„Македонија е сигурна земја за деловна соработка, но и за вложување, со одлични бизнис услови, а компаративна предност и е близината до европските пазари. Нашата цел е да ги развиваме партнерствата со силни економии, како што е турската, во насока на интензивирање на трговската размена и директните инвестиции во двете насоки. Во земјава постојат неискористени можности за соработка и вложување во инфраструктурата, автомобилската и текстилната индустрија, земјоделството и туризмот, со можност потенцијалите на турското стопанство да станат реалност, како и со интенција турските инвестиции наскоро да се зголемат“, рече Ирена Мојсовска, проект менаџер на Европската мрежа за бизнис можности (ЕЕН) за Стопанската комора.

Габриела Костовска Богоеска, ко-основач и извршен директор на Фондацијата за менаџмент и индустриски истражувања (Мир фондација), изрази задоволство што овој постпандемски период на работа на ЕЕН мрежата  започнува токму со билатерални средби со жени претприемачи од Република Турција.

Токму преку реализација на вакви настани  и активности во рамките на тематската група за женско претприемништво која функционира преку ЕЕН мрежата целта е да се овозможи што повеќе жени претприемачи да настапуваат на меѓународните пазари.

Претседателка на Советот на жени претприемачи од Кочаели, Нуркан Бабалик го претстави овој турски регион, нагласувајќи дека е познат по металната, автомобилската и индустријата за камен и земја.

-Сепак, најпознати сме по хемиската индустрија која учествува со 28 отсто во вкупното производство. Индустријата на Кочаели индиректно поврзува и научно истражувачки центри како Универзитетот Кочаели, Универзитетот Сабанџи, Истражувачкиот центар Мармара, Технолошки институт Гебзе, Технопарк, но и многу други истакнати институции и организации кои го прават регионот главен центар за научно истражување и развој, потенцира Бабалик која доаѓа од ИТ секторот.

 Како што истакна таа,  Советот на жени претприемачи од Кочаели е основан во 2008 година во рамки на Унијата на турските комори и стокови берзи  на Турција. Во Советот се вклучени 32 извршни членови со 232 активни жени претприемачи од различни стопански дејности: ИТ индустрија, хемиска и фармацевтска индустрија, текстил и конфекција, консалтинг услуги и друго.

Една од мисиите на Советот на жени претприемачи од Кочаели е зголемување на свесноста за женското претприемништво развивање на претприемачката култура меѓу жените со цел зајакнување на економскиот и општествениот статус на жените, во насока на  зголемување на конкурентноста на жените во земјата и интернационализација на меѓународните пазари.

Според претставниците на коморите, ваквите билатерални средби се особено значајни за интензивирање на вмрежувањето и за соработката помеѓу жените претприемачи од двете земји.

На настанот присуствуваат претставници од 15 турски компании и претставници од околу 35 македонски фирми. По завршувањето на пленарниот дел се одржаа и деловните средби каде се остварија контакти и се разменија искуства помеѓу жените претприемачи од двете земји.

Вкупната трговска размена меѓу Македонија и Турција, како што беше речено,  во првите седум месеци од оваа година изнесува 598,8 милиони американски долари што претставува раст од 46,37 отсто споредено со истиот период лани. Извозот изнесува 125 милиони долари што е зголемување од 55,5 проценти, додека увозното салдо изнесува 473,8 милиони долари или 44,13 отсто повеќе од минатата година. Во размената во првите седум месеци од 2022 година остварен е трговски дефицит од 348 милиони долари на страната на Македонија. Во овој период Турција е шести трговски партнер на Македонија.