Растот на малите бизниси во регионот и понатаму е ограничен поради недостатокот на пристап до финансии. Практично недостатокот на кредитна историја исто како и потпирањето на нематеријални средства, кои новите и иновативни компании тешко ги обезбедуваат, дополнително го отежнува нивното финансирање. 

Патем руско-украинскиот воен спор и економската криза се разгореа токму кога Западен Балкан се опоравуваше од шокот предизвикан од СОВИД-19. Истражувањето под наслов „Отпорност на бизнисот во Западен Балкан во време на нова криза“, кое го презентираше главниот економист на ЕИБ Дебора Револтела на состанокот на Стратешкиот одбор на Инвестициската рамка за Западен Балкан во Рим, испитува како бизнисите во регионот го надминаа остриот пад предизвикан од пандемијата и колку се подготвени да се соочат со идните предизвици.

 Резултатите се изведени од извештајот насловен Business Resilience in the Pandemic and Beyond, што го опфаќа поширокиот регион на Источна Европа и Централна Азија. Инаку извештајот неодамна беше инициран и заеднички објавен од ЕИБ, ЕБОР и ММФ.

Прилагодување во пандемија

Гледано од оваа дистанца, бизнисите ја поминаа пандемијата подобро отколку што првично се стравуваше. Компаниите изгубија 29 проценти од нивниот промет и отпуштија девет отсто од својата работна сила, при што пандемијата особено тешко го погоди угостителско-услужниот сектор и малите и средни претпријатија. Сепак, големата државна поддршка помогна да се спречат масовните банкротства, така што само три отсто од бизнисите во регионот поднесоа барање за банкрот или трајно згаснаа.

Извештајот покажува дека компаниите кои биле вклучени во глобалните синџири на вредности, оние кои биле поиновативни во минатото, оние кои биле повеќе дигитализирани и оние со подобро управување, подобро се адаптирале за време на пандемијата. Тие го проширија своето онлајн присуство, се префрлија на работа на далечина, го адаптираа производството или поефикасно ја искористија достапната поддршка од политиките. Владините програми одиграа стабилизирачка улога, ублажувајќи го стресот на ранливите бизниси, како што се помалите бизниси, трговците поединци и оние кои немаат можност за пречекорување.

„Војната во Украина уште еднаш ја тестира отпорноста на економиите од Западен Балкан додека се опоравуваат од пандемијата“, смета Дебора Револтела, главен економист на ЕИБ. „Новите ризици и зголемената неизвесност вршат притисок врз прекуграничните текови и трговијата. Ова е релевантно бидејќи, нашата анализа покажува дека отпорноста и иновативноста на фирмите се поврзани со нивното учество во глобалните синџири на вредности и трговијата. Во фаза на потенцијални трендови на деглобализација, Западен Балкан треба да ја надгради својата конкурентска предност, која се одразува во силните врски со ЕУ, и дополнително да ја зајакне, како отскочна даска за побрз развој“. 

Извештајот покажува дека економиите од Западен Балкан генерално инвестираат повеќе во иновации отколку економиите во поширокиот регион, иако тој процес се заснова на прилагодување на постоечките технологии кои се увезуваат. Отворањето на глобалната економија беше клучно за да им се овозможи на овие земји да ги подобрат своите компаративни предности и да ја зголемат својата конкурентност. Индустриската структура на регионите кои се повеќе интегрирани во глобалните синџири на вредност покажува јасен фокус на производи со повисока додадена вредност, додека оние кои се помалку интегрирани главно тргуваат со индустриски производи со помала додадена вредност или суровини.

Доказите од извештајот укажуваат дека трговската интеграција со развиените земји, особено со Европската унија, пристапот до информации и знаење преку учество во глобални синџири на вредности, странска лиценцирана технологија и модерни практики на управување се меѓу најважните елементи за поттикнување на иновациите во Западен Балкан.

Пристап до финансии

Финансиските системи во Западен Балкан досега добро се држеа. Компаниите сè уште во голема мера се потпираат на банкарски заеми како извори на надворешно финансирање. Пазарите на капитал се недоволно развиени, а достапноста на претприемачки капитал, приватниот капитал и лизингот е многу ограничена. Учеството на кредитно ограничени компании во Западен Балкан е значително поголемо кај малите компании, во споредба со големите (16% наспроти 7%). Тие кредитни ограничувања се резултат на недоволната транспарентност од страна на МСП, како и на ограничениот капацитет на посредниците во однос на проценката на ризикот. Наследството од пандемијата СОВИД-19 и влијанието на руско- украинскиот конфликт веројатно дополнително ќе го спречат стабилниот пристап до финансиските ресурси. Со текот на времето, повисоките каматни стапки ќе се претворат во построги услови за финансирање, со уште поголема неусогласеност помеѓу побарувачката и понудата за заеми за МСП. Ова може да биде проблем бидејќи пристапот до финансирање, вклучително и пречекорувања, беше важен извор на издржливост на бизнисот за време на пандемијата.

Зелена економија

Регионот полека преминува од зависност од јаглен и нафта кон енергија од обновливи извори, зајакнувајќи ја својата енергетска безбедност. Сепак, до 2018 година, регионот во голема мера се потпираше на фосилни горива за да произведува три четвртини од својата електрична енергија. Неколку земји продолжуваат да обезбедуваат големи субвенции за да им обезбедат на потрошувачите пониски цени за гасот и другите фосилни горива, а со тоа ги намалуваат стимулациите за намалување на емисиите.

 По правило, малите и средни претпријатија (МСП) во Западен Балкан немаат доволно стимулации да воведат еколошки практики. Физичките климатски ризици веќе ги погодуваат малите и средни претпријатија во Западен Балкан, при што 10% од испитаниците во Анкетата за претпријатија пријавиле загуби поради екстремни временски настани во трите години пред интервјуто. Сепак, студијата ја документира ограничената свест на МСП за прашањата за животната средина, бидејќи само 21 отсто од сите МСП инвестираат во енергетска ефикасност, а меѓу компаниите кои не воведуваат никакви климатски мерки, 59 отсто сметаат дека таквата инвестиција не е приоритет. Поточно, извештајот покажува дека климатските инвестиции зависат и од менаџерските способности и од пристапот до финансии. Ефективната интервенција ќе ги реши и ограничувањата за финансирање и тесните грла во свеста за управувањето и способностите за управување.