Комерцијална банка денеска преку ценовно чувствителна инфорамција до Македонска берза ја информира јавноста за сввојата одлука за преземање на Стопанска банка Битола. Во информацијата стои:

„Комерцијална банка а.д Скопје ја известува јавноста дека Народната банка на Република Северна Македонија на Комерцијална банка АД Скопје и издаде претходна согласност за стекнување на капитален дел од 100% од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола.

Истовремено, Комерцијална банка а.д Скопје известува дека согласно Одлука донесена од Надзорниот одбор на Банката, во постапката на јавна објава на понуда за преземање на Стопанска банка а.д Битола, цената на акциите која ќе биде понудена во понудата за преземање изнесува 3.200,00 денари за 1 (една) акција.“

Стопанска банка Битола има издадено вкупно 390.977 акции. Тоа значи, барем според објавената понуда за 100 процентен откуп на сите нејзини акции, дека Комерцијална треба да и исплати 1,25 милијарди денари или околу 20,34 милиони евра на битолската банка.

Иницијативата за преземање на битолската банка која над 75 години успешно работи од страна на Комерцијална беше соопштена уште минатата година, кога во две одделни соопштенија и двете банки го изнесоа својот став за присоединување на битолската кон Комерцијална банка.

Конкретната понуда доаѓа откако на почетокот на овој месец од Комерцијална банка соопштија дека ќе дадат понуда за преземање на Стопанска банка Битола, како и дека има намера ги преземе сите обични акции на битолската банка.

Ова следува по длабинската анализа односно скенирањето на „книгите“ на Стопанска банка Битола, што беше услов Комерцијална банка да одлучи дали ќе пристапи кон процесот на присоединување,  односно дали ќе даде понуда за купување на акциите на помалата банка.

Банки со позитивни биланси 

Инаку, Стопанска Банка а.д. Битола во првото полугодие од годинава оствари добивка од 51,01 милион денари, што е значајно подобрување во однос на истиот период од 2023 година, кое го заврши со загуба од 53,69 милиони денари.

Годинешниот позитивен финансиски резултат се должи на задржаниот висок оперативен резултат (од 75,92 милиони денари), засилената наплата на нефункционалното портфолио на Банката, како и на пониското ниво на исправка на вредност на нефункционални пласмани во однос на претходната година, се вели во Образложението на остварениот полугодишен финансиски резултат за 2024 година.

Најголем акционер на банката е „Пелистерка“ со 16,99 отсто од акционњерскиот капитал. Откако Комерцијална банка објави дека ќе достави понуда за купување на Стопанска банка Битола, цената на акциите на банката порасна. Завчера една акција на Стопанска банка Битола на редовниот пазар на крајот на минатата недела се продавала по цена од 3.699,12 денари по акција, што е раст за 9,02 отсто во однос на еден ден претходно.

 Трендот на окрупнување на банките е се поприсутен последниов период во целиот регион,а имајќи го предвид успешното повеќегодишно работење на Комерцијална банка која е една од најуспешните во земјава што го потврдуваат и полугодишните финансиски резултати, реализацијата на понудата е очекувана. Таа по минатогодишниот успех како една од најтргуваните и најпосакувани акции на Македонската берза и во првото полугодие од годинава оствари извонредни финансиски резултати – добивката изнесува 2.844,6 денари или околу 46,2 милиони евра, за 42 отсто повеќе во споредба со истиот период лани, и за 34 отсто повеќе од планот. Станува збор за до сега најголема добивка која што ја реализирала некоја банка во Македонија и тоа на половина од календарската година.