Асистивната технологија (АТ) е воопштен термин кој вклучува асистивни, адаптивни и рехабилитациски уреди за лица со попреченост или за стари лица кој, исто така, го вклучува и процесот на избор, лоцирање и нивна употреба. 

Универзалниот дизајн во индустрискиот дизајн е многу важен, посебно во креирање на производите, бидејќи само на тој начин е најекономичен, односно секоја адаптација на производите би чинело многу повеќе. Дизајнот и содржината на околината и алатките треба да бидат пристапни, разбрани и користени од најширок спектар луѓе, по можност од сите, без разлика на нивната старост, возраст, способност или попреченост.

Маргарита Гулевска ја презентираше примената на асистивната технологија во Македонија и се осврна на работата на здружението „Отворете ги прозорците“, формирано во 2005 година и насочено кон активна примена, промоција и воведување на асистивната технологија во предучилишното и основното образование. Таа истакна дека импровизацијата и прилагодувањето на ресурсите се клучни, бидејќи специјализираните производи се достапни само надвор од државата и се со многу висока цена. Според Гулевска, соработката со Факултетот за електротехника и информациски технологии може да донесе добри производи од кои едни ќе учат, а други ќе имаат корист.

За важноста на дигиталната инклузија зборуваше Кристијан Лазарев, кој говореше за начинот на кој луѓето со попреченост ја користат технологијата и даде препораки за вградување на инклузивноста во развојот на софтверските системи и апликации.

ФЕИТ негува области кои се клучни во дизајнот и реализацијата на асистивните уреди: електротехника, електроника, сензори, микроконтролери, биомедицински сигнали, аудио, слика, и софтверски алатки и системи. 

Професорот на Институтот за електроника и раководител на групата за говорни технологии на ФЕИТ, Бранислав Геразов, ги презентираше дел од проектите кои студентите на ФЕИТ ги реализирале во долгогодишната соработка со „Отворете ги прозорците“ во доменот на асистивните технологии. Меѓу нив беа прототип системи за детекција на препреки за слепи лица, контрола на количка со поглед, синтеза на знаковен јазик од влезен текст, како и апликацијата за асистивна комуникација Говорко. Со поддршка на УНИЦЕФ, Групата за говорни технологии на ФЕИТ учествуваше во локализација на комуникаторот Сиборд на македонски, за чија цел разви нов глас за синтеза на говор на македонски – Сузе (https://speech.feit.ukim.edu.mk/).

Вонредниот професор д-р Живко Коколански најави дека во рамки на ФЕИТ ФабЛаб се планираат низа активности фокусирани на асистивните технологии со поддршка на „Отворете ги прозорците“. Овој настан е само првиот чекор, а во план е реализација на работилница за асистивни технологии во која младите ќе можат да ги искористат ресурсите на ФабЛабот за да изработат асистивни уреди со практична примена.

Оваа година, работилницата за инклузивен индустриски дизајн, пристапност и асистивна технологија се реализираше преку воспоставената лабораторија за производство на Факултетот за електротехника и информациски технологии ФЕИТ-ФАБЛАБ кофинансирана од Фондот за иновации и технолошки развој. 

Професорот Живко Коколански, претставник од тимот на ФЕИТ-ФабЛаб, изјави дека лабораторијата за производство ќе отвори нови перспективи и ќе внесе нов квалитет во реализацијата на настанот преку користење на професионална опрема и наменски изграден поростор согласно интернационалните стандарди на ФАБЛАБ. 

“Лабораторијата за производство на ФЕИТ е отворена за сите и ќе биде место кое ќе го поттикне развојот на креативноста и иновативноста на младите лица, а особено во полето на инклузивниот индустриски дизајн и асистивни технологии”, истакна Коколански.