За Стопанска комора, носењето на Законот за данок на солидарност не претставува никакво усогласување со директивите и регулативата на ЕУ, напротив тоа е само злоупотреба на тие регулативи, за што можни се две причини.

Првата е дека воопшто не се разбира Регулативата 2022/1854, и втората, која е уште полоша, е дека можеби правилно се чита Регулативата 2022/1854, но свесно се изнесуваат неточни податоци и користејќи ја скратената постапка се носи Законот за данокот на солидарност, информираат од Стопанска комора на Македонија.
„На 26.6.2023 и на 19.7.2023 година се обративме официјално до највисоките државни институции (до Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, до Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и до Министерот за финансии на Република Северна Македонија), упатувајќи дописи со аргументи образложени на повеќе страни, потпишани од највисоките органи и тела на Комората предводени од Клуб 100, а подржани и од Управниот одбор, Собранието на Комората, Советот на странски инвеститори. Во дописите на еден сеопфатен начин ги образложивме аргументите за барањето на бизнис заедницата за запирање на постапката за донесување на Законот за данок на солидарност, по итна постапка со европско знаменце укажувајќи дека тоа преставува само обид за манипулирање со редовните собраниски процедури за носење на законите и злоупотреба на Европското знаме“, стои во соопштението од Комората.