ЈСП не може да преживее без пари. Kој како дојде на местото градоначалник на Скопје, ја менува идејата за решавање на јавниот превоз, кој е голем проблем на скопјани, особено во деновите со магла, со дожд, снег... Во такви услови се случува и по два часа човек да не може да помине од едниот до другиот крај на градот. Протестите на неколкумина пред собранието, собрани за инает на некого и на нешто – најчесто ни самите не знаат за што, се посебен проблем кој, во името на слободата и демократијата, никој не се ни осудува да го реши. Загубите во бензин и во време никој не ги пресметува, изгубената добивка, доцнењето на обврските  - тоа никому не му паѓа на памет.

Најнова вест е дека нема да биде продолжен проектот „Бас рапид транзит“ (БРТ), односно транвајот од Ѓорче Петров до Лисиче, туку ќе биде остварено предизборното ветување дека ќе се воведе бесплатен јавен превоз и набака на 250 еколошки автобуси за кои ни во кампањата не беше кажано прецизно од каде ќе се купат, колку ќе чинат и дали ќе го решат проблемот.

Пред изборите тие прашања никому не му текна да ги постави, бидејќи во предизборието приказните се голтаат како бајки и се сонуваат слатки соништа, типично за сиромаштијата што сонува дека новиот лидер веднаш ќе ја сврти темната страна на животот и ќе блесне светлата. Отуство на логика, изводливост, исплатливост, профитабилност?!

На таа карта се игра при ветувањата на фантазмагориите со цел да се одушеви малограѓанската лесноверност, чиј врвен  естетски интерес се циркуските претстави.

Да се организира јавен превоз бесплатно е НЕВОЗМОЖНО! Тоа им успева само на високо-развиените земји со огромни буџетски суфицити, кои не знаат веќе што да им прават на парите, и тоа тие го практикуваат само во некои свои градови, не во сите.

Можно ли е да купите нешто без пари? Можно ли е да ручате без пари? Да влезете в кино без пари?....

Да, има начин граѓаните да се возат бесплатно во скопскиот градски презвоз, но ако се финансира од некој буџет, а сите буџети во државава, Државниот, Здравствениот, Општинскиот, Образовниот итн, се од нашите пари! Сите буџети се со ограничен волумен, па затоа, од кој и буџет да се финансира „џабе превозот“, тоа ќе биде пак од наши пари. Ништо не е бесплатно и не може да биде!  Сеедно е дали ќе плаќаме билети во автобус или ќе се возиме без да платиме во авотбус, тоа МОРА ДА СЕ ПЛАТИ  преку некој од буџетиите на штета на општиот развој, односно тие пари нема да одат во развојот на некоја друга потребна инфраструктура.

Со претурање од шупливо во празно ќе си тапкаме, како што си тапкаме со децении поради додворување кон граѓаните за популарност и за власт. Значи, ветувањето дека скопјани ќе добијат бесплатен јавен превоз е економски неоддржливо; или ќе пропадне фирмата, или ќе банкротира градскиот буџет/каса, а тоа повлекува други економски последици.

Фирмата има тешки загуби, но градски превоз мора да има


Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ е формирано на  17 Јануари 1948 година. Секогаш било интересно претпријатие, живо, секојдневно, сраснато со улиците и со граѓаните, со сликата на градот, во разни форми и облици во зависност од марките автобуси што биле купувани и фрлани на отпад.

ЈСП не може да преживее без пари

Но, интересно е, дури неверојатно, тоа што пo осамостојувањето на Македонија немаме слушнато дека некогаш работело со позитивен биланс, иако патниците секојдневно во касата на тоа претпријатие уфрлаат милиони. Сите загуби досега ги покрива Градот. Наместо некој да вети дека тоа претпријатие ќе го направи рентабилно, ветувањето дека ќе го направи претријатие кое нема да ја наплаќа својат услуга значи негово уништување.

Фирмата има и трошоци, се работи за секојдневна амортизација, но и покрај толку пари, билансот никако да се искачи над нулата. Напротив, тешки загуби, но градски превоз мора да има.

Според последнот финансиски извештај за половината од оваа година (јануари – јуни 2021), ЈСП „Скопје“ бележи загуба од 140 милиони денари (околу два милиони и 300 илјади евра)

о Намалени вкупни приходи за 20,596.

о Зголемени вкупни расходи за 18,296 :

На 30 јуни оваа година ЈСП имало вкупно 379 автобуси од марките Санос, Ман, Лаз, Јутонг, Застава со просечна старост од 10 години, што претставува намалување за 11,7 отсто во споредба со состојбата од 2020 година ( 11,51 отсто).

Во истиот период ЈСП „Скопје“ има превезено вкупно 10,4 милиони патници и во споредба со истиот период од минатата година бројот на превезени патници бележи намалување за 969.867 патници или за 8,5 проценти.

Трошоците за резервни делови во овој период бележат пораст за 33 проценти или за 2,7 милиони денари, и тн. и тн....

Вработени

На 30.06.2021 година вкупниот број вработени во ЈСП „Скопје“ изнесува 1258, што е за 47 вработени или 3,7 отсто помалку во споредба со состојбата од минатата година (1.305 вработени).

Просечно остварена нето плата по работник во истиот период изнесува 25.416 денари и во споредба со истиот период минатата година бележи намалување номинално за 1,7 отсто.

 Билети

Факт е дека ЈСП издава многу билети со финансика повластица - на пензионери, ученици, студенти, месечни билети, колективни, за деца без родители итн., што е намалување на приходот, но со оглед на социјалната ситуација – мора да ги има.

Следното прашање е многу практично: од каде толку пари, за 250 автобуси, ако се знае дека еден еколошки автобус чини од 300 – 500 илјади евра??? Каде се нови сервиси – се работи за најавени автобуси со нова технологија, за која треба да се обучи нов кадар. Дали поради сето ова и поради нашата несистематичност, (првин набавка, па после  инфраструктура и база), новите автобуси ќе завршат на автобуските гробишта, како што многу бргу завршија кинексите „јутонзи“ со кои некогашните власти многу се фалеа и на нив напишаа  „ПОДАРОК ОД МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА“.

ЈСП не може да преживее без пари

За да се возат овие автобуси ќе треба да се вработат нови 500-600 возачи, ама ако се укине плаќањето автобуски билет, прашање е каде ќе се вработат, од каде ќе земаат плата, дали од Градското собрание?

Ако, се воведе беспланиот превоз во Скопје, први ќе настрадат билетарите, па контролорите, тие ќе настрадаат уште првиот ден, а потоа се’ ќе се урива како лавина.

Прашање е дали граѓаните што размислуваат со економски резон се согласуваат на ваков зафат. Чудно е како луѓето, кога се работи за домашниот буџет размислувззт поинаку, домаќински, рационално, а кога е во прашање државниот или градскиот буџет знаат само да речат „државата треба да даде пари за...“ Во овааа смисла Државата – тоа е буџетот, тој не е неограничен, тој не стига за многу основни потреби во образованието, во здравството, во локалната самоуправа, тоа што не стигна се зема од други доверители, но треба да се внимава, зашто ако се претера, ќе стапат на сцена „извршителите“.

ЈСП не може да преживее без пари. Зошто ЈСП работи со загуби и зошто градот ги покрива тие загуби.  Можеби цената на билетитие е ниска, но јавна тајна е и дека загубите се прават поради сомнителните набавки. Наводно ЈСП набавувуа  толку различни делови што е многу податливо за правење сомнителни зделки: реална и фактурирана цена! Има органи нека проверуваат, за тоа земаат плата!

Бране Стефановски