Според истражувањето објавено минатата недела, економијата на Исланд расте побрзо од повеќето европски земји, откако воведе пократка работна недела без намалување на платите низ целата земја.
Помеѓу 2020 и 2022 година, 51 процент од работниците во земјата ја прифатиле понудата за пократка работна недела, според објавата во двата институти, истакнувајќи дека процентот веројатно ќе биде уште поголем денес.
Минатата година Исланд забележа побрз економски раст од повеќето европски земји, а стапката на невработеност е една од најниските во Европа, според Институтот за автономија на Обединетото Кралство и Исландската асоцијација за одржливост и демократија (Алда).
Рамнотежа помеѓу работата и животот
„Ова истражување покажува вистинска успешна приказна: пократката работна недела стана широко прифатена во Исланд (...) и економијата е силна според многу индикатори“, рече Гудмундур Д. Харалдсон, истражувач во Алда.
Во два големи експерименти спроведени помеѓу 2015 и 2019 година, вработените во јавниот сектор во Исланд работеле 35-36 часа неделно без намалување на платата. Многу учесници претходно работеле 40 часа неделно.
Експериментите опфатиле 2.500 луѓе - повеќе од еден процент од работоспособното население на Исланд во тоа време - со цел да ја задржат или зголемат продуктивноста додека го подобруваат балансот помеѓу работата и животот.
Благосостојбата на работниците-на прво место
Истражувачите откриле дека продуктивноста на повеќето работни места останала иста или подобрена, додека благосостојбата на работниците се зголемила „драматично“во различни аспекти, од перципиран стрес и исцрпеност до рамнотежа помеѓу работата и животот. По овие експерименти, исландските синдикати преговараа за намалување на работното време за десетици илјади нивни членови низ целата земја.
Според последните податоци на Меѓународниот монетарен фонд, економијата на Исланд во 2023 година порасна за пет отсто, што е една од највисоките стапки меѓу побогатите европски економии. Тоа е значително повисоко од просечната стапка на раст на земјата од само два отсто во деценијата помеѓу 2006 и 2015 година. Сепак, ММФ предвидува значително побавен раст на Исланд оваа и следната година, пренесува Т Портал.