Во првите неколку месеци од работењето, Совeтодавниот сервис за безбедно и одговорно користење на социјалните мрежи на Здружението ИМПЕТУС примил 9 пријави поврзани со злоупотреба на лични податоци, профили и содржини на дигитални платформи. 

Најголем дел од случаите се однесуваат на Facebook/Meta екосистемот: оневозможени или суспендирани профили, сомнеж за неовластен пристап, хакирана Facebook страница, лажни профили и злоупотреба на фотографии. Дополнително, евидентирани се случаи на објавување фотографии и лични податоци на деца и членови на семејство во чувствителен семеен контекст, злоупотреба на фотографии на TikTok, како и барање за бришење профил и лични податоци од Pazar3.

Прелиминарната анализа покажува дека граѓаните најчесто се соочуваат со нејасни платформски процедури, недоволна реакција по пријави, тешкотии со recovery/verification механизми и неизвесност околу тоа каде да се обратат – до платформата, Агенцијата за заштита на личните податоци, МВР или друга институција. Особено чувствителни се случаите во кои се засегнати деца, семејно насилство, јавна изложеност на приватни фотографии или злоупотреба на идентитет. 

Овие пријави потврдуваат дека постои реална потреба од првична, практична и разбирлива поддршка за граѓаните: како да зачуваат докази, како да ја изберат точната форма за пријава, како да постапат без дополнително изложување и кога случајот треба да се упати кон надлежна институција.

ИМПЕТУС преку сервисот нуди почетна проценка, поддршка при пријавување до платформите, упатување до надлежни институции и насоки за тоа што да се зачува како доказ и што да не се споделува, додека активностите се поделени на три столба: заштита и услуги, превенција и свесност, политика и соработка.
Овој Советодавен сервис е дел од проектот „Безбеден интернет простор за деца и млади“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, преку кој ИМПЕТУС, заедно со МЕЃАШИ, работи на воспоставување одржлив и интегриран национален сервис за побезбеден интернет во Северна Македонија.  

Во тој модел, клучна улога има надградбата на платформата AloBushavko, која ги интегрира линијата (116 111), услугите за советување и можноста за пријавување штетни содржини, вклучително и материјали со сексуална злоупотреба на деца. На тој начин, платформата станува централизирана и достапна точка за пријава, поддршка и информации.

Практичната слика што произлегува од овие пријави е дека граѓаните не се соочуваат само со „хакнати профили“ или класична злоупотреба, туку и со комплицирани постапки за враќање пристап, пријавување злоупотреба, собирање докази и разбирање која институција или платформа има надлежност. Токму таму се гледа вредноста на Советодавниот сервис: да им помогне на луѓето да не се изгубат во процедурите. Но, и да креира поширок систем што треба да создаде национален одговор на дигиталните ризици.

Фактот дека од почетокот се појавуваат случаи поврзани со профили на социјалните мрежи, лични податоци и пристап до сметки, покажува дека граѓаните имаат итна потреба од јасна, практична и доверлива точка за помош. Во таа смисла, ИМПЕТУС ја пополнува празнината меѓу корисникот, платформата и институциите.

Агенцијата за заштита на личните податоци јасно ја признава улогата на независните советодавни сервиси како значаен механизам за дополнителна поддршка на граѓаните. Во нивниот одговор на нашите прашања наведуваат дека заштитата на личните податоци и правото на приватност не зависат само од законската рамка, туку и од информираноста на граѓаните.

Агенцијата посебно нагласува дека соработката со ИМПЕТУС е во согласност со Стратегијата 2025–2030, особено со целта за „континуирано зголемување на културата за заштита на личните податоци“. Ова е суштински сигнал дека институцијата не го гледа граѓанскиот сектор како конкурент, туку како сојузник во едукацијата и практичната заштита.

„Во рамки на оваа стратешка цел е препознаено дека во многу случаи граѓаните не се доволно информирани за своите права, како и за начините на кои тие права можат да се остварат. Токму затоа, граѓанскиот сектор има значајна улога во информирањето, едукацијата и обезбедувањето практична поддршка на граѓаните за прашања поврзани со заштитата на личните податоци и приватноста.

Здруженијата на граѓани поседуваат специјализирано знаење и практично искуство за различни аспекти од оваа област и можат да придонесат за полесно разбирање на правата и обврските во дигиталното опкружување. Тие имаат важна улога во подигнувањето на јавната свест, особено во ситуации кога граѓаните се соочуваат со разни форми на неовластена обработка на лични податоци, лажни или хакирани профили, неовластено објавување содржини или други ризици на социјалните мрежи“, велат од АЗЛП.

На прашањето за практичната вредност, Агенцијата појаснува дека ваквите сервиси им помагаат на граѓаните да ги користат алатките на самите платформи, да ги документираат случаите и, кога е потребно, да се упатат до надлежни институции.

„Во многу случаи, граѓаните се обраќаат до Агенцијата со очекување дека таа може директно да отстрани профили, објави или содржини од социјалните мрежи. Сепак, платформите за социјални мрежи имаат свои механизми за пријавување и постапување, а Агенцијата нема надлежност да врши бришење, враќање или блокирање на кориснички профили. Затоа, советодавните сервиси имаат важна практична функција – да им помогнат на граѓаните правилно да ги користат достапните алатки на платформите, да ги разберат своите права и обврски, да ги документираат случаите и, кога е потребно, да бидат упатени кон Агенцијата или други надлежни институции, одговорија од АЗЛП.

Што покажува пошироката слика?

Ако се гледа низ бројките, ИМПЕТУС стартува со мал, но многу симптоматичен сет на случаи што точно го откриваат проблемот: злоупотребени профили, сомнежи за неовластен пристап, лични податоци на интернет и тешкотии во комуникацијата со платформите.

Ако се гледа низ институционалниот одговор, АЗЛП практично ја потврдува потребата од ваков сервис и го препознава како корисен дел од системот за дигитална заштита.

Податоците од Агенцијата за заштита на личните податоци ја потврдуваат оваа потреба. Во 2025 година Агенцијата примила 147 претставки, од кои 141 од физички лица и 6 од правни лица, а 124 биле поднесени електронски. Сите претставки во оваа категорија се однесувале на неовластена обработка на лични податоци на социјалните мрежи.

Агенцијата дополнително наведува дека во текот на 2025 година постапувала по вкупно 229 претставки и поплаки поврзани со социјалните мрежи, што говори дека станува збор за континуиран и проблем кој не е маргинален. Според нејзината оценка, тоа покажува „континуирана потреба од информирање и поддршка“ на граѓаните за безбедно користење на онлајн платформите.

Најчестите пријави, според Агенцијата, се однесуваат на лажни профили, пробиени профили, објавување туѓи фотографии, видео и аудио-снимки, како и навреди или клевета преку интернет. Платформите што најчесто се појавуваат во овие случаи се Facebook, Instagram, YouTube, TikTok, Twitter/X и Snapchat, а посебно внимание се посветува на случаи што ги засегаат децата.

Затоа, ваквиот сервис не треба да се гледа само како проектна активност, туку како неопходен дел од поширокиот систем за дигитална заштита, доверлива поддршка за граѓаните и мост меѓу корисниците, платформите и институциите.