Кибернетски двојници: револуција во работата и меѓучовечките односи. Јапонија е лулка на концептот на „теле-егзистенција“. Концепт во кое човекот, преку својот робот-заменик, присуствува на состаноци и други настани. Односно работи и извршува социјални обврски од далечина. Овие кибернетски двојници наскоро ќе влезат во масовно производство. А, во блиска иднина веројатно радикално ќе го променат начинот на живеење и работа на луѓето.

Kонцепт на „теле-егзистенција“


Човештвото во блиска иднина сигурно очекува, или, можеби може да се каже, дека му се закануваат фундаментални промени во животот. Промени што ги наметнуваат новите технологии во областа на роботиката и вештачката интелигенција.

Дел од длабоките и неповратни трансформации во работата, организацијата на општеството и во меѓучовечките односи несомнено ќе донесе реализацијата на концептот на „теле-егзистенција“.  Идеја дека човекот на работа или на состанок може да биде претставен од неговиот личен робот. Машина, која благодарение на камерите, микрофоните и сензорите, на својот сопстевник од далечина му ги испраќа не само визуелни и аудио информации (слика и звук), туку и тактилни стимули, со што се создава чувство на допир. Односно, пружа впечаток на присуство на место кое може да биде оддалечено стотици и илјадници километри.

Ова би била коренита промена. Или кажано со други зборови, ова би значело дека човек може да остане во својот кревет, во пижами, небричен и нечешлен, а во исто време, преку устата и рацете на неговиот заменик робот, да присуствува на деловен состанок, да одржи демонстрација, говор или предавање, а неговиот изглед и состојба воопшто нема да се забележат.

Неограничени можности


Можностите за поседување на кибернетски сурогат, всушност се речиси неограничени. Како прво, бидејќи сопственикот на таков робот практично би постоел на две места.Односно би уживал во двојно постоење, кое се состои од тоа вистинското, традиционално и новото, далечинско, односно „теле“ постоење,  така што би можел да врши повеќе работа.

Тој може, на пример, да работи во една канцеларија на неговиот компјутер и во исто време да посетува часови во училиште за јазици преку роботот. Или да учествува во преговори со партнери кои се во друга зграда, град или држава.

Роботот-двојникот не само што ќе му овозможи да изврши повеќе работи, туку на својот сопственик и значително ќе му заштеди напор и време потребни за патување, како и облекување и дотерување.

Исто така, може значително да се намали стресот и конфликтите во семејството, бидејќи тоа ќе му овозможи на неговиот сопственик да присуствува на некои емотивно важни настани за семејството. На пример, спортскиот натпревар на неговото дете, што инаку би го пропуштил заради работните обврски. Седејќи на трибините на стадион, сопственикот може да користи опрема за виртуелна реалност и да се вклучи во преносот што го емитува неговиот кибернетски двојник од компанијата. На тој начин од време на време може да го слуша разговорот на другите присутни (претставници -роботи) на неговото работно место.

 Сурогат-роботите би можеле да значат многу за неподвижните или болните луѓе, кои преку него можат да купуваат, да работат или да учествуваат во спортски манифестации или да „присуствуваат“ на места до кои инаку би било тешко или невозможно да дојдат.

Таквите машини, човеколики роботи кои се управуваат далечински и кои преку виртуелна реалност го пренесуваат и чувството на допир, се разбира, може да се користат и при вршење далечински медицински операции, во индустриското производство и отстранување на опасни материи…Па дури и да помогнат во освојувањето на груби или недостапни предели за луѓето. На пример, учествувајќи во вселенски експедиции на Месечината или на Марс.

Иднина,  што веќе е тука


Во Јапонија, од каде потекнува креаторот на концептот на „теле-егзистенција“, професорот во пензија Сусуму Тачи, започнуваат последните подготовки за реализација на оваа револуционерна идеја. Компанијата „Телексистанс“ (Telexistence), предводена од овој искусен електроинженер, во моментов експериментира со својот прототип на кибернетски двојник во реални услови.

Имено, далечински управуваниот робот-сурогат на таа компанија, познат под едноставната етикета „Model T“, минатиот месец започна со пробна работа во супермаркет во токиската област Такешиба, кој припаѓа на големиот ланец продавници „Лоусон“ (Lawson).

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=UxWH5XAcFnM&feature=emb_logo[/embed]

Тој на одрењден период часови,  поставува спакувани сендвичи, слатки, шишиња пијалоци и други производи на полиците и супермаркетите на приземјето на новоотворениот облакодер на брегот на токискиот залив.

Компанијата обезбедила капитал од јапонскиот телекомуникациски гигант КДДИ и домашното Министерство за образование, наука и технологија, како и од други заинтересирани партнери. Па така 74-годишниот Тачи, кој идејата за „теле-егзистенција“ за прв пат ја претстави уште во 1980 година, сега, по 40 години фантазирање и работа на развојот на роботи и опрема за виртуелна реалност, е конечно на работ да го оствари својот животен сон за суштинско менување на начинот на живеење и работење на луѓето преку кибернетски двојници.

Доблесен нов свет


Лидерите на „Telexistence“ со право тврдат дека целосно автономните роботи се сепак прескапи и со скромни работни можности. Исто така теле- делигираните машини како нивни роботи- заменици  во децениите што претстојат ќе бидат пореално и поприфатливо решение кога станува збор за автоматизација на производството и услугите.

Тие укажуваат на предности во однос на зголемувањето на обемот на производството и продуктивноста. На пример, додека е ноќ и работниците спијат, сурогат роботите кои се далечински контролирани од луѓе што живеат во друга земја, каде што е ден, може да продолжат да вршат работни операции и со тоа да обезбедат 24-часовно производство без пад на концентрацијата поради замор.

Сурогат роботите исто така би можеле значително да го ублажат или решат проблемот со недостиг на работна сила. Бидејќи преку нив во производствениот процес и обезбедувањето услуги може да вклучуваат и слоеви на население кои инаку не работат. Како на пример, тешко инвалидизирани лица, многу стари лица или  изразени агорафоби кои не сакаат контакт со други луѓе и не ја напуштаат куќата. Но, исто така, особено е важно за работниците кои живеат во други градови и земји, освен во оние во кои се наоѓа централата или магацинот.

Кибернетските двојници ќе го продлабочат отуѓувањето


Тачи и другите негови соработници, мотивирани од желбата да му обезбедат на човештвото изум или производ што би бил корисен на многу начини, ги доживуваат овие машини како безопасни и блиски до луѓето. Нивното чувство го делат и многу други Јапонци кои пораснале со позитивно прикажани роботи како симпатични и импресивни производи на човечката фантазија и техничка вештина во стрипот и цртаните филмови.

Меѓутоа, тешко е да се разбие сомневањето дека кибернетските двојници, иако се корисни кога станува збор за индустрија или работа во опасна средина со запаливи и отровни материи, можат да ги редефинираат меѓучовечките односи на начин што ќе го продлабочат отуѓувањето. Тие би можеле да го прикажат личното присуство на луѓето како излишно и застарено, а комуникацијата  безлична и невтентична.

Исто така, тие би можеле да им го олеснат повлекувањето на агорафобичните луѓе од општеството во штетна самоизолација.

Постои опасност нивното присуство да придонесе за понатамошно намалување на физичката активност кај современиот човек и на тој начин да го влоши проблемот со дебелина и болести кои се последица на лошиот начин на живот.

Сурогатите лулка на социјалните поделби


Уште повеќе, кога ќе започне нивното масовно производство и кога тие ќе се најдат во канцелариите, салите и други јавни места, нивната појава, заедно со филозофските дебати за степенот до кој сајбер сурогатот преку кој човекот зборува и дејствува како вистински и легитимен застапник, веројатно ќе поттикне лавина етички дебати. Пред се околу тоа дали испраќањето на роботот двојник на состаноци, приеми и прослави е лошо однесување и навреда за другата страна – проблем за којшто секој граѓанин несомнено ќе има што да каже.

Исто така, барем некое време, сурогатите најверојатно ќе предизвикаат социјални поделби. Сè додека еден ден не станат достапни за повеќето обични граѓани, Можно е за некое време личната застапеност и деловната активност преку овие метални двојници да бидат привилегија на богатите.

Ќе се постави и суштинското прашање за тоа дали економскиот прагматизам, кој нагласува ефикасност, продуктивност и заштеда на време и труд,  има повисока вредност од вистинското запознавање, дружење и доверба стекнати на средбите лице-в-лице. И која е смислата на односите меѓу луѓето и во врска со тоа, што е воопшто егзистенцијата и самиот човек.

Интересно ќе биде да се види како правниците ќе го решат проблемот со одговорност. Особено во случаи кога сурогатите се потписници на документи или причина за несреќа или материјална штета.