Комерцијална банка Скопје денес официјално ја објави понудата и проеспектот за преземање на Стопанска банка Битола. Според информациите доставени до Македонската берза, понудена е цена од 3.200 денари за една акција, а крајниот рок до кога ќе може да се произнесат акционерите на Стопанска банка Битола е 22 септември оваа година.

 

Комерцијална банка АД Скопје ги објави Понудата и Проспектот за преземање на Стопанска банка АД Битола. Понудената цена на акциите издадени од Стопанска банка АД Битола изнесува 3.200,00 денари по акција, а рокот за прифаќање на понудата изнесува 28 дена – од 26.08.2024 година до 22.09.2024 година, стои во информацијата која Комерцијална банка, која ја достави до Берзата.

Понудата преку посебна објава до Берзата ја потврдија и од Стопанска банка Битола.

„Ве известуваме дека од страна на Комерцијална банка АД Скопје доставена е Понудата за превземање и Проспектот на понудата за превземaње на Стопанска банка АД Битола“, се вели во ценовно чувствителната информација.

Понудата за преземање се однесува на сите акции издадени од Стопанска банка Битола со право на глас. Станува збор за вкупно 390.977 обични акции кои ги има издадено Стопанска банка Битола и кои се во посед на нејзините акционери, а понудената цена е 3.200 денари за акција.

Преземачот се обврзува да ја купи секоја обична акција со право на глас издадена од Стопанска банка Битола, во согласност со пропишаните и објавени услови, се вели во понудата.

Во неа се додава дека утврдената цена по која ќе се откупуваат акциите кои се предмет на понудата за преземање е за 16,78 отсто повисока од просечната цена на тргување на акциите издадени од Стопанска банка Битола на Македонската берза во последните 12 месеци пред известувањето за намерата за преземање.

„Просечната цена на тргување на акциите во последните 12 месеци пред известувањето за намерата за преземање изнесува 2.740,21 денари“, се вели во понудата на Комерцијална банка, при што се додава дека на имателите на хартии од вредност нема да им се наплатуваат трошоци за прифаќање на понудата за преземање, односно сите трошоци во врска со понудата за преземање ги сноси Комерцијална банка.

Комерцијална банка на сметка на Централниот депозитар за хартии од вредност веќе има уплатено 1.251.126.400 денари (или околу 20,34 милиони евра), согласно член 34 од Законот за преземање акционерски друштва.

Плаќањето на акционерите кои ќе ја прифатат понудата за преземање ќе се врши со исплата на парични средства од страна на ЦДХВ во рокот предвиден во член 50 од Законот за преземање на акциоенрските друштва, односно во рок од осум дена по приемот на решението од Комисијата за хартии од вредност со кое се утврдува успешноста на понудата за преземање.

Рокот за прифаќање на понудата за преземањезапочнува од денот на првот објавување на понудата за преземање и ќе заврши 28 календарски дена по започнување ба рокот за приофаќаљње на понудата за преземање.

Рокот за прифаќање на понудата за преземање започнува на 26.08.2024 година и завршува на 22.09.2024 година, се вели во Понудата за преземање.

Од Комерцијална банка исто така посочуваат дека за да се смета за успешна понудата за преземање, неа треба да ја прифатата имателите на 261.956 обични акции со право на глас, што претставува 67 отсто плус една акција од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка Битола.

Инаку, како што произлегува од Проспектот за преземање на Стопанска банка Битола, во оваа банка десетте најголеми акционери поседуваат вкупно 57,21 отсто од акциите, што значи дека понудата на Комерцијална банка ќе треба да ја прифатат повеќе акционери.

Најголем акционер во Стопанска банка Битола е Друштвото за производство и трговија Пелистерка ад Скопје кое поседува 16,99 од акциите на банката.