По повод петгодишнината од формирањето, Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (WB6CIF), кооснован од Европската Унија, на почетокот на 2023 година објави повик за учество во регионалниот натпревар отворен за компании од шесте земји членки. Рангирањето на апликациите, поделени во шест категории, беше направено од комисија составена од по еден претставник од шесте стопански комори на Западен Балкан и претставник од канцеларијата на Коморскиот инвестициски форум.
Водечки инвеститор (шампион) во земјите од Западен Балкан
Првата награда во категоријата „Водечки инвеститор (шампион) во земјите од Западен Балкан“ му беше доделена на „Алкалоид“ АД Скопје, презентирана на пригодна церемонија организирана за оддавање признанија за достигнувањата на најдобрите и најуспешните компании во регионот.
Имајќи го предвид значењето на континуираното инвестирање и унапредување во сите сегменти од работењето, високо позиционирано како една од клучните стратешки определби во деловната политика на „Алкалоид“, оваа награда претставува уште една значајна потврда за достигнувањата на компанијата:
„Во својата долга историја, ‘Алкалоид’ минал низ бројни предизвици, но една фактичка констата во текот на деветдеценискиот развој биле инвестициите, кои во изминативе три децении се насочени кон градење и проширување на производствените капацитети, капацитетите за истражување и развој, инсталирање на модерна опрема, лаборатории, технологии, модерен софтвер и добро обучен кадар. Само во изминативе пет години, инвестиравме 104,1 милиони евра во земјите во регионот, интегрирајќи ги нашите операции за целите на подобро водење на дејноста од нашата база во Македонија. На овој курс сме решени да останеме и во иднина, работејќи на глобализација на брендот ‘Алкалоид’, достоинствено и посветено, со практикување на високи етички стандарди, кредибилиет и професионален пристап во севкупните операции“ – изјави Генералниот директор/ Претседател на УО на компанијата, Живко Мукаетов.

„Тиквеш“ прогласена за компанија со најголем раст на извозот во регионот
Винарска визба „Тиквеш“ ја доби наградата за компанија со најголем раст на извозот во регионот за 2022 година, што ја доделува Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан, во соработка со Европската комисија. „Тиквеш“ е единствената македонска компанија што ја добива оваа престижна награда во споменатата категорија.
Наградата е резултат на континуираните напори и активности на „Тиквеш“ за промоција на врвните македонски вина и нивниот пласман на странските пазари, меѓу кои секако најзначајни се и пазарите во земјите од регионот на Западен Балкан, каде вината на „Тиквеш“ се традиционално присутни и одлично етаблирани. Најдобaр показател за успехот на ваквата стратегија е растот на извозот од 64 отсто, остварен во текот на минатата година, а кој во голем дел се должи и на пласманот на вината на „Тиквеш“ на пазарите во регионот.
„Чест ни е што Tиквеш се препознава како формула за успех кој трае. Тоа е така затоа што нашата суштинска вредност не се менува, додека бизнис стратегијата успешно ја адаптираме на светот кој се менува“, изјави генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ.
„Регионалниот пазар e територија со најголем потенцијал за одржлив раст на извозот, поради фактот што во регионот постои висока свест за брендовите на Тиквеш и препознатливост на квалитетот на нашите вина. Генерално во нашиот регион компаниите од винската индустрија се еден чекор пред компаниите од другите сектори. Веќе настапуваме заеднички на неколку саеми, промовирајќи го регионот како одлична туристичка дестинација, но уште поважно, ги промовираме нашите лозови насади, нашата традиција за производство на вино и нашите локални и автохтони сорти и нивниот квалитет”, истакна Вукиќевиќ, нагласувајќи го значењето и придобивките од регионалната соработка.
Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан (Western Balkans 6 Chamber Investment Forum) е заедничка иницијатива на стопанските и индустриските комори од Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, којшто ги застапува интересите на повеќе од 350.000 компании од регионот, во својата мисија да ја поврзе бизнис заедницата од регионот и да ја обедини во нејзините заеднички интереси.
Бизнис Платформата ЕУ-Западен Балкан денеска на едно место во Скопје ги собра бизнис заедницата од регионот, претставена преку Бизнис Советот на Коморскиот инвестициски форум и креаторите на политики од Европската Унија.
На настанот учествуваа високи претставници од Европската Унија и различните директорати, регионалните институции кои работат на економската агенда во регионот и претставници на бизнис-секторот кои дискутираа за клучни прашања од аспект на унапредување на интра-регионалната соработка, но и подобро подготвување на компаниите од регионот да се приклучат кон единствениот пазар на ЕУ.