Канцелариите ќе опстанат, но нема секој да има своја работна маса. Работата од дома за време на пандемијата ги воодушеви некои, додека други се уморија. Работодавачите сфатија дека можат да заштедат многу со намалување на канцеларискиот простор, и тоа многумина го спроведоа. А, во меѓувреме се градат и „антивирусни“ деловни згради.
Канцелариите ќе опстанат, но нема секој да има своја работна маса
Пандемијата покажа дека е генерално можно да се работи од дома кога станува збор за канцелариска работа. Некои беа многу воодушевени од ваквиот начинна работа, што објавија дека одењето на работа е застарен модел. Но, ваквата констатација беше прерано донесена.
„ Канцелариите ни се потребни како еден вид модерен логорски оган околу кој треба да се собереме - за лични контакти, совети за кариера и размена на информации“, вели Кава Јуноси, менаџер за човечки ресурси во големата германска софтверска компанија САП.
Иако стапката на вакцинација напредува, а заклучувањето е минато, ништо не е исто како пред пандемијата. Компаниите масовно го усвојуваат хибридниот модел, при што вработените работат неколку дена во канцеларија, а неколку од дома.
Канцеларија на иднината- седи каде има слободно место
Како пример за канцеларија на иднината може да се земе ДЗ банка во Франкфурт, која е сместена во облакодер на 28 -ми кат. Таму веќе нема секој свое место - се бара биро секој пат кога ќе дојдете на работа. Банката ова го нарекува концепт на „чисто биро“.
„Вработените што доаѓаат можат да се најават на секое работно место и веднаш се подготвени за работа“, велат во банката.

Работните места сега се прилагодени на видео конференции. Мобилната камера и таванските микрофони ја олеснуваат комуникацијата со колегите што седат подалеку во канцеларијата или дома.
И туристичката компанија ТУИ прави нешто слично, користејќи заеднички работни маси. Овој огромен тур -оператор од Хановер обезбеди само 1.700 работни места за 3.000 вработени во седиштето, пресметувајќи дека многумина ќе работат од дома секој ден, пишува Дојче веле.
И не само од дома. Бидејќи таканаречената домашна канцеларија значи дека работодавачот му обезбедува на работникот работна маса, стол, компјутер, телефон и сe друго што му е потребно за да работи од дома. Многу работодавачи прибегнуваат кон концептот на „мобилна работа“. Тоа значи да не се контролира од каде работи вработениот, но и да мора да ги користи сопствените ресурси.
Предноста на тоа е што навистина не мора да бидете дома, туку можете, да речеме, на море. Така ТУИ наведува дека секој има право да работи најмалку 30 дена во годината, од каде што сака. Шефот на компанијата, Фриц Јусен, зборува за „култура на доверба“, која е поважна од физичкото присуство на работното место.
„Мобилна работа“-погодна за заштеда
Но, алтруизмот обично не е првиот мотив на големите фирми. Како што пресмета списанието Шпигел во претходната анализа, во големите градови квадратен метар канцелариски простор чини 20 до 25 евра месечно, а на секој вработен (вклучувајќи ходници, тоалети и заеднички простории) отпаѓа околу дваесет квадратни метри.
Намалувањето на канцеларискиот простор и испраќањето луѓе на „мобилна работа“ е погодна можност за заштеда.
Според консултантската компанија PwC, дури 60 проценти од германските компании планираат да го намалат просторот - во просек за една петтина. Оние кои ги поседуваат своите згради можат да изнајмат дел од канцелариите на некој друг.
Т-системи, една од подружниците на Телеком, исто така се потпира на таканареченото споделување на биро. Речиси секоја четврта зграда на оваа компанија во Германија е затворена.
Канцелариите ќе опстанат, но нема секој да има своја работна маса
Сето ова нема да израдува многу вработени кои се навикнати да имаат свое постојано катче, документи, други потреби - и секогаш исти колеги - на дофат на раката. Но, Стефан Лејмбах, кој ги советува компаниите за купување деловни простории, студено вели дека канцеларијата со сликите на сопружниците и биро е мртва. „Домашната канцеларија е економична само ако работните места се поделени“, смета тој.
Оправданоста за овој чекор ја гледа и Кава Јуноси од САП. „Класичните индивидуални канцеларии ќе бидат исклучок“, вели таа. Како и да е, како што тврди, во моментов 90 проценти од вработените во софтверскиот гигант работат од дома, а 86 проценти изјавиле дека сакаат хибриден модел на работа и во иднина.
GreenGate - антивирусна зграда
Како да се оправдаат големите канцеларии каде што луѓето постојано се менуваат во пандемија? Оние што го поддржуваат концептот велат дека постојат начини, како што е поголемо растојание помеѓу масите.
Или дури и изградба на „антивирусни“ згради, како што е проектот Грингејт (GreenGate) зграда што се гради спроти седиштето на Дојче Веле во Бон. Се нарекува „прва канцелариска зграда во светот заштитена од вируси“. Други би рекле дека тоа е чиста филмска дистопија.
Камерите на влезот ќе проверат дали некој има температура - ако има, вратата останува заклучена. Рачките и копчињата во лифтот се обложени со антимикробни материјали. Во тоалетот, се функционира на сензор, без допирање. Но, како што пишува Зидојче цајтунг, срцето на оваа зграда е напреден систем за прочистување и јонизација на воздухот.
Инвеститор е Марк-Хенрик Азбек, снаодлив бизнисмен кој отсекогаш имал идеи еден чекор пред сите. На пример, за време на војната во Босна, тој изнајми оклопни возила на западните новинари, пренесува Б92.
Идејата за „антивирусна“ зграда настанала уште пред појавата на короната - поради грип. Објектот од осум ката ќе чини околу сто милиони евра, а просторот за изнајмување 30 евра по квадратен метар. Скапо? „Кога поради бранот на грип голем број на вработени ќе изостанат, тогаш тоа е многу поскапо за работодавачите, смета инвеститорот на оваа зграда.