Македонското супер финале на 48 – часовниот хакатон „NASA Space Apps Challenge 2022“ ги доби и своите победници. Во конкуренција на пет тимови финалисти, жирито едногласно одлучи два тима да бидат првопласирани. Тоа се тимовите на „AERTH“ и „SPACE EAGLES“. Жирито одлучи дека и двата тима понудиле висококвалитетни проекти реализирани со иновативен пристап за само два дена тимска работа во рамките на хакатонот. Како награда, претставници на националните победнички тимови заедно со нивните ментори ќе патуваат во NASA's Kennedy Space Center.

Тимот „AERTH“ создаде решение со чија помош корисниците можат да го следат, но и предвидуваат движењето на Меѓународната вселенска станица (International Space Station). Воедно, ќе можат да дознаат интересни и значајни факти за силите кои влијаат на нејзината траекторија. За изработка на ова решение, тимот користеше знаења од математика, орбитална механика, физика и програмирање. За да го испробате нивното решение продолжете на нивната веб страна https://aerthisstracker.study.

Тимот „SPACE EAGLES“ се фокусираше на изработка на интерактивна мобилна апликација и веб страна преку која можат да се истражуваат позициите и големините на кратерите на Месечината направени од земјотреси таканаречени moonquakes, преку податоци добиени од NASA добиени од сеизмички и геофизички податоци прибрани од инструментите кои ги имаат оставено астронаутите од Apollo мисиите. За да разгледате што направија кликнете на https://www.moonquakes.earth. 

И двете решенија вклучуваа изработки и на потребните 3D модели, во првиот случај на Месечината, а во вториот на Меѓународната вселенска станица.

Иноваторите од „AERTH“ пресреќни – и Македонија може да биде конкуретна!

По победата, еве што рекоа двајцата иноватори, Матеј Крстевски и Илин Москоски, и двајцата од тимот на „AERTH“.

„NASA SPACE CHALLANE“ е натпревар корганизан од НАСА, кој се одржува и на локално ниво. Сите модули досега беа направени во 2Д, а ние успеавме да ја направиме во 3Д додавајќи и дополнителни функции. Како патување низ времето, следење на станицата во минатото и иднината, со помош на алгоритми. Ние сме конкурентни со останатите земји во светот каде се спроведува овој предизвик. Многу се потрудивме и постигнавме голем успех со веб страницата што ја направивме и со иновацијата за време на настанот. Самиот факт што ќе одиме во НАСА покажува дека сме доста добри“, вели Крстевски.

„Успеавме да го направиме алгоритмот да работи целосно и успеавме сите додатоци кои ги претставивме да бидат функционални на веб сајтот кој е веќе онлајн. За мене можам да кажам дека ова е голема работа, бидејќи отсекогаш сум бил заинтересиран за влесената и во тоа што НАСА го прави во нејзините мисии и истражување на нешто што е непознато. Овој настан е доказ дека и во Македонија има интерес и за вселената и за иновациите поврзани со неа преку проекти кои им овозможуваат на младите да се претставиме дека и ние знаеме да направиме нешто и дека имаме вештини. Еве, еден млад човек може да и даде и на НАСА нешто што го нема. Предизвикот беше за иновативност. Тоа може секој да го направи, еве ние успеавме и да отидеме чекор понатаму да визуелизираме во 3Д земјотреси на месечината. Нашиот проект од друга страна ја покажува и орбитална механика и фактот дека не е нешто толку непознато, односно дека може секој да го разбере“, вели иноваторот Илин Москоски.