Вработен или не, важно е секој работоспособен човек да изгради сопствен бренд. И тоа треба да се прави полека, секој ден. Без разлика дали работите за себе или за некој друг, постојат неколку добри начини да го изградите вашиот личен бренд, без разлика каде работите.

1. Приклучете се на професионални групи
Треба да го направите ова онлајн и во живо. Понудете се да ја претставувате компанијата на блиски деловни настани, а ако и самите сте сопственик на бизнис, вклучете ја во неколку мрежни групи.
Приклучете се на групи поврзани со вашата професија, преку социјалните мрежи и други веб-страници. Многу е важно да учите од други стручњаци, и притоа да ги подобрувате сопствените вештини и односи со луѓето во индустријата.
2. Искористете го максимумот од деловните конференции
Некои вработени на деловните конференции гледаат како на задачи, и тоа досадни. Меѓутоа, ваквите настани се жаришта за создавање деловни контакти, за учење и можности за напредување.
Најдете време навистина да ги запознаете луѓето на конференцијата и најдете начин да го проширите вашиот личен бренд додека сте таму.
Каде на друго место би можеле да наидете на толку многу истомисленици од вашата професија во исто време?
Гледајте ги конференциите како можност да избегате од вашето работно место на неколку часа или денови. Искористете ги сите придобивки што ви ги носат.
3. Започнете блог
Секако, нема многу смисла да отворите блог ако работите како хирург во болница, но во одредени професии тоа може да биде одличен потег.
Ако сте сопственик на мал бизнис, блогот може да биде особено корисен. Редовното блогирање ќе ви помогне на следниве начини: прво и основно, ќе станете експерт во областа за која пишувате.
Ќе стекнете препознатливост (лице и глас), што секако е привлечно за потенцијалните клиенти и вработени.
4. Носете визит-картички
Многумина ќе речат дека визит-картичките се застарени, но токму тоа ги прави шармантни.
Физичкото парче хартија со вашите контакти е многу поличен од менувањето на вашата е-пошта или телефонски број.
Ако добиете визит-картичка од некого, испратете му е-пошта во следните неколку дена и зачувајте го тој контакт за идна референца.
5. Однесувајте се професионално на интернет
Има неколку случаи во кои вработени биле отпуштени поради несоодветни објави на Интернет. Се разбира, тоа се крајности, но треба да бидете свесни дека секој потег што го правите на Интернет е забележан.
Размислете пред да почнете да кажувате нешто негативно, контроверзно, политички наелектризирано или грубо на вашите профили. Дали таа содржина може да му пречи на вашиот иден успех или безбедноста на вашата моментална работа? Ако е така, подобро прескокнете го постот и држете се до понеутрални работи, да речеме уметност.
6. Читајте, коментирајте и споделувајте туѓи дела
Преку социјалните мрежи следете ги стручните совети во вашата област и активно поддржувајте ја работата на специјалистите од дадена област. Ова може да биде со лајкување или коментирање на Фејсбук, ретвитирање или споделување линкови на своите профили.
Понекогаш можете дури и да ги автоматизирате таквите активности.
Со читање на туѓите искуства, ставови, мислења и трудови ќе останете информирани. Со комуникација со нив, ќе ја подигнете и вашата репутација.
7. Волонтирање
Чесно е да ѝ се оддолжиме на заедницата преку волонтерска работа, а освен тоа, волонтерството ви користи на огромен број други начини.
Не се ограничувајте само на вашата професија. Побарајте каква било волонтерска можност што се усогласува со вашите лични вредности.
8. Разговарајте со странци
Дали знаевте дека Американците колективно трошат 37 милијарди часа годишно чекајќи во ред?
Така, поминуваме часови од животот чекајќи ред, чекајќи нешто да се случи, некој да се појави. Зошто да не го искористите тоа време за да разговарате со личноста до вас? Лично, често користам такви можности. Научете колку што можете повеќе за луѓето. Никогаш не знаете дали ќе им требаат вашите деловни услуги или производи.
Дури и да не склучите деловен договор, средбата со други луѓе го збогатува вашиот дух, а преку комуникација подобро го запознавате светот.
9. Објавете ги најважните работи поврзани со вашиот бизнис
Иако вашите пријатели и семејството не сакаат постојано да слушаат или гледаат реклами за вашиот бизнис на нивните социјални страни, понекогаш е добро да го спомнувате тоа.
Зачувајте ги ваквите објави за моменти кога во вашата работа се случуваат важни, интересни нешта, на пример кога лансирате нов производ или сте наградени на некоја саемска манифестација. Од време на време, линкувајте го вашиот сопствен блог и други страници на кои професионално учествувате.
И покрај тоа што не сакате да ги преоптоварувате вашите познаници со сопствената работа, важно е да им објасните со што се занимавате и одвреме-навреме да ги потсетувате колку сте добри во тоа.
10. Ширете позитивност!
Ако на луѓето постојано им испраќате впечаток на негативност; ако постојано зборувате за тоа како ја мразите вашата работа, вашата кариера, дека лошо ви оди и слично, тие ќе се оддалечат од вас.
Бидете позитивни и професионални, личност со која другите би сакале да соработуваат и вашата кариера ќе цвета.
Исто така, важно е да не дозволите удобноста да ве надвладее. Немојте да бидете задоволни со вашата моментална позиција - продолжете да го градите вашето име во професијата и постепено подигнете го вашиот личен бренд.
Без разлика дали се стремите кон унапредување или поголема видливост на вашиот бизнис, секојдневната позитивност ќе ви помогне да се промовирате, краткорочно и долгорочно. Сега знаете како да изградите личен бренд, но запомнете: потребен е секојдневен труд.