагодување и нови решенија за луѓето да се справат со секојдневните предизици. Особено, тоа се однесува во делот на мотивацијата. Не постои правило како можете да мотивирате човек. Мора да пронајдете што еден човек го мотивира. Исто така, битна е желбата да се пренесе знаењето. Во оваа област, сите учат едни од други. Многу е битно да бидете човек што сака да го пренесе знаењето“, смета Костовска.  

Костовска, дава своја лична дефиниција за тоа каква е улогата на експертот за човечки ресурси. Според неа, добробитта на човекот е на првото место. Тоа значи дека личните работи и личната полза некогаш ќе бидат ставени на страна.

„Работата во делот на човечки ресурси, станува работа како со психолози, со доктори. Мора да знаете дека е битно да имате чувство за другите околу вас. Од друга страна, и чувството за бизнисе важен дел во компаниите кои се комерцијални, од експертите се очекува да има значаен придонес во обратот на компанијата. HR-от можеби не е директно инволвиран во заработката на бизнисот. Но, преку моделот на HR бизнис партнер и сите тие нови работи како метрики, проекции, визуелизации, веќе се гледа колкав дел од бизнисот е генериран од ХР-от на индиректен начин. Ако сакате да бидете успешен, мора да сакате да се вклучите во тој дел. ХР-от иако е насочен кон луѓето, не е изолиран од бизнисот“, децидна е Костовска.  

Вмрежувањето во работањето во делот на човечки ресурси е од голема важност. Бидејќи е неопходно да се создаде чувство на припадност како дел од една заедница. За крај, порачува дека вистинскиот HR мора да е динамична и флексибилна личност. Тоа е професија која бара постојано менување и прилагодување на условите за работа, надминување на проблемите преку иновативни решенија.