Компаниите во ТИРЗ лани со стабилен број на вработени и раст на платите од два проценти. Позитивните економски резултати на компаниите во слободните економски зони бележат и зголемена уплата во државниот буџет. Овие резултати ги покажува првичната годишна анализа за 2020 година на ТИРЗ. Податоците во анализата укажуваат дека трендот на позитивен раст ќе продолжи и годинава.
Компаниите во ТИРЗ лани со стабилен број на вработени
И во криза -зголемен бројот на вработени
"И во услови на криза предизвикана од Ковид 19 бројот на вработени не само што останува стабилен, туку и континуирано расте. Дури 60 отсто од компаниите имаат зголемен број на вработени. Над 14.000 сограѓани веќе работат во зоните. Но, таму стојат отворени дополнителни 7500 работни места на кои се обврзани само постојните инвеститори. А, во моментов течат разговори и со нови инвеститори.
Целта, како што изјави директорот на ТИРЗ, е со посебни мерки да се забрза овој процес за да се овозможи иднина на младите дома.
Во 2020 е регистриран и раст од 5,5 отсто на просечната бруто плата во однос на 2019, како и два отсто на просечната нето плата во зоните. Достигнатото ниво се уште е под просечниот за целата економија. Меѓутоа охрабрува фактот дека има позитивен тренд на раст. Тоа е забележано особено кај преработувачката индустрија каде платите во ТИРЗ во 2020 се за 10 проценти повисоки од националниот просек за оваа дејност.
Директорот најави и нова мерка за поттикнување на отворање нови работни места и повисоки плати.
„Целта е не со статистички вежби, туку со реални мерки платите да бидат над просечното државно ниво. Воведуваме нова мерка за поттик на отворање работни места. Мерка која нема да се заснова на отворање на работни места без критериуми, туку тие ќе бидат врзани со одреден процент на раст на платите на вработените во компанијата.
Добивка од четири милијарди денари
Компаниите во зоните и во година на криза на ниво на портфолио имаат остварено добивка од околу три проценти или четири милијарди денари.
Во однос на добивката и приходот соодносот е речиси 50-50. Но треба да се има предвид дека кај компаниите со намален приход покрај оние кои работат со оперативна загуба се и компаниите кои реализираат поголеми капитални инвестиции поради што имаат поголеми расходи.
Во однос на придобивките за државата и покрај намалениот данок на добивка, регистриран е раст во делот на уплатените придонеси и во делот на даноците. Тоа секако се должи на зголемениот број работни места и повисоката бруто плата од 5,5 проценти.
Во 2020 -Буџетот збогатен со 40 милиони евра
Компаниите вкупно уплатиле во буџетот околу 40 милиони евра во 2020 година. Сума што е 90 отсто повеќе од дадената државна помош за истиот период.
Во државниот буџет за 2020 останале 30 милиони евра како разлика од она што е приходувано и она што е реално исплатено. Тоа се повеќе пари за пензии, јавно здравство, образование, инфраструктура. Веќе се работи на посебни механизми за поттик на инвеститорите што побрзо да ја искористат помошта и да почнат да уплаќаат повеќе пари во државниот буџет. Државната поддршка на инвеститорите е и поддршка на десетици илјади наши сограѓани низ целата земја.