-Поттикнати од  потребата на нацијата за зајакнување на дигиталната подготвеност и капацитетите во бизнисите и јавните организации, оваа конференција е наменета за клучните чинители од академијата и од индустријата со цел да го истражат заедничкиот потенцијал на дигиталните иновации и да поттикнат нови партнерства, стои во поканата за настанот од ДигитМак.

По отворањето на овој симпозиум, предвидени се изјави на Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, координаторот на Дигитмак и заменик-декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство Петре Ламески, и координаторот на Бизнис акцелератор УКИМ и заменик-национален координатор на Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ) Никола Огненовски.

Во текот на одржувањето на симпозиумот водечки експерти, едукатори и индустриски професионалци ќе говорат за потребната соработка помеѓу академските институции и индустриските лидери.

-Имено, истата е од суштинско значење за поттикнување на иновациите и развој на работна сила опремена со вештини потребни за иднината.

Овој симпозиум ќе обезбеди платформа за учесниците да разговараат за најдобрите практики, да споделат сознанија и да воспостават партнерства кои ќе ги подобрат образовните процеси и ќе промовираат одржлив економски раст, велат организаторите на настанот.

Во текот на симпозиумот, ќе има можности за брзи состаноци фокусирани на услугите на центарот, вклучувајќи проценка на иновациите, образование и обука, дигитализација и дигитални услуги, како и пристап до финансии.

Преку неколку панел дискусии и презентации ќе опфатиме важни теми како што се претстојните отворени повици за предлог проекти и европските иницијативи за корпоративни иновации, како и презентација на програмите на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) дизајнирани за поддршка на иновации и раст. Дополнително, ќе разговараме за конкретните можности на EIT (European Institute of Innovation and Technology) кои се достапни за македонската бизнис заедница како и искуствата за поттикнување на соработка и развој од EEN (Enterprise Europe Network) и УНИКА, мрежа на универзитети на главни градови од Европа.

На конференцијата, како што стои во соопштението ќе биде прикажан значителниот напредок во рамките на проектот EuroCC,2 кој има за цел да ги подобри европските способности за пресметување со високи перформанси и вештачката интелигенција. Исто така, ќе има и сесија фокусирана на суштинските аспекти на правата на интелектуална сопственост за да ги води организациите во заштитата на нивните иновации

Новиот дигитален центар за иновации ДигитМак ќе нуди можности за зајакнување на дигиталната подготвеност и капацитет во бизнисите и јавните организации.

Тој е основан од конзорциум на четири партнерски институции, секоја од нив со соодветна експертиза во услугите за поддршка на дигиталната трансформација, вклучително и основната инфраструктура.

Основачите се Универзитетот Св Кирил и Методиј Скопје, Стопанска комора на Република Северна Македонија, Бизнис акцелератор УКИМ, како и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување.

 Центарот во следниве години треба да придонесува кон подобрување на дигиталната трансформација, одржливост, раст, продуктивност и конкурентност на приватните и јавните субјекти во државава.