На 10-ти август со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде прикажан вториот краток филм за „Старо Скопје“ – „Раѓањето на градот”, чиј автор е Катерина Габунија, а носител на проектот НУФЦ Вардар Филм – Скопје.

Филмот ќе биде прикажан  во склоп на фестивалот на нем и класичен филм кој за прв пат ќе биде организиран во соработка со Кинотеката и здружението Кино Балкан.

Проектот „Тајните архиви на Скопје - Раѓањето на градот” е инициран, режиран и координиран од Катерина Габунија, монтажата и изборот на музика е на Мартин Никлески, дигитализацијата и дигиталната обработка на Александар Трајковски и дизајнер на звук Сашко Потер Мицевски.

Пред премиерата, на оваа тема разговаравме со Катерина Габунија.

Во пресрет на премиерата на вториот краток филм за „Старо Скопје”, „Раѓањето на градот”, чиј автор сте Вие, а за кој снимки донираа скопјани кои сочуваа нешто во своите архиви, би ве прашал од каде идеја за еден ваков проект?

- Идеата за еден ваков проект произлезе од желбата да се зачуваат спомените за Скопје и скопјани, односно зачувување и архивирање на културното наследство на градот. Осум и супер 8 мм филмски ленти секојдневно стареат и се дегенерираат. Доколку не бидат дигитализирани за неколку децении ќе бидат неупотребливи а тоа значи дека многу архиви од Скопје и скопјани ќе бидат изгубени. Мотивот за реализација на ваков проект беше уште поголем  поради желбата да ги зачувам и архивите на моите блиски. Едноставно работите се нижеа сами.


Лани имавте јавен повик до скопјани и сите кои поседуваат снимки во своите архиви за старо Скопје, да ви ги испратат. На каков одек наиде повикот, и какви беа материјалите кои ви беа доставувани - во техничка и од уметничка смисла?
- Заинтересираноста кај граѓаните на вториот јавен повик беше многу поголема. По премиерата на првиот дел, уште пред да пуштам повик, веќе имав добиено филмски ленти. Собрав навистина доста материјали. Од технички аспект, поради начинот на чување но и самата старост на лентите (имав собрано ленти стари 40, 50 па и 60 години) дел од лентите беа  уништени или неупотребливи но сепак успеавме да извадиме прекрасни снимки од едно заборавено и старо Скопје. Сепак се работи за аматерски снимки и уметничкиот аспект е индивидуален.


Колку Вас лично ве допреа снимките на тие луѓе? Колку нивната лична приказна ја навигираше Вашата појдовна идеја за ваков филм?
- Верувајте дека со секоја фамилија емотивно се поврзав, во секоја приказна емоциите преовладуваат. Најтешко ми паѓаше кога морав при монтажа да исфрлам одредени делови и да го скратам материјалот. Протагонистите се моите јунаци! Јунаци на едно време, јунаци на еден град што за жал не го препознаваме повеќе.

Секако, приказната на видео колажот зависи токму од лентите кои ги добивам. Снимките, преплетени со музиката од пред половина век  ја водат и создаваат оваа филмска сторија.


Со оглед дека е во план и третиот дел, и новиот јавен повик, останува прашањето дали, сепак, нешто остана од веќе пристигнатите снимки, или за третиот дел се потребни и нови материјали? Какви се Вашите очекувања, што посакувате да ви биде испратено?
- За жал, поради пандемијата не успеавме да ги дигитализираме сите ленти кои ги добивме на вториот јавен повик. Појдовен материјал имаме, но сепак за успешен и квалитетен проект потребни се уште материјали. Ми недостасуваат снимки од Скопје (трагам по чаршијата, најстарото скопско маало Чаир, Калето, но и би сакала повеќе материјали од ноќниот живот на скопјани, како се забавувале...)


Гледајќи ги материјалите на старо, прекрасно Скопје, имате ли чувство дека еден момент го изгубивме Градот? Или, само му ја земавме душата?
- Нашето Скопје, не можеме да го изгубиме. Тоа е во секој од нас. Во право сте кога велите дека му ја земаме душата. Хаосот и темпото на живот не прави незаинтересирани да зачуваме нешто толку значајно. Овој проект е мојот подарок за градот. Мојот начин да му вратам едно - мало  делче од душата.


Каква е понатамошната судбина на Вашиот серијал со архивските снимки за Скопје? Можеби некој соодветен фестивал?
- Серијалот, „Тајните архиви“ ќе продолжи се додека гледам заинтересираност кај граѓаните и институциите кои го препознаваат проектот како квалитетен и сакаат да се дел од него.

За фестивалски прикажувања ќе покаже времето. Првиот дел на архивите требаше да биде прикажан на Доку Фест но за жал поради пандемијата не бевме во можност да одиме и да го прикажеме материјалот.

Вториов дел своја премиера ќе има токму на Фестивал. „Раѓањето на градот“ ќе биде прикажан на отварањето на Фестивалот на нем и класичен филм кој го реализираат Кинотеката на Македонија и здружението Кино Балкан.


 

Иван Беќковиќ