„Еуроникел“ веќе трет месец е без производство, а на 30 септември електропечката во целост беше изгасната. Компанијата која вработува околу 1 000 луѓе, што ја прави еден од најголемите работодавачи во државата, од 15 септември ги испрати своите вработени на принуден одмор, при што 25% се на работа, по принципот на ротација.

Генералниот директор Герасим Кујунџиев информира дека како компанијата се подготвени за еден месец повторно да ја вклучат електропечката, доколку добијат брза и ефикасна институционална поддршка. Кујунџиев дава целосна поддршка на Стопанската комора во нејзините активности поврзани со барањата за нови мерки за стопанството кои ќе бидат преземени во следниот период.

Од страна на „Еуроникел“ до сега се понудени повеќе решенија кои имаат за цел, како што рече Кујунџиев, единствено да обезбедат опстанок на компанијата, бидејќи профитабилност во моментов е мисловна именка за овој вид на индустрија.

„И покрај тоа што веќе трет месец сме без производство, сите работни места се зачувани, сите трошоци се сервисираат, сето тоа со самофинансирање. Сметаме дека единствено коректно е да се распредели и теретот од кризата и помошта, соодветно. Во таа насока, до реализација и пуштање во работа на нашиот проект со генератори, кој оптимистички очекуваме да се реализира во следните четир месеци, сметаме дека би било во интерес на сите засегнати страни и државата да излезе во пресрет со електрична енергија во количина од 45-50мвч по цена од 150-180еур/мегават час, имајќи предвид дека нашата индустрија е најенерго-интензивна“, нагласи Кујунџиев.

„Еуроникел“ повеќе од една година работи на проекти за обновливи извори во кругот на фабриката, но се покажало дека за нив треба многу време. „Еуроникел“ се нуди и целосно или делумно да го финансира работењето на ТЕЦ Неготино, со единствена цел да добие електрична енергија по производна цена која е прифатлива за нивните производни трошоци.

Паралелно со сите овие решенија од компанијата информираат дека работат и на инсталирање на соларни панели, но целата документација, според кажувањето на раководството, е заглавена по институциите.

Но, поради зголемените трошоци како последица од енергетската криза, некои компании размислуваат за реaлоцирање на дел од погоните за производство во Словенија. Тоа веќе го потврди и директорот на компанијата  ТАБ д.д., Петер Верцко, кој информираше дека на крајот на 2022 година на компанијата и истекува тригодишниот договор за електрична енергија. Во моментов компанијата работи со загарантирана цена на струјата. Поради тоа, цената на струјата засега не влијае на нивната тековна работа, но нагласија дека почетокот на новата 2023 година за нив ќе биде неизвесен и во голема зависност од цените на струјата и мерките коишто ќе ги презема Владата. Очекуваат конкурентни цени на електричната енерија со цените во регионот, каде што се многу пониски и гарантирани. 

Фабриката за производство на акумулатори е присутна на пазарот во Северна Македонија од 1973 година. Компанијата на европскиот пазар произведува широк спектар на оловно-киселински, ВРЛА АГМ и ВРЛА Гел батерии и акумулатори во три најмодерни фабрики од кои две во Словенија и третата во Пробиштип, Северна Македонија со преку 700 вработени.