Македонскиот музичар Кирил Џајковски, некогашен водач на електро-поп составот „Бастион“, кој подоцна во 90-те изгради реномирана кариера на музичар кој подеднакво успешно се занимава со создавање електронска и филмска музика, е член на годинашново жири за престижната музичка „Награда Милан Младеновиќ“, која веќе трета година традиционално ја доделува Задужбина на Милан Младеновиќ.

Наградата се доделува за најдобра песна на просторот на поранешна Југославија, а за тоа, освен Кирил, ќе одлучуваат уште и: Дамир Урбан од Хрватска, фронтмен на составот Urban & 4, Иван Феце Фирчи (Србија), музичар, некогашен тапанар на „Екатарина Велика“, Катарина Епштајн, музички уредник во РТС и автор на радио-емисија, како и Зоран Стајчиќ (Хрватска), главен уредник на респектираниот портал „Равно до дна“.


„Наградата Милан Младеновиќ“ е основана со цел да се поттикне музичката креативност која се карактеризира со вредностите својствени на уметничкото наследство на Милан Младеновиќ.

Оваа година, таа ќе биде доделена по трети пат на церемонијата на 21 септември, на денот на раѓањето на Милан.

Добитник на првата награда, која беше доделена во 2019 година, беше групата „Артан Лили“ со песната „D.E.P.R.A“, а втор лауреат беше групата „Драм“ во 2020-та, со песната „Дај ми сè“.

Сите детали за Наградата и конкурсот ќе бидат објавени на 1. јуни 2021 година на веб-страницата на Задужбина Милан Младеновиќ.

Тогаш, всушност, ќе стартува конкурсот во целиот регион, со детални информации околу процедурата.

фото: Зоран Росиќ
Design by Futro Design Studio