„Нетам“ е компанија која работи во сферата на текстилната индустрија, за производство и пласман на текстилни производи, неткаен текстил, постелнина, перници, јоргани и душеци и навлаки за душеци. Исто како и целото стопанство и „Нетам“ беше погодена од корона кризата. Со оглед на тоа дека нивната работа е невозможна да се работи онлајн и е врзана за пазар кој во тој момент почнал засилено да ги откажува нарачките - паралелно изворите на репроматеријалите се затвориле и компанијата се нашла во небрано. Тогаш, се поставило и прашањето дали 50 вработени кои 20 години работат во „Нетам“ ќе останат во компанијата. Според Сашо Ацески, директор за секторот за инвестиции и развој во „Нетам“, ако ги испуштеле вработените, немало повторно да најдат кадар со такви квалификации и способност.
Благодарејќи на тоа што „Нетам“ не работела дефанзивно, средствата се намалиле. Прв обид, како што вели Ацески, било одлуката да пробаат да изработуваат заштитни маски, со оглед на тоа што како компанија го произведуваат репроматеријалот за заштитни маски, посебно за градежната индустрија. Но, ваквиот обид траел кратко, компанијата набавила машини, но вистински ефект немало. Па така, она што го направиле имало повеќе хуманитарен карактер за институциите, но, не и за нив.
„Седнавме да разговараме и првата идеја беше да го искористиме нашиот контакт со образованието. Дотогаш, контактот беше чисто академски контактот, пред се“ со градежниот факултет, кои користеа дел од производството за испитување и изработка на магистерски и научни трудови. Рековме дека сега е вистинскиот момент да го искористиме ова што најмногу ни смета во дворот, а тоа е текстилниот отпад. Во Македонија се создава 140 милиони тони текстилен отпад годишно. Ние сме мал дел од тоа. Но, направивме едно мало истражување и откривме дека голем дел од компаниите не знаеме што да правиме со текстилниот отпад. Текстилниот отпад го загадува дури и отпадот, бидејќи тешко се разградува, особено отпадот со ваква структура“, објаснува Ацески.
Овој проблем го „затвори“ Фондот за иновации и технолошки развој, кој во тој момент имаше повик за субвенции на иновации, па компанијата решила да ја проба среќата. Заедно со Градежниот факултет и катедрата за градежни материјали со нивната лабораторијата, вклучувајќи го и ПМФ и нивната катедра за хемија и „Градежниот институт Македонија“ решиле да направат нов производ од текстилниот отпад за кој немало чаре. А паралелно дури претставува и трошок на компаниите, бидејќи треба да најдат начин да го складираат.

„Направивме нов иновативен материјал кој се вика „Изонет“ и го патентиравме. Тој материјал согласно испитувањата што ги направивме, ги задоволува стандардите за топлотна изолација дури и повеќе од класичните изолациони материјали. Оваа активност не толку финансиски нам ни помогна во меѓувреме да опстоиме. Стоиме и многу подобро морално бидејќи во меѓувреме се отворија пазарите и нови продолжија и старите процеси на производство. Продолжуваме со испитувањата. Му помогнавме на Градежниот факултет да добие академски ваучер за понатамошни испитувања и ние делумно тоа го финансираме, за да ги испитаме и акустичните својства на овие материјали, со тоа што тој материјал би можел да се користи и во друга насока за акустична заштита и заштита од бучава. Нешто што моментално е во подем, бидејќи ние сите некако премногу се грижиме за енергетската ефикасност и околината. Бучавата е некако запоставена, иако и тоа е загадување како и од други материјали. Тоа ни дозволи да преживееме и повторно да се вратиме во форма. Сега сме во форма како и пред кризата. Тоа значи дека не направи поотпорни и продолживме со сите процеси“, вели Ацески.
За таа цел, компанијата формирав цел нов сектор за развој во претпријатието, кој дополнително ќе треба да го доекипира со луѓе.
„Тешко е да се најдат кадри додека не ги обучиме, бидејќи сите што работеа на таа проблематика работат и како индивидуални претприемачи. Немаат желба да се врзат за одредена компанија, но, согласни сме да ги ангажираме на проекти. Моментално завршивме и еден проект што е за самозатоплувачка ткаенина од текстил материјали и чувствуваме дека сме на правиот пат“, смета Ацески.
Иновацијата не ја чуваат само за нив. Првично, целиот процес го понудиле на компаниите кои се сродни со нивната дејност во Македонија.
„Кога зборуваме за системот за разрешување на проблемот со отпадот, се соочивме со интересна работа. Нашата иницијатива да го споделиме целиот производен процес - сите наши истражувања, без надомест, утврдивме дека постои сосема црн пазар за текстилен отпад. Тој пазар го користи текстилниот отпад од одредени претпријатија за производство на текстилни производи, исти такви какви што лиценцираните компаниите произведуваат. Тоа е надвор од системот на државата и нема контрола. Утврдивме дека целиот отпад кој може да се искористи и не е контаминиран, го преземаат компании кои всушност не се компании и го произведуваат. За жал, тоа е реалноста во Македонија, да постои систем кој е паралелен на воспоставениот. Ние треба да ги споделиме искуствата. Моментално сме членка на неколку форуми кои се занимаваат со ваков тип иновации“, посочува Ацески.
Тој посочува дека државата паралелно мора повеќе да се осврне на домашните компании кои потешко наоѓаат пазар и пласман дома, отколку надвор од Македонија.
„Ние произведуваме геотекстил. Геотекстил е една од основните работи која треба да се постави пред да се започне некаква градба, независно дали се работи за патишта, згради, мостови, стабилизирајќи го земјиштето. Тоа е релативно евтин производ. Нашата компанија е единствена која произведува геотекстил. Но, ние во Македонија не продаваме геотекстил. Ние не успеваме да продаваме, бидејќи сме потиснати од увозен геотекстил со исти карактеристики како нашиот. Веќе 20 години се обидуваме нешто да направиме на тоа поле. Ние не успеавме да најдеме систем, на кој начин нашиот домашен производ ќе го понудиме или заинтересираме компаниите да го купат од кај нас. Иако тука има и дополнителни причини за тоа. Сепак, државата мора да погледне кон ваквите фирми кои имаат домашно производство, не го продаваат дома туку го извезуваат“, смета Ацески.