Македонија се претвора во гробница за едено од најблагородните животни – овците, од „овчите сипаници“. Тие, по дефениција, не се толку паметни како луѓето, но се многу покорисни од некои што во животот не дале ништо за доброто на заедницата, туку само земале, без грижа на совеста, а ја воделе и ја водат земјоделската и сточарската политика. Овците, од памтивек не’ хранеле, а нивното млеко било второто, по мајчинското, со кое сме ги јакнеле нашите кревки коски.

Наместо да се негуваат сите овие дарби и дарови, нам ни се случува погибија на јагнињата и на овците. Со систематската негрижа за овој вид сточарство, опстанокот на овој македонски овчо-јагнешки фонд е речиси на изумирање, ако се земе предвид дека од пролетоска досега се уништени големи стада, а вкупната бројка од угинати се движи од 7 до 10 илјади добродушни овчички.   

Агенцијата за храна иветеринарство (АХВ) е првата институција во чија надлежност се:

Секторот за здравствена заштита и благосостојба на животните, со одделенија за:

-      здравствена заштита на животните;

-      благосостојба на животните;

-      идентификација и регистрација на животните;

-      планови за итни мерки.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) е институцијата што ја креира земјоделската политика, вклучително и политиката за сточарството. Во нејзина надлежност се земјоделството, безбедноста на храната и храната за животните и ветеринарното здравство.

Особено важно е што преку земјоделската политика се определуваат субвенциите и мерките за поддршка на сточарите.

Овие две институции ја носат најголемата одговорност за стивнувањето на блеењето на овците и на јагнињата. Одговорност се разбира никој нема да понесе, ниту ќе биде казнет, со оглед на билансот на (не)казниовст во нашава земја што е прва забелешка на Европската комисија и прва задача на Копенхагенските критериуми за владеењето на правото.

Кога, досега за многу трагедии во кои страдале луѓе, нема одговорност, туку бескрајни судски процеси, што остана за некави овци од кои ние новопечените граѓани, особено „скопјани“, сме се откажале од блгородната овча мелодија и сме почнале да слушаме новоклепан шудн по кој полудевме по цена да не видиме млеко веќе во марктетите.

И тие малку што останаа да трчаат по пасиштата, ги пакуваат тагарите, само чекаат момент и можност на која страна да фатат, дали на исток, дали на запад???

Гореспоменатите таканаречени институции, (ако се вистински институции нема да ги наречеме „таканаречени“), со месеци немале слух за барањата на сточарите - овците навреме и редовно да се вакцинираат. Од грижата за нивното здравје зависи животот на семејстввата и на цели села што ги одгледуваат и живет со нив 24/7 без одмор и празник, а за пошироката заедница – да не зборуваме.       

Одговорот од овие „институции“ е дека имале обезбедено  500 илјади вакцина од Турција, но вакцините требало да поминат лабораториски проверки и да добијат официјална потврда за нивната исправност.

Големо прашање е - зошто ова смртоносна болест на овците не се посматра и не се третира постојано, редовно, ревносно, одговорно, кога се знае што може да донесе и да однесе за краток период, особено во вакви кризни периоди во кои храната поскапува, а нашето земјоделство и сточарство одат само надолу. До пред 20тина години  македонските пасишта беа обелени од околу 500 илјади овци, а сега сме соочени со целосно исчезнување на овој вид сточарство, не само поради болеста, туку и поради цената на трудот на сточарите и поради ниските откуни цени од страна на преработувачите. Надлежните власти, наместо строго да ја регулираат и да ја стимулираат оваа дејност од животно значење, иронично им предлагаат на сточарите заедно да протестираат пред портите на откупните претпријатија. Слободно можеме да речеме дека тоа е мајтап со една крајно сериозна животна материја.

Затоа цената на литар млеко се прибижува до фамозната граница од 100 денари, речиси колку и цената на дизелот, а сирење ретко кој може да купи и да конзумира, за редовна присутност на трпезата за обичниот граѓанин не станува ни збор.   

Наивстина е чуден ваквиот однос. Овчите сипаници не се нова болест, па да не знаеме што да правиме. Таа била и е присутна во многу држави како и кај нас, ама нашите жртви во однос на бројот на овците кај нив е рекорд. И во смртноста и во заразата од западно нилската треска сме први во Европа.

Овчарите велат дека секојдневно се јавуваат нови жаришта и дека источниот дел од земјава е најтешко погоден.

Проблемот има многу пошироки размери отколку што му се чини некому. Се уништува огромен труд и традиција на опстанокот на народот. Не малку песни нашиот народ има испеано за овците за овчарите, за пасиштата и за планините, за „рудото јагне“, а во финансиска смисла како долговековна инвестиција за да се одржи во живот оваа сточарка гранка тешко е да се направи проценка. На сточарите од понудената цена од 100 денари за килограм угината овца од страна на гореспоменатите институции (државата) им се крева косата и им станува јасно дека нивната држава за нив дефинитивно е маќеа. Тие се прашуваат дали со парите за оштета ќе можат да формираат ново стадо, дали да се префрли на некој друг занает и да ги остават пасиштата да зарастат, или да фатат пустина, од една пустина во друга.

Вистинските стручни меѓународни институции велат дека сега, во оваа фаза, вакцината не може да ја врати состојбата и да ја поправи катастрофата, бидејќи вакцинацијата е превентивна мерка.    

Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) покажува дека контролата на сипаниците кај овците и кај  козите бара комбинација од вакцинација, рано откривање, брзо отстранување на заразените животни и строги ограничувања на движењето на животните.

За примена на сите овие мерки се пококажа дека домашните институции немаат капацитет ни стручност, туку дека сточарите се оставени само на себе.

Ако се погледне од  извозниот аспек, се наметнува прашањето – дали македонското јагне ја изгуби конкуренцијата на странскиот пазар, дали е можно да се врати довербата и за колку време. Кога веста за овчите сипаници еднаш ќе се разлета низ етерот, тогаш пердувите никој не може да ги врати во перницата. Се губат огромни средства, тоа се одразува првин на луѓето, па на буџетот, па на се друго што е поврзано со буџетот, всушност сето тоа е еден круг, кој кога ќе се прекине, настапува страдање сиромаштија и глад.

Мала утеха е тоа што Македонија не е изолиран случај, дека кризата е регионална. EFSA информира дека од болеста се погодени и Грција и Бугарија, а случаи биле регистрирани и во Романија и Србија. Нашата слабост е во тоа што ние не можеме да се мериме со ниедна од овие земји. Тие се големи извознички на храна и со многу поголем сточен фонд. Потоа, нивната грижа за сточарството е докажано многу поголема, а тоа се гледа по производите што ги увезуваме од нив, како маслинки, сирења, кашкавали, кајмак и друго. Нивните стопанства се многу послини, затоа што се поголеми и покрупни. Нашите сточари и земјоделци се толку ситни што секаков стрес може да ги уништи, особено негрижата на државата во однос на висината и правилната распределба на субвенциите. Кај нас новопечените граѓани како да имаат аверзија спрема селаните, земјодлеците, сточарите, као кон нешто помалку важно меѓу професиите, а никој не прашува од каде доаѓа млекото во маркетите во кои секе утро итаме да купиме млеко за нас, за децата или за внучињата.

Немилосрдните бројки покажуваат дека од 2019 до 2025 година површината под пасишта се намалила од околу 744.000 на 728.137 хектари, односно за околу 15.863 хектари или 2,1%. Тоа е површина од 158,6 km² — приближно колку цела една поголема општина.

Кога ќе стивнат ѕвончињата на јагнињата на пасиштата почуваат да растат диви растенија, божем шума, ама не се шума, само се добар материјал за брзо разгорување на пожарите, со кои со судни маки се бориме секоја година.