На падините на планината Водно, на само нецели 10 километри од урбаната
мешавина на Скопје, повторно се отвори вратата кон автентично македонско
искуство – комплексот „Македонско село“.
До оваа уникатна дестинација може да се стигне и со јавниот превоз. ЈСП Скопје
нуди бесплатен автобус на линијата 28 (Транспортен центар – Нерези/Македонско
село), што ја прави посетата достапна и за оние кои немаат автомобил. Иако, оваа
автобуска линија во пракса е многу ретка. Доколку сакате да стигнете до таму
автомобил, ќе платите карта од 100 денари на час, бидејќи просторот е
сопственост на Македонската православна црква.
Позади големата дрвена порта на влезот, комплексот ќе ве пречека со атмосфера
што ја носи духот на македонските села од 19 и 20 век.
„Македонско село“ кое беше затворено цели седум години, повторно ја отвора
својата врата под раководство на новиот концесионер „Ла Тераца“. Овој нов
сопственик ветува модерна туристичка понуда, обнова на целата инфраструктура
и промоција на македонската традиција и култура.
Концесионерот се задолжи пред државата да ги преземе сите активности за
оспособување и функционирање на комплексот, вклучително и организирање на
културни настани, работилници и промоции.

Во „Македонско село“ посетителите можат да ги истражат 12 автентични куќи,
секоја инспирирана од различни региони на Македонија – од Битола, Прилеп,
Велес, Струга, Галичник, Река, Скопска Црна Гора, Кратово, Берово, Делчево,
Куманово и Тетово. Секоја куќа е изградена од природен камен и дрво, со
етнографски елементи и стилски детали кои го одразуваат духот на секој регион.
Внатре, гостите можат да ги посетат работилниците за македонски занаети – од
ткаење, керамика, обработка на дрво, до сребреништво и грнчарство. Исто така,
во комплексот се наоѓа етнолошки музеј, каде што може да се дознае повеќе за
историјата и традицијата на македонскиот народ.
Новиот концесионер се обврзува да ги врати на сцена сите активности и услуги
што некогаш го правеа „Македонско село“ уникатен. Гостите ќе можат да уживаат
во две ресторански објекти – еден традиционален ресторан и еден ресторан со
посовремена кујна, како и бар за освежување. Во текот на летото се очекуваат и
новитети – отворање на винарска визба, мал спа центар и фарма со домашни
животни, што ќе го надополнат искуството за најмладите посетители. Комплексот
нуди и сувенир продавница, пазар со локални производи и простор за разонода и
забава за децата и возрасните.
Во врска со сместувањето, „Македонско село“ располага со околу 45 до 49 соби,
распоредени во 12 куќи, со вкупен капацитет од околу 95 до 100 гости. Собите се
опремени со современи удобности – мини бар, фрижидер, кафено апаратче,
сателитска телевизија и бесплатен интернет, што го прави престојот удобен и за
оние кои сакаат да останат подолго време. Влезот во куќите и работилниците е
дозволен за сите посетители, а најдобро е да се посети комплексот во текот на
денот, за да се искуси целата атмосфера и сите активности.
Месечната кирија на концесионерот за комплексот е околу 3.500 евра, а закупот на
целиот објект беше понуден со почетна цена од 240.000 денари годишно.
Симболично, реотворањето на „Македонско село“ значи повеќе од само враќање
на еден туристички објект – тоа е враќање на дел од македонската идентитет и
традиција. Очекувањата се големи – „Македонско село“ треба да стане една од
главните туристички атракции во Скопје, место каде што историјата, традицијата и
современоста се спојуваат за да создадат нешто уникатно и незаборавно.
Во следниот период, се очекуваат и првите културни настани.