Големиот композитор на филмска музика, Зоран Симјановиќ, би кажал: „Увек спремне жене“. И, со тие три збора би ја опишал книгата „73 приказни за албумите“, која во чест на Националниот ден на албумите во Хрватска, неодамна беше објавена. 

Книга која го претставува женскиот ракопис во музиката на овие простори, која ја следи низата иницирана од Хрватска дискографска удруга – „70, 71 и 72 приказни за албумите“, какви еднаш годишно во чест на музичките колекции се објавуваат, ја напиша искусниот музички новинар и радио-водител Златко Туркаљ Турки. Во државата како наша, ова е поимена именка. Ниту има албуми, ни книги со музичка тематика, а не па „женски“. Затоа за ваква „научна фантастика“ ќе им се восхитуваме на другите, пеејќи ја од „Дугме“ антологиската – „Шта би’ дао да сам на твом мјесту...“ 

Концепциски, книгата содржи 36 интервјуа во кои музичките диви: Тереза, Габи Новак, Јосипа Лисац, Радојка Шверко, Зденка Ковачичек, Дорис Драговиќ, Северина, Вана, Нина Бадриќ..., зборуваат за своите животи во музиката. 

Изборот падна на жени, бидејќи годинава Националниот ден на албумите им беше посветен на припадничките на понежниот пол, кои, низ годините придонеле за развојот и промоцијата на музиката во регионот, а со својот опус и ја збогатиле дискографијата. Затоа е сосем логична констатација дека книгата ги претставува жените во музиката, стиховите и изведбите. Самиот автор, за „73 приказни...“, кажа:

- Најголемата вредност на книгата е што во неа се претставени некои досега непознати детали од светот на дискографијата, размислувaњата и погледите на успешните жени и музичарки. Верувам дека секое од интервјуата во книгата ќе биде интересно четиво за добрите познавачи на музиката, но и појдовна основа во истражувањето за оние кои се уште не се сретнале со творештвото на презентираните авторки, кантавторки и пејачки. Заедничко за повеќето од дамите во книгата е дека тие до денешниот статус и успех дошле со долга и напорна работа. Секоја од нив е посебна и своја, а тие се нашите бесценети камчиња бидејќи го прават нашиот музички свет поубав.

Како прилог за темава, мала дигресија. Викендов во Загреб имаше концерт големиот џез пејач Курт Елинг. На вечера, ден пред големиот настан, во неврзан разговор со новинарите и пријателите, се поведе муабет за стриминг-сервисите, како нова реалност во музиката. На прашањето: Како гледа на проблемите со streaming-от, Елинг кажа:

- Немам поим каде одат сите тие пари од стриминг.

Затоа, се апелира на сите кои ја сакаат музиката - слушајте ги винилите и CD-ата од кои музичарите заработуваат пари. Колку-толку. Да не зборуваме за квалитетот на звукот, во споредба со компресираните и пегланите алгоритми за стриминг... Приказната за милиони песни за 7-8 евра вреди колку што вреди и разликата кога гледате филм во кино и на компјутер. 

А, што се однесува до самиот серијал книги – „Приказни за албумите“, според низата, следната година би требале да ги имаме „74 приказни“. Но, бидејќи в година Croatia Records слави 75 години од основањето на легендарниот „Југотон“, би било убаво да ја имаме и 74-та, но и 75-та – за најголемите албуми кои ги има објавено најважната дискографска куќа на овие простори.  

Иван Беќковиќ