„Јомак Ком“, од гаражна работилница до производство на индустриска опрема за готвење. Оваа велешка компанија произведува индустриска опрема за готвење и преработка на храна по HACCP стандарди. Или како што велат нејзините сопственици: -Нашата палета опфаќа производи за професионални кујни изведени во електрични и плински варијанти: фритези, тостери, скари, аспиратори и неутрална опрема: работни маси, мијалници, сталажи...
Целата опрема се изработува од најквалитетни INOX челици, според мерки и димензии на корисниците. Паралелно спроведуваат и услуги за одржување на постоечките индустриски кујни и целосна реконструкција.


Произведуваме, монтираме , обучуваме


Доколку сакате да се  запознаете со основната дејност на оваа мала семејна производна компанија на нејзината веб страницата стои дека се занимава со производство на професионална опрема за угостителство, направена од најквалитетни INOX челици. А, место маркетинг промоција, пишува: „ Ние не сме фокусирани само да го продадеме она што ќе го произведеме. Нашиот принцип на работа е и да ја монтираме опремата што сме ја произвеле, да ги обучиме клиентите за правилно ракување со неа, а нудиме и 24/7 часовна поддршка и сервис за сите наши производи.“

„ЈОМАК КОМ“ дооел од Велес е  формирана во 2013 година во Велес како семејна компанија на Македонка и Видан Јованов. И како што вели Македонка, името е збир на првите букви од нејзиното презиме и име, ЈО и МАК. Идејата за отворање на погон за производство е на иницијатива на Македонка, која како хемиски техничар во тој период била невработена. По тој основ со кредит за самовработување, а имајќи го зад себе  знаењето и занаетот на нејзиниот сопруг Видан, храбрата идеја се остварила. Тие започнале со производство на мали професионални индустриски уреди.


Занаетот го „испеков“ во „Инокс електрик“


Приказната ја започна Видан. Тој раскажува дека по професија е електричар – односно електротехничар за автоматско управување на машини. „Во принцип мене ме привлекуваат занаетчиските работи од ваков вид- „чепкам“ уште од дете. Составував склопки, растурав и склопував мотори. А, имав и пример, татко ми беше електричар. Но, конкретно овој занает го научив додека работев во грчката компанија „Инокс електрик“ која беше отворена во кругот на поранешна „Свилара“. Таму започнав како општ работник, а стигнав до шеф на производство на одредени апарати. И за разлика од многу други одев на работа и учев, а не како некои нишај врата земај плата. Затоа и го научив занаетот. Почнав да работам на линија за производство на апарати на маса-мали скари, тостери, фритези, гироапарати. Подоцна станав шеф на таа линија и имав слобода да ги учам сите елементи одделно.

По седум години  останав без работа, бидејќи фирмата се затвори. Тогаш, одлучивме да  аплицираме за кредит за самовработување на име на мојата сопруга. И со тој кредит почнавме да работиме. Како работилница на почетокот ја користевме гаражата од 15 м2 во семејната куќа. Имавме еден апарат за заварување, дупчалка, брусилка, рачни алати...

„Јомак Ком“, од гаражна работилница, со оглед на алатот со кој располагавме најпрво започнавме да конструираме мали скари и работни маси, а репариравме и шпорети во угостителски објекти. На пример изработивме квалитетен шпорет по мерка на кујната во Прокредит академија. И секако се трудевме секојдневно да го зголемуваме кваилтетот, затоа што тоа беше основа за опстанок на нашиот семеен бизнис и за нашата егзистенција,“ раскажува Јованов.

Аналогно на тоа се зголемил и обемот на работа па, Јованови зеле простор за работилница од околу 80 м2 под наем во кругот на друга компанија. И користејќи комерцијален кредит ја купиле првата машина – апкан преса (за обликување) и машина за сечење на лим. По одреден период го промениле просторот во соседна компанија. И како се зголемувал обемот на работа, им се укажала можност да го купат просторот каде денес е позиционирана целата компанија. Работилницата опфаќа  околу 500 метри квадратни  во индустрискиот дел на градот околу комплексот УЗУС.

Процесот на производство- машински заокружен


Инаку какао што раскажува Јованов, тие вработиле уште едно лице уште кога за првпат изнајмиле простор за работилница, бидејќи сами со сопругата не можеле да постигнат.  А денес се вработени осуммина.

Со цел да го унапредат производството, односно да набават нова машина подоцна и Видан користи кредит за вработување – како самостоен субјект, но сепак во склоп на истиот процес на зголемување и усовршување на производството.

„Јомак Ком“, од гаражна работилница до производство на индустриска опрема за готвење

„Процесот на производство постепено, чекор по чекор го проширувавме и сега имаме машини за комплетно заокружување на процесот на производство за неутралната опрема.

Кај нас исклучиво се работи по нарачка – опремуваме еден кујнски систем во угостителската индустрија или во поголеми хали за готвење. Инаку наши стандардни производи што ги нудиме на пазарот како готов индустриски производ се фритеза, гироапарат, тостер, скара. Другите елементи се по мерка на клиентот.

Значи работиме по проект на инвеститорот, доколку го има, а ако нема ние му го подготвуваме. Кај нас во Македонија малку има вакви работилници. Работиме низ цела Македонија, а конкретно во Велес ги изработивме кујните на „Интернационал“, двете кујни на хотелот „Глориус“. Изработуваме и инсталираме плински системи и вентилации локално низ градот. Наместивме комплетни кујни во „Лихнидос“ во Охрид.

„Јомак Ком“, од гаражна работилница до производство на индустриска опрема за готвење

Јованова, која е задолжена за административните и финансиски работи, објаснува дека Видан најчесто зема мерки и го подготвува проектот. А, нивните обучени работници го сечат лимот според цртежите од проектот,  други ги обликуват, потоа ги завруваат, а на монтажа одат заедно.

Инаку, тие вработените сами ги обучуваат. „И се трудиме  луѓето да ги задржиме со плати – да воспоставиме таков систем на ефикасност. Целта ни е најмалата плата да биде околу 500 евра, сега не сме во можност, ама мајсторите земаат солидна плата, не се на минималец, далеку се од тоа . Но, секако крајната цел ни е да воспоставиме ефикасен систем на работа и солидна наплата на трудот,“ објаснуваат сопствениците на „Јомак Ком“.


Високотехнолошката машина ни овозможува побрзо производство


Секако како и кај другите претприемачи и сопружниците и колеги имаат проблеми со наплатата. Македонка објаснува дека практично тоа е најтешкиот дел. Затоа полека го менуваат и принципот на работа, со делумно  плаќање при склучување на договорот за изработка на проектот. Односно авансирање на средствата за материјалот и трошоците, а за делот за рака, односно заработката по целосно завршување и монтирање на проектот.

Нашата цел е задоволни клиенти, кои ќе го спомнуваат нашето име со секое користење на производите кои се изработени од нашата компанија.

-Сега кога сме на излез од кризата, за нас е најтешко. Лани кратко ја сетивме кризата. Користевме и субвенции од Европска банка за нова машина. Проект  ни беше одобрен преку ФИТР за кофинансирање за технолошки развој со  30 процентно сопствено учество. Затоа велат ако имаш издржан квалитетен проект и доколку се следат насоките голема е можноста да дојдеш до целта. Проектот за новата високотехнолошка машина ни овозможува побрзо производство. Всушност оваа ласерска машина по претходно дадени координати сама ги распределува цртежите, многу брзо го сече лимот и има помалку отпад. На пример, она  што тимот го изработуваше за два дена сега со ласерската машина се реализира за два часа. Вработениот само ги внесува цртежите и таа ги сече, објаснува Јованова.

Таа додава дека сега има понови апкант- машини  за обликување на лимот со различни ножеви за специфично виткање (апкант преса) за полукружно, дупло виткање.

Инаку, овие вредни и скромни сопружници кои се посветиле на својот занает велат дека во градот многумина не знаат дека има фабрика во Велес што го работи ова. Најчесто работта ја добиваат со препорака од муштерии ...

Во цел свет се живее добро од занает


Што се однесува до репроматеријалот, Јованови купуваат лим, лизгачи , лагери , ногарки, профили, едноставно она што не можат сами да го направат.

Иноксот го набавуваат како лим во табли од Грција. Всушност речиси сите репроматеријли што ги користат се увозни, само грејачите се со потекло од Македонија. „Лим и делови за плин купуваме од Грција и Турција. Додека од Австрија на пример купуваме делови за плински системи за плиноводи, “ дообјаснува Јованов.

„Јомак Ком“ поседува овластување за плинска инсталација и за домови и за поголеми производни објекти.

На прашањето дали во Македонија може да се живее добро од занает? Видан е дециден: „Во цел свет се живее добро од занает. Кај нас малку се изместени работите, но со повеќе труд и квалитетна работа, се живее.“

 

Нашата палета на производи се професионални единици за готвење  како тостери, фритези, скари во електрична и плинска варијанта како и неутрална опрема работни маси, мијалници , аспиратори како и разна опрема за преработка на храна по ваши потреби и димензии. Исто така ви ги нудиме нашите услуги во областа на одржувањето на вашите кујни или производствени системи и комплетно реконструирање. Вршиме комплетно реконструирање  на уредите  со промена на енергенс од струја во плин и обратно.

 

Во градот многумина не знаат дека има фабрика во Велес што го работи ова. Најчесто работта ја добиваме со препорака од муштерии ...

М. Балдазарска