„Когнисм“ се подготвува за котација на лондонската берза. Фирмата „Когнисм“ е основана во Лондон, но нејзината најголема подружница е во Македонија.

Како „Когнисм“ израсна во водечки сервис за истражување на пазарот и маркетинг алатка глобално усогласена со светските правни норми? На овие прашања разговараме со Душан Гајиќ, софтверски инженер и еден од првите вработени во „Когнисм“.

„Когнисм“ се подготвува за котација на лондонската берза


  • Како „Когнисм“ се разликува од другите компании како средина за работење и градење кариера?


- Во нашата фирма внимаваме во фокусот да бидат кариерните напредувања на вработените. Со вработување на искусни инженери, постојано надградување преку курсеви и конференции, внимаваме сите да бидат во тек со светските актуелности во ИТ индустријата. Ова е голема придобивка, не само за вработените, туку и за фирмата. Како тим сме во постојана потрага по соодветна алатка за проблемите со кои се соочуваме.

Капацитетите и талентите се тука само треба правилно да се склопат



  • Како се развива ИТ индустријата во Македонија?


- Во Македонија, во моментов, повеќето компании се  ориентирани сервисно. Тоа значи дека малку од нив имаат свој продукт со права на интелектуална сопственост. Правилната насока треба да биде - развивање сопствени продукти, креирање долгорочни вредности и промовирање на Македонија како држава во која успешно може да се развива една ИТ компанија. Ова можеме да го постигнеме со користење средства од домашните и од странските инвестициони  фондови, со инвестирање во едукација, со комбинирана едукација од економијата и бизнисот, со информациони технологии и со семинари и обуки за помош на претприемаштвото. Со ова би биле на ниво на соседните држави и би креирале трајни вредности во светот со македонско знаменце. Капацитетите и талентите се тука само треба правилно да се склопат.

Конкурентноста на пазарот на работна сила- предност



  • Со кои проблеми се соочувате со работењето?


- Досега, во нашето петгодишно искуство во Македонија, главен проблем што би го издвоил е неусогласеноста на законодавството со легислативата во странските држави со кои работиме.

  • Дали Македонија има некакви предности за развој на ИТ бизнис во однос на другите средини?


- Една од најголемите предности е конкурентноста на пазарот на работна сила. Тоа значи дека има солидно обучен кадар, по конкурентна цена. Потоа, блискоста со европските пазари за пласирање на услугите. Пристапноста до многуте европски фондови за развој на Југоисточна Европа за помош на претприемаштвото и др.

  • Како влијаеше светската здравствена криза на ИТ секторот и на вашата компанија?


- На почетокот на пандемијата на Ковид 19, се почувствуваа турбуленции во ИТ индустријата. Нашата компаније е продукт-ориентирана, што значи дека имаме клиенти што ги користат нашите сервиси и продукти. Продуктите се користат од секторите за маркетинг и човечки ресурси од нашите клиенти.

Иницијално, клиентите беа внимателни со трошоците и некои од нив направија пауза во нарачките, но тоа не траеше повеќе од еден месец. Откако се консолидираа, побарувањата пораснаа. Ова се должи на тоа што кризата придонесе многу од бизнисите да инвестираат во ИТ услуги. Информатичките решенија за истражување и наоѓање на потенцијални клиенти и пазари доживеа подем, а со тоа и нашиот бизнис.


„Веб базирани системи“



  • Кои се моменталните трендови во информатичката технологија?


- Би сакал да зборувам за „веб базирани системи“. Од технолошките трендови, што се забележуваат во последниве години, би ги издвоил: Пораст на популарноста на документ-базираните бази на податоци. Потоа порастот на популарноста на функционално ориентираните програмски јазици. Па, порастот на популарноста на технологиите за рапиден развој на апликации. И масовното прифаќање на сервисите што нудат инфраструктура како сервис од страна на компаниите.

  • Кои се предизвиците при вработување на нови кадри?


- Ние се трудиме да ги привлечеме најдобрите кадри од нашиот пазар. Се разбира тоа не е лесно. Еден од феномените, што се случи како последица од корона кризата, е тоа што работниците ја чувствуваат неизвесноста на пазарот и не е лесно да се убедат да го напуштат постоечкото работно место.

При запознавање и регрутирање на нови лица ние се обидуваме акцентот да го ставиме на технологиите со кои работиме. Потоа, на успесите што ги имаме постигнато, на проблемите што ги имаме решено и со тоа да привлечеме луѓе што имаат пасија за тоа што го работат.

Една од работите што недостасува поради мерките за изолација се настаните што  се организираа од ИТ компании на кои се запознававме со љубители на струката, заедно дискутиравме за нови трендови и технологии и се остваруваа бизнис контакти.

Баланс меѓу квалитет на продуктот и брзината на развој 



  • Какви искуства стекнавте во „Когнисм“ од почеток до денес?


- Од основањето на фирмата, досега, во последните пет години бев сведок на неколку стадиуми на развој на стартап-компанијата. Секој стадиум има свои максими и за да се издржи и да се успее на тој пат треба многу отворен пристап за туѓи знаења и искуства, слободоумност и посветеност.

Во првиот стадиум, акцентот беше ставен на брзо развивање на функционалности што им беа презентирани постојано на потенцијални клиенти и инвеститори. Во овој почетен стадиум максимата беше - константно подобрување на бизнис моделот, подобрување на способностите за презентирање на бизнис идеата и намерата на компанијата.

Важно е да се спомене  дека во овој период средствата се секогаш проблем.  Затоа, прагматичното работење, односно балансирање меѓу квалитет на продуктот и брзината на развојот е еден од проблемите со кои се соочувавме. По само една година  бевме забележани од неколку инвестициони фондови од Европа и Америка и од нив ги добивме првите средства. Потоа добивме и насоки и менторство во натамошната работа, што влијаеше позитивно на  компанијата.

Во овој втор стадиум фирмата беше насочена кон подобрување на постоечкото техничко решение, градење мрежа од продажни агенти, подобрување и менување на начинот на наплата на сервисите и интеграција со други етаблирани системи во нашиот домен на работа. Интеграцијата на нашиот софтвер со други системи помогна во полесното адаптирање и користење на нашиот систем од крајните корисници. Во оваа втора фаза важно беше да се одолее на искушението што го имавме, односно на барањата на големите компании што беа наши клиенти. Големите клиенти имаат средства и потреба од промени во продуктот за да им одговара на нивните внатрешни процеси и постои опасност да го асимилираат продуктот и да го прилагодат на своите потреби. Со ова се губи фокусот од крајната цел, а тоа е функционален продукт за масовна употреба.

 

Во следиот период инвестиравме во иновација на полето на вештачката интелигенција, дополнително развивање на процесите во фирмата за да се подготвиме за полесно скалирање на тимовите и примена на сертификати за да бидеме во согласност со регулативите што ги бараат клиентите. Во овој момент на развој, „Когнисм“ се усогласи со европската регулатива за заштита на личните податоци.

Оваа регулатива беше новост за сите компании што работеа во маркетинг секторот за истражување и наоѓање потенцијални клиенти и беше еден праг преку кој мораше да се помине брзо и квалитетно за да се осигура натамошниот успех на фирмата.

Последниот стадиум што го завршуваме во моментов е постигнување профитабилност и излегување на компанијата на лондонската берза.

2020 - раст од 60 отсто



  • Како влијаеше корона-кризата на „Когнисм“?


- Когнисм е водечко глобално решение за пронаоѓање потенцијални клиенти и маркетинг. На 15 Март 2021 објавивме дека добивме 12.5 милиони инвестиција од инвестициони фондови, предводени од "AXA Venture Partners", придружени од "Swisscom Ventures". Годишниот приход, година за година, до декември 2020, забележа раст од 60% односно од седум на 11 милиони долари.

Со нашата технологија помогнавме на преку 1000 клиенти во 30 држави да добијат пристап до податоци за потенцијални клиенти во 2020 година. Овој капитал ќе го стимулира „Когнисм“ во плановите за дополнителна експанзија на европскиот пазар и за етаблирање на позицијата како водечка копмпанија за податочни услуги од областа на маркетинг и истражување на потенцијален пазар.

Во 2021 се фокусираме на присуството во Обединетото кралство и дополнително проширување на склопот од продукти, функционалности и решенија на глобалниот пазар. Нашето патентирано решение, базирано на вештачка интелигенција, го забрзува процесот за брзо и квалитетно наоѓање нови потенцијални пазари за нашите клиенти.

Во Мај 2020 „Когнисм“ ја имаше својата прва аквизиција на маркетинг платформата "Mailtastic" и работната сила на компанијата се покачи на 200 вработени во седум земји, вклучително и Македонија.

Во моментов во Македонија бројот на вработени е 56, од кои 30 се вработени во 2020 година.

Бране Стефановски