Преку исцрпна, искрена и продуктивна јавна дискусија за трите предлог закони за административни службеници, за вработените во јавниот сектор и за стручно усовршување и обука на службениците од јавниот сектор, министерот за администрација, Горан Минчев очекува непродуктивната, партиска администрација да се реформира во квалитетна, ефикасна и достапна администрација која ќе нуди транспарентни услуги.
Јавната дебата која започнува со утрешната дискусија „Како до подобра администрација за граѓаните“ и се очекува во следните два месеци да ги собере сите ставови, мислења и предлози од инволвираните страни и од страна на сите граѓански здруженија, асоцијации и институции уследи откако Министерството за јавна администрација, ги повлече од собраниска процедура законите за регулирање на административните права и прописи поднесени од претходната Влада под знакот на еврпско знаменце.
Станува збор за: предлог Законот за административни службеници; предлог Законот за вработени во јавниот сектор и предлог Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници.
-Оваа обврска, како што појасни Минчев, - е во согласност со донесениот Закон за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со која впрочем и се формира оваа министерство. Но, сакам да потенцирам дека освен техничкото усогласување со ЗОРОДУ, повторно отвораме широка дебата за овие закони, со цел сите заинтересирани и засегнати страни, граѓански организации, институции, синдикати, меѓународни организации, преставници на СИГМА и Европската комисија, експертската јавност и опозицијата во државата да дадат свој придонес и свое мислење.
Новата законска рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси во администрацијата и да обезбеди вработување и унапредувања засновани на знаења и заслуги“, нагласи министерот за администарација Минчев.
Потребата од доработка на овие закони ја нагласиле и преставници на граѓански и невладини организации, синдикати како и меѓународни организации.
За таа цел, почнувајќи од утре, Министерството за јавна администрација организира процес на консултации преку организирање на кампања под мотото: „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација “.
Оваа кампања е доказ за колективната посветеност на Владата на Република Северна Македонија за зајакнување на ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на јавната администрација во нашата земја.
Јавната администрација е столбот на секоја нација. Обезбедува услуги кои им се даваат на граѓаните кои не само што треба да се ефикасни, туку и транспарентни и достапни.
Министерот кажа и дека предлог законите се веќе објавени на единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) каде сите граѓани, здруженија и останати засегнати страни можат да дадат предлози, сугестии и мислења по однос на предлозите.
Во рамки на кампањата “Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација”, Министерството за јавна администрација во партнерство со Центарот за управување со промени (ЦУП), и со поддршка на Британската амбасада и неговата екселенција, Амбасадорот Метју Лосон, и НЕТ фондот, организираат јавна дискусија за клучните предизвици со кои се соочуваат институциите од јавниот сектор во Македонија.
Првата јавна дискусија ќе биде организирана утре, 31 јули 2024 година.
Темите што ќе бидат номинирани од страна на Министерството за јавна администрација во јавната дискусија се:
За предлог Законот за вработените во јавниот сектор:
- подобрување на ефикасноста и ефективноста во управувањето со човечките ресурси,
- дорегулирање на постапката за вработување,
- ревизија на опфатот на законот,
- поедноставување на постапката за донесување на актите за внатрешна организација и актите за систематизација на работните места,
- воведување на унапреден концепт за донесување на годишниот план за вработување,
- дорегулирање на постапките за мобилност
За предлог Законот за административните службеници:
- дорегулирање и унапредувањето на моделот на вработување и управување со учинокот, темелени врз компетенции,
- поедноставување и доуредување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност,
- нов систем на пресметка на плата,
- дополнително мотивирање на вработените и
- унапредување на работата и стручните капацитети на администрацијата.
За предлог Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници:
- системски организиран процес во неформалното образование за чие спроведување за прв пат во историјата на нашата администрација ќе се формира Агенција за стручно усовршување
- обука на административите службеници кое во развиените земји – членки и членките на ЕУ одамна се смета за капитална инвестиција во човечките ресурси;
- примена на принципите на Единствен административен простор (ЕАП) во националната администрација согласно Уставот и законите на Република Северна Македонија, односно да се обезбедат знаења и вештини во администрацијата кои ќе се јакнат, надградуваат и развиваат, а во кои ќе бидат вградени принципите на ЕАП;