Наградената македонската иновација е на Борис Јанковски, иноваторот за кој „Анторис магазин“ минатата година објави: Аеросолниот систем за брзо гаснење пожар на „ВЕДА“-имиџ производ на државата?

И тогаш напишавме, дека компанија уште од своето основање во 1991 работи исклучиво на истражување и развој на нови технологии. ВЕДА е компанија која во своето портфолио има неколку иновативни технологии што ги има продадено низ светот.

 

Борис Јанковски во интервјуто за Анторис нагласи: Аеросолниот систем -решение и за електричните автомобили


Нашиот соговорник користејќи го своето искуство смета дека има решение за примена на аеросолниот систем во заштита на електрични возила.

-Работиме на идејата да го решиме проблемот на гаснење на пожарот во батериите, но гасење од внатре. Ние не го гасиме автомобилот, туку пожарот во батериите пред да излезе од автомобилот. На тоа ме поттикнаа и честите примери со горење на тротинети, што може да предизвика големи последици околу себе во зависност од тоа каде се наоѓа. Процесот на пожар е ланчана реакција. Поентата е да се реагира да не излезе од контрола. За гаснење на пожар за една кола потребни се 11 тони вода и може да тлее 20 часа и пак да се обнови. Аеросолниот систем делува секундарно.

Аеросолниот систем е проект на иднина и ќе го има во секој автомобил - пожарот ќе се гаси од внатре, без да излезе од касетата. Целото интервју може да го прочитате овде.(https://antoris.mk/a/v/aerosolniot-sistem-za-brzo-gasnene-pozar-na-veda)

 Македонската иновација -најдобра во САД 

Сега компанија ВЕДА  за производот за сузбивање на пожар од литиумски батерии (Fire Suppression Solution for Li –Ion Battery)  е добитник на првата награда на меѓународниот натпревар за иновации во областа на струја и енергија (Electric Power and Energy) организиран од американскиот акцелератор xTechInternational, поддржан од Министерството за одбрана на САД. Негова цел е да поттикне учество на компании од целиот свет чии иновации можат да бидат применети во разни области за нивните потреби. Преку акцелераторот, избраните компании добиваат знаење и поддршка со која интернационалните компании кои се занимаваат со истражување и развој можат да се инкорпорираат и вклопат во бизнис моделите на американската армија.

Акцелераторот делува како катализатор за раст за компаниите преку различен вид на менторство. Со тоа се забрзува процесот на транзиција за компаниите за да можат полесно да соработуваат со американската армија и други организации на Министерството за одбрана, со цел да се изнајде решение за критични проблеми во клучни области.

 

Последната иновација е решение за двостепена заштита на литиумските батерии но внатре во самото пакување како интегриран ситем на целата батерија.

Литиум јонските батерии се употребуваат во електрични возила, тротинети, автобуси, акумулатори и друга опрема која користи електрична енергија.

Една од најзначајните слаби точки кај Li-ion батериите е појавата на термално распаѓање или Thermal Runaway, што е неконтролирана состојба на самозагревање и запалување на Li-ion батеријата. Ова е хемиска реакција во внатрешноста на батеријата во ќелиите.

Хемиската реакција, која штом се иницира не може да се запре, резултира со исфрлање на отровен гас, шрапнели и екстремно високи температури кои можат да ги загрозат животите на луѓето, како и безбедноста на секаков вид опрема или возила во кои се наоѓа батеријата.

Пожарот во литиум-јонските батерии обично завршува со целосно уништување на батеријата, а во повеќето случаи со уништување на опремата во која се наоѓа (возило, електронска опрема, акумулатори за напојување и сл.).