Ново истражување на авијациско-аналитичката компанија „Цириум“ (Cirium) покажа дека најдобар „трансфер“ аеродром во светот е ИГА Истанбул. Според оваа листа втор е аеродромот во Франкфурт, а трет „Шарл де Гол“ во Париз, пишува магазинот Conde Nast Traveler.
Како дел од тоа истражување е анализиран и бројот на директни дестинации со кои аеродромите нудат врски со други пристаништа во светот, во кои прв меѓународен аеродром е Истанбул. Тој иако работи само шест години, стана мега центар за 309 директни летови до 315 дестинации, и опслужува речиси 90 милиони патници годишно (од јануари 2024 година).
Аналитичарите посочуваат дека неговата локација, како важна раскрсница за меѓународно патување меѓу Европа и Азија во голема мера е одговорна за таквиот успех на тој аеродром, а неговите лидери посочуваат дека најбрзо закрепнале по пандемијата „Ковид-19“, достигнувајќи ја бројката на патници пред пандемијата пред кој било друг аеродром во светот.
На второ место е аеродромот во Франкфурт , кој е поврзан со 296 директни дестинации, додека трет е парискиот аеродром „Шарл де Гол“ со 282 дестинации.
Потоа следува аеродромот во Амстердам „Схипхол“ , што е еден од најфркфентните во Европа (заедно со аеродромите во Лондон и „Шарл Де Гол“ во Франција). Тој го дели четвртото место со меѓународниот аеродром во Чикаго О’Харе, кои се изедначени со по 270 директни дестинации, додека зад нив е аеродромот во Дубаи со 269 дестинации.
Топ 10 аеродроми
Во првите десет се и аеродромот Далас Форт Ворт (261 дестинација), Шангај Пудонг (243), Атланта Хартсфилд-Џексон (237) и аеродромот Леонардо да Винчи Фиумичино во Рим (234 дестинации).
Најголемиот британски аеродром „Хитроу“ во Лондон, со оглед на неговата историја и отвореност од речиси 80 години и резултатите од сообраќајот, долго време беше еден од најдобрите светски центри, но според новото истражување се покажа дека најстарите аеродроми не се најдобри центри, така што „Хитроу“ падна од осмото на 12-то место, додека аеродромот во Рим, отворен во 1961 година, е на 10-то место.
Многу прометен аеродром, исто така во Лондон е „Гетвик“ што е рангиран на 14-то место со 221 поврзани дестинации во светот.