Антибиотиците, кои се широко користени против бактериски инфекции, треба да ги убијат бактериите или барем да го запрат нивниот раст и репродукција. Меѓутоа, истражувачите за прв пат покажаа дека овие лекови, всушност, можат да им користат на бактериите и да ги заштитат од смрт.
Стручњаците откриле дека некои бактерии не напредувале во лабораториски услови, се до моментот додека не биле изложени на антибиотици.
Отпорноста на антибиотици го запрела дејството на некои антибиотици, бидејќи бактериите се менуваат како одговор на употребата на овие лекови. Тоа значи дека инфекциите би можеле да бидат најголемата причина за смрт до 2050 година, предупредуваат експертите.
„Нашето истражување е доказ за несакани ефекти кои досега не биле видени - едноставно не знаеме како лековите ја менуваат рамнотежата кај бактериската популација“, вели професорот по математичка биохемија Роберт Бердмор од Универзитетот во Ексетер.
Во истражувањето финансирано од Советот за истражување на инженерски и физички науки (EPSRC) и објавено во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences, тимот откри дека одредени антибиотици можат да помогнат во спречувањето на намалување на бројот на бактериите кога тие изумираат.
Ова значи дека повеќе бактерии можат да преживеат подолго во споредба со оние кои не биле изложени на антибиотици.
Проф. Роберто Бердмор, водечкиот автор во истражувањата од Универзитетот во Екстер, вели дека студијата во основа почнала кога сфатиле дека некои соеви на бактерии не можеле да напредуваат во бројност во лабораторија додека не ги изложиле на антибиотици.
„Како резултат на тоа, ова е првиот доказ дека антибиотиците можат да го подобрат преживувањето на бактериите. За да се справиме со отпорноста на антибиотици ширум светот, треба да знаеме многу повеќе за влијанието на овие лекови врз рамнотежата на бактериските екосистеми, како што се оние во цревната микрофлора или во реките изложени на антибиотици“, објасни Бердмор.
Според него, резултатите од истражувањето се доказ за несакани ефекти кои досега не се видени - едноставно не се знае како лековите го менуваат балансот на бактериската популација во тие контексти.
Бактериите минуваат низ периоди на брз раст, прошарани со периоди во кои растот престанува бидејќи им снемува хранливи материи, а бактериите умираат. Досега, малку се знаеше за тоа како антибиотиците влијаат на бактериската популација во овие периоди.
Истражувачите ја испитувале ешерихија коли во лабораториски експерименти. Тие откриле дека антибиотиците кои ги таргетираат рибозомите - „фабриките“ кои им помагаат на клетките да создаваат протеини од ДНК - го забавуваат растот на бактериите.
„Многу антибиотици го забавуваат растот на бактериите, но ние покажуваме дека тоа може да им помогне на бактериите да ја надминат кризата со хранливи материи што инаку би ги убила, а на крајот ќе им помогне да преживеат“, објасни д-р Емили Вуд.
Д-р Емили Вуд истакна дека многу антибиотици го забавуваат растот на бактериите. „Во нашите експерименти, бактериите преживеаја бидејќи антибиотиците се антиоксиданти, што значи дека им помагаат на клетките да се справат со некои од отпадните производи што ги создаваат додека растат.
Според д-р Вуд, важно е бактериите отпорни на антибиотици кои биле тестирани да ги немаат истите предности, па затоа во студијата изложувањето на антибиотици не поттикнува отпорност, што е невообичаено.
„Нашиот следен чекор ќе биде насочен да измериме како овие наоди ја менуваат динамиката на заедницата со повеќе видови на бактерии,“ најави д-р Вуд.