Каролина Гочева продолжува со нов албум, заедно со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски.

- Мислам дека веќе можеме да си дозволиме да споделиме и по некоја убава вест – напиша поп-ѕвездата на својата фејсбук-страница, и дополни:

- Многу се радувам што конечно можам да Ви го најавам мојот нов албум - проект на кој заедно со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски работевме скоро две години.

Албумот го снимивме на почетокот на оваа година, во јануари, додека идејата за истиот се роди уште во 2016-та, после нашиот прв заеднички настап, на еден концерт на Дуке.

Избравме и преработивме 11 од најубавите македонски евергрини од 50ти, 60ти, 70ти години - златната ера на македонската музика, потпишани од некои од нашите најмаркантни автори Драган Ѓаконовски Шпато, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев, Љубомир Бранѓолица...


За неколку дена ќе може да се слушне првиот сингл ,,Идила”, додека целиот албум ќе биде достапен наесен.
Секако дека планираме и нестрпливо го чекаме денот кога со вас ќе се дружиме и во живо, што ќе се случи во прва прилика штом ќе може да се работи онака како што се работеше до пред појавата на пандемијата. Се надевам дека ќе уживате во овој проект толку колку што и ние уживавме во целиот процес на неговото создавање.

Во меѓувреме, погледнете мала најава за ,,Идила” – напиша Каролина.

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=NAHqqx6C8-s[/embed]


Од продукцијата на Каролина, Авалон продукција, напишаа:
- Генијалноста на Дуке која се проткајува аранжмански низ сите единаесет нумери преку композицискиот јазик и пијаното, совршениот вокал на Каролина и импровизациската моќ низ кларинетот на Исмаил, се идеална комбинација за уште едно одлично издание кое веруваме дека ќе предизвика огромен интерес кај сите љубители на овој жанр, но и за пошироката публика. Албумот се снимаше во јануари годинава во Македонската филхармонија.