Во Србија како земја која произведувала коноп на над 60.000 хектари и индустрија во која биле вработени десетици илјади луѓе – денес не остана ништо, пишува порталот gradnja.rs. Во 1960-тите, Србија беше лидер во производството на коноп и маркетингот на производите од коноп. Од коноп може да се направат јажиња, пластика, чаеви и хартија, што е само дел од илјадниците производи што можат да се направат од коноп. Сепак, најинтересно е што можете да изградите и куќи!

Како се користи конопот во градежништвото
Најсовремената иновација во зелената градба претставува комбинацијата на индустриски коноп, вар и вода. Апсолутно не е токсичен, а ѕидовите „дишат“, што е многу важно за луѓето кои страдаат од алергии, бронхитис и астма.
Конопот е отпорен на мувла и влага, отпорен на штетници и глодари, отпорен на оган, има висока топлинска изолација и заштедува енергија до 80 проценти, нема отпад и токсини, а материјалот е здрав за животната средина.
Конопот го апсорбира вишокот на влага од воздухот, додека влажноста на воздухот во просторијата повторно не се намали, со што се воспоставува рамнотежа на влажноста во просторот. Во исто време, ѕидот има одлична звучна изолација.
Ѕидот од блок од коноп со дебелина од само 20 cm овозможува ниво на топлинска и звучна изолација далеку над регулаторните стандарди. Исто така, ја регулира релативната влажност и температурните промени во затворените простории „преку хигроскопското однесување на материјалот, придонесувајќи за поздрави простори во зградите и обезбедувајќи ефикасна топлинска маса“.
Прва на Балканот
Пилот-проектот на оваа конопна куќа е реализиран во Србија на фармата Бела Река, во недопрената природа на Хомољските планини. Архитекти на проектот се српско-швајцарскиот тим Љубица Арсиќ и Даниел Фукс, а изградбата започнала во 2017 година.
Со цел најдобро да се искористи движењето на сонцето и погледот што се протега до планинските масиви во далечината, куќата е во издолжена форма и се протега над повисоко плато, лебдејќи над пејзажот. Издолжениот план е поврзан со дарежливи прозорски отвори од подот до таванот. Зградата е на два ката, а главната програма е распоредена на горниот кат во меѓусебно поврзана просторна октагонална шема (саќе) која дава приоритет на флуидноста, визуелната и физичката комуникација.
Во рамки на проектот, изградена е куќа од 260 м2 со индустриски коноп како главен градежен материјал. Ова е уникатен концепт во светот дизајниран од Предраг Милосављевиќ, каде што со купување на една куќа добивате една површина засадена со некоја земјоделска култура, во случајов боровинка, за која се грижат работниците и раководството на фармата или тоа домаќинство. А кога ќе се продаде таа култура, профитот се дели процентуално и на тој начин заработувате.
Во овој случај, овој материјал не се користи како потпорен елемент поради неговата лесна природа, туку како конструкција се користи челик, дрво или бетонска рамка, а овој материјал се користи како ѕидно полнење и изолација.
Како да се користи коноп кај веќе постоечки објекти
Постоечките домови можете повторно да ги изолирате со коноп. Вакви куќи можат да се градат каде било во светот, без географски и климатски ограничувања. Повеќето од нив моментално се во Европа. Она што можеме да го промениме е дебелината на ѕидот во согласност со средината во која е изграден. Конопот е одличен во комбинација со други материјали како дрво и камен, па можете да изградите и реконструирате стари камени конструкции и да создадете нови модерни и убави куќи со долга традиција и култура.
Првата куќа од коноп наскоро ќе биде изградена во Црна Гора
Првиот проект од ваков карактер заснован на концептот за подобар живот се гради на јадранското крајбрежје, над населбата Порто Монтенегро.

Како самоодржлив систем, куќата користи геотермална енергија, соларни панели, колектори за дождовница, систем за компост и градина за органско производство на зеленчук и овошје за домаќинството. Проектот има модерен и современ дизајн во хармонија со морфологијата на теренот и големите стаклени површини кои се интегрирани во ѕидовите од коноп.
Куќата се простира на површина од 377м2, иако има атрактивен дизајн, украсена е со зелен покрив и зелени тераси, интегрирани во традиционалните камени ѕидови, карактеристични за оваа географска област. Има спој на два природни материјали, коноп и камен, каде еден на друг ја истакнуваат природната убавина и автентичност, вгнездени во зеленилото иака што се споени со прекрасната природа на Бока. Архитект на овој проект е Александар Симоновиќ.
Одржливост на конопот
Друга голема предност на овој материјал е тоа што природно расте, не се добива со минирање на земјиштето, а овој тип на градба многу побрзо се изведува и реконструира.
Проблемот зошто овој тип на градба е речиси тотално непознат за денешната цивилизација е што самото растение поминало низ разни законски ограничувања и затоа била исклучена од производство и употреба, па и нејзините благотворни дејства се речиси заборавени.