Најголемиот хакатон во светот организиран од страна на Американската агенција за вселенски истражувања (NASA) заедно со партнери и од други вселенски агенции „NASA Space Apps Challenge“ се одржува секоја година истовремено во 162 земји. Учесници се средношколци, студенти и млади претприемачи од целиот свет. Во 2021 година, 28 000 учесници креираа над 2 800 проекти решавајќи предизвици со кои се соочуваат Земјата и вселената.
Во Македонија натпреварот традиционално се одржува од 2013 година, во организација на „ЊуМенс Бизнис Акцелераторот“ и Фондацијата Голдилокс и со поддршка на домашни институции и компании, како и ментори експерти од индустријата и универзитетски професори. Досега над 1 500 млади таленти од нашата земја имаат земено учество.

Оваа година натпреварот во Македонија се одржува јубилејно по 10-ти пат од 30 - ти септември до 2 октомври 2022 година, и нуди многу нови можности и изненадувања. По повод 10 годишнината ќе нема возрасни ограничувања. Добредојдени се сите Space ентузијасти од најмлади до најстари. 2 члена од победничкиот тим на национално ниво ќе патуваат во NASA Kennedy Space центарот.
Пријавувањето за 10 годишното јубилејно издание на натпреварот NASA Space Apps Challenge во Македонија се уште трае.
Натпреварот во Македонија го иницираше и го води генералниот менџер на „Њуменс Бизнис Акцелераторот“, Ирена Чаушевска Даниловска, која има долгогодишно искуство во поддршка на млади таленти и претприемачи да го достигнат својот максимален потенцијал. Таа беше иницијатор за започнување на натпреварот и во повеќе држави од регионот, како и во Силициумската долина во САД во 2015 година.
Свеченото отворање на натпреварот ќе биде на 30 септември. Хакатонот ќе се одржува следните два дена, а на 4 октомври е предвидено да се одржи и финалето. Локацијата каде ќе се одржува хакатонот е Netaville во Скопје, најновиот ИТ Хаб на компанијата за развој на софтвер Netcetera Macedonia. Наградата за националниот победнички тим ќе биде патување во NASA Kennedy Space центарот за два члена од победничкиот тим, придружени од нивниот ментор. За годишеното издание на NASA Space Apps Challenge се пријавени 22 предизвици, кои може да ги погледнете тука.
Дипломците по Мехатроника на Машинскиот Факултет во Скопје - Тијана Костовска и Климент Младеноски од Охрид, кои го предводеа минатогодишниот победнички тим од Македонија TeamySeed, Тијана и Климент, неодамна се вратија од двонеделна посета на NASA Kennedy Space центарот во Флорида, САД. За време на посетата имаа можност од блиску да се запознаат со животот на астронаутите во вселената и на меѓународната вселенска станица, видоа приемерок од легендарниот Space Shuttle глајдер вратен од мисија, како и примерок од Saturn 5 ракетата долга дури 110 метри што е еднакво на зграда од 36 спрата, која е поставена во легната положба и раздвоена по секции за да можат идните инженери одблиску да се запознаат со методологијата на изработка. Тие имаа и ретка можност да го проследат и враќањето на реупотребливата ракета на SpaceX на пристанишетото Cape Canaveral.