Сето ова време, од почетокот на пандемијата, па досега, во екот на украинската криза и во сите нејзини контексти   поврзани со цената на нафтените деривати, чие поскапување резултира со висока инфлација, речиси во целиот свет, најмалку се слушаше името на ОПЕК. Овој нафтен картел се очекуваше да реагира со зголемено производство за да го стабилизира пазарот, по нарушените текови на понудата, по замрсените патишта на снабдувањето со нафта и со гас на целиот свет, особено на Европа, на чија „територија“ се води војната.   

Но, спротивно на тоа, пред 10-ина дена се слушна тоа име,  ОПЕК + (групата на најголемите производители и извознички на нафта) се огласи со одлука за намалување на производството, што могу стресно одекна во целиот свет, затоа што тоа значи зголемување на цените на суровата нафта на светскиот пазар, а со тоа - закана за глобална рецесија. Вистинскиот недостаток на пазарот на нафта веројатно ќе биде околу милион барели дневно.

Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) смета дека силното влошување на економските можности и повисоките цени, предизвикани од групата OPEK за намалување на испораката, ќе ја забави светската побарувачка за нафта, што значи и помала продуктивност на тие што во својот инпут ја користат нафтата. Со постојани инфлациони  притисоци и зголемување на каматните стапки, што го земаат данокот, повисоките цени на нафтата можат да се прикажат како фактор што ќе и пресуди на светската економија, која веќе е на работ на рецесија.

Намалувањето на производството од страна на ОПЕК +  укажува на политичка одлука на Саудиска Арабија, најголемиот светски извозник на нафта и лидер на оваа  организација.

Реакција на Америка

Реакција стигна од Америка: американскиот претседател Џо Бајден рече дека ќе има „последици“ во односите со Саудиска Арабија, не прецизирајќи какви. Иако Ријад ги отфрла критиките дека овој потег е политички и дека има за цел да го балансира пазарот и да ја ограничи нестабилноста, сепак одлуката мириса на одбрана на интересите на Русија, која не е членка на ОПЕК +, но е нејзин „дописен член“. Американските демократи велат дека Саудиска Арабија донела лоша одлука да застане на страната на Русија.

Реакција на ЕУ

Европската унија го поддржа планот на групата 7 за воведување на горната граница на извозните цени на руската нафта, во рамките на новите глобални санкции кои имаат за цел да ги намалат приходите на Москва за финансирање на војната во Украина.

Но, санкциите секогаш, во секоја криза, имаат 2 острици, што подразбира дека солидарноста на ОПЕК со рускиот извоз, односно против санкциите на светот, и натаму ќе ја качуваат цената на суровата нафта. 

Русија бара нови пазари. И покрај војната во Украина и санкциите од западните земји кои сакаат да ја намалат зависноста од руската нафта, Москва очекува нејзиниот извоз на нафта да се зголеми оваа година, потпомогнат од промената на испораките на нови пазари. Руските нафтени компании успеаја да се преориентираат на нови пазари и да отворат нови логистички врски, а исто така најдоа и нови механизми за плаќање, вклучително и транзиција кон националните валути. Па така, руските официјални лица инфромираат дека извозот ќе биде поголем за околу 8 проценти. Тие тврдат  дека Русија го префрлила фокусот на продажбата на нафта од Европа кон азиско-пацифичкиот регион, но и кон Африка и Латинска Америка.