Да се забрани некому да се занимава со нешто што го сака не е хумано. Од аспект на човековите права, чија лепеза е многу широка, секој има право да ги задоволи своите потреби и желби ако тоа не го нарушува законот, моралот и комодитетот или правото на некој друг. Во таа смисла некои го сфаќаат и правото на играње игри на среќа – коцкањето.

Гледајќи ги статистичките и историските податоци за судбината на тие што долготрајно и континуирано го остварувале ова право, било во легално, било во нелегално органзирани игри и играчници, ќе видиме дека единствени што добиваат се организаторите на тие игри, а најголемиот број од играчите имаат негатино салдо, големи трауми и загуби што довеле до психосоматски заболувања со трагични последици. Така, на една страна се создава социјална група која лесно заработува, а на друга – група што лесно пропаѓа материјално и духовно!  

На македонската бизнис-сцена се појави проблемот дали да има коцкарници, односно дали тие треба да бидат на дофат на младите, лесно поведливи лица поради својата младост и неискуство, или да останат таму кај што се на нашите улици и секојдневно да се среќаваме на секое ќоше со нив, зашто ако се преместеле ќе се појавеле нелегални коцкарници и така државата немало да има фискална полза, демек ќе била во недостиг од парите од даноците што ги плаќаат коцкарниците (ако ги плаќаат?)

Така во медиумите се појави фронт на тие што се за дислокација на коцкарниците и на нинвите газди и вработени во нив, откако почнаа да се  споменуваат   измени на Законот за игри на среќа.

Колку коцкарници на квадретен километар?

Во најголем дел од светот има коцкарници, но во Македонија тие станаа доминантна декорација на улиците, мистично покриени, затемнети, од што се добива впечаток  дека внатре се случува нешто тајно што не треба да се види од улица преку излозите, демек дискреција. Логиката налага да мислиме дека се’ што е дискретно - не е до крај чисто. Освен тоа, тој штос ја мами љубопитноста на авантуристите.

Подемот на коцкањето во Македонија се засили со преминот на пазарниот начина на работење, откако влеговме во друг, за нас нов, капиталистички сиситем на економијата. Всушност, проблемот е во тоа што инвестициите и вработувањата се многу повидливи во затемнетите излози на коцкарниците, отколку нови оџаци, отколку реки народ што ита в зори на работа како што беше порано. Сега тие реки на млади и на стари течат кон коцкарниците, кон штабовите на политичките партии или кон странските земји, барајќи ја изгубената надеж за подобро утре во сопствената земја. Банално би било да нагласуваме дека коцката секогаш цвета во сиромашните земји, било тоа да е легално или нелегално. Големиот број коцкарници и луѓе што се коцкаат е јасен показател дека тие се организираат за уште толку да ги соголат тие што ја губат надежта во сопствената држава и дека својата среќа ја гледаат во игрите на среќа.

За врските на организаторите на игрите на среќа со власта, нема да зборуваме, зашто тоа се тешко докажливи тези. Некои велат дека сета таа шема и мрежа е контролирана од длабоката држава.

Но, ете, нека биде! Ако некој сака да се коцка, нека се коцка, но под строга контрола на органите: ограничување на возраста, на влоговите на бројот на коцкарниците, на нивната блискост/оддалеченост од школите итн. Но, тука е парадоксот и дилемата, на која страна се органите во држава која носи етикета на држава во која судството не е во рацета на правдата, туку во рацете на неправдата. 

Од друга страна коцкањето, психологијата и социологијата го ставаат во редот на зависности, а синоним за секоја зависност, како алкохолизмот, наркоманијата, е чиста болест, која тешко се лечи или е неизлечива.

Коцкарниците негодуваат

Сопствениците на коцкарниците негодуват и убедуваат дека 10 илјади луѓе (вработени во овие темни дуќани) ќе  останеле без своите работни места.

Цитат:

„…последиците од овие законски измени ќе бидат катастрофални за македонската економија.“  Во писмо до пратениците од власта, вработените тврдат дека власта го уништила најголемиот приватен работодавач во државата, кој секоја година го полнел Буџетот со минимум 280 милиони евра.

Коцкањето не е економија, економијата во превод значи „домаќинство“, а коцкањето е антидомаќинство, растур! Ако  една економија се потпирана на приходот од коцкарниците, не и се пишува добро. Зијанот од таква економија е многу поголем отколку ќарот!

Уште поголема грешка направи премиерот кога вети дека тие што ќе останат без работа ќе бидат вработени во државните органи! Кои државни органи? Дали е направен план, студија на кои места би можеле да се најдат овие кадри? Дали е земена предвид нивната стручност за нешто, дали има потреба од таков кадар или сите незадоволни треба да се пикнат во државниот апарат и да молчат да не креваат врева.

Коцкарниците и обложувалниците се се’ поблиску до преселба на 500 метри подалеку од училиштата и градинките. Пред Нова Година, на една од последните седници во ланската година, пратениците им дадоа поддршка на измените на Законот за игри на среќа во првото читање.

Без дискусија и без присуство на пратениците на ВМРО ДПМНЕ, за нив гласаа СДСМ и ДУИ, а „Алијансата на Албанците“ беше против.

На местото на сегашните коцкарници добро е државата да најде форма и можност да организира некаков вид на  дообразование на младите, па и на повозрасните, зашто податоците дека нашата младина е најнеписмена во цела Европа, звучи многу болно. Недостигот на занаетчиска работна сила исто така. Знаеме дека некој ќе рече: „Да, ние ќе им дадеме занает, тие ќе избегаат во странство!“ Да, но нешто мора да се прави, да не чекаме да ни падне добар „зар“!