
Веста дека култното дело на црногорскиот владател, владика, мислител и поет – Петар Петровиќ Његош – „Горски вијенац“ е објавено во форма на стрип, подеднакво ги воодушеви и љубителите на стрипот, и тие кои ја сакаат литературата, бидејќи ова е едно ново, поинакво исчитување на Његош, кој стиховите ги има напишано во 1846 година. До сега стрипот се продаде во повеќе од 2.000 примероци.
За жал, во Скопје не може да се купи. Се распрашавме на неколку места каде се продаваат стрипови – и го немаше. Единствено, постои можноста да се нарача од Белград...
Кога ќе се искомбинира образованието, водечкото место во училиште, љубовта кон стрипот и татковината, производот е - „Горски вијенац“, ни помалку ни повеќе туку во стрип-верзијата. Илија Мировиќ, воспитувач и долгогодишен директор на Основното училиште „Горња Варош“ во Земун, е еден од креаторите на дело за кое малкумина сметаа дека е воопшто е можно да се направи.
Петар Петровиќ Његош „Горски вијенац“ го напиша во 1846 година, а 174 години подоцна, модерната верзија пристигна пред читателите, дизајнирана од двајца пријатели од Црна Гора.

Предраг Роќеновиќ и Илија Мировиќ отсекогаш сакаа да направат црногорски стрип. Првичната идеја беше монографија на црногорски стрип, сè што се случува во тој регион, но едногласно беше одлучено да се направи „Горски вијенац“.
- Со години, стиховите на Његош будат во нас најубавото чувство. Мислите што ги извлече од народната мудрост и ги претвори во уникатен состав, инспирираа генерации со децении. Исто така, бевме охрабрени да научиме дека повеќето ученици на училиште не ја читаат оваа книга, најмногу поради недостаток на разбирање на архаичниот јазик.
Мировиќ уште смета дека сликовната презентација ќе им го приближи делото на огромното мнозинство читатели и ќе овозможи полесно разбирање и на текот на дејството, и на мудрите мисли со кои е испреплетен целиот текст.
Авторите, по завршената работа знаат дека воопшто не беше лесно да се започне ваков проект. Оваа идеја беше отфрлена од некои познати стрип-уметници уште на почетокот, со назнака дека е невозможно да се направи. Сепак, Геза Шетет веднаш го прифати предлогот.

За два месеци беа создадени првите табли, т.е. страници. Сè одеше во вистинската насока, а Шетет беше толку воодушевен што веднаш по завршувањето на познатото црногорско дело, тој го направи и стрипот „Луча микрокозма“, кој ќе ја види светлината на денот кон средината на оваа година.
Познатиот стрип-автор, Миодраг Ивановиќ Микица му се приклучи на тимот што го создаде „Горски вијенац“. Тој го даде својот печат додавајќи го таканаречениот раскошен туш во цртежите на Шетет направени со молив.
На овој начин беа создадени мали уметнички дела на секоја страница од стрипот. Поради различните стилови на овие двајца уметници, издавачите дојдоа на идеја да направат две изданија, кирилица и латиница, со различни цртежи.

За ликовите во „Горски вијенац“, Шетет имал многу интересни идеи. Воден од чувството, додека ги читаше стиховите, Павле Вујисиќ, Вук Драшковиќ, Моника Белучи, веќе добија улоги во неговите визии.
Постојат неколку сцени кои ќе бидат променети во следното издание. Шетет никогаш не бил во Црна Гора, па затоа не е запознаен со нејзините предели, ниту со архитектурата во некои од градовите споменати во делото.
Насловната страница за кириличното издание ја наслика Жељко Пахек, познат српски стрип цртач и карикатурист, додека делото на Ивановиќ е на латиничното издание.
Рецензијата за „Горски вијенац“ ја направи уште еден обожавател на оваа поема - Раде Перовиќ, чијашто збирка вклучува дури 500 различни изданија на бисерот на Његош.
И покрај откажаните манифестации поради пандемијата, каде стрипот требаше да биде претставен пред пошироката публика, од октомври минатата година се продадени безмалку 2.000 примероци, околу 1.500 на кирилица и околу 300 на латиница.

Со оглед дека Његош пишуваше на кирилица, не е изненадувачки што повеќето луѓе бараат копија токму на ова писмо.
Стрип-изданието на „Горски вијенац“ тежи дури 1,5 килограми. Некои од примероците, како последица на големата љубов кон делото и кон стрипот, веќе заминаа преку океанот, до Америка...