Центрите за добивање на неформално образование во земјава како никогаш досега нудат обуки во различни области, вклучувајќи ги пред се’ ИТ секторот, академиите за човечки ресурси или пак маркетингот и продажбата. Но, компанијата „Вера Монд“ за прв пат организира обука која се однесува на една креативна индустрија, овозможувајќи заинтересираните и љубителите на дизајнот да влезат во модниот свет.

Обуката е во организација на „Вра Монд“, која две и пол децении работи во текстилната индустрија. Предвидено е да содржи девет модули и да трае нешто повеќе од три месеци. Два часа онлајн ќе се одржуваат на неделно ниво, со дополнителни индивидуални менторски сесии. Инструктори на обуката Јована Јорданова, Цветанка Гаревска и Даница Ѓоргиева, кои се професионални инструктори по дизајн на облека во 3Д, како и Блаже Спирески, кој пак е инструктор по фриленсинг.

Модулите опфаќаат запознавање со 2Д и 3Д моден дизајн и нивната заемна поврзаност за креирање на виртуелна мода, повеќеслојно претставување на модел, односно презентација на комплетен изглед. Потоа, правилно аплицирање и едитирање на штоф, визуелизација на патенти, штепови и слично, работа со 3Д алатки како и нивна правилна употреба за 3Д визуелизација.

Јасмина Чанева - Лазовска, основачката на компанијата, за „Анторис“ вели дека тоа е единствената обука во земјава која ќе ги подготви кандидатите да бидат успешни во светот на модниот фриленсинг и да научат вештина од која ќе можат да заработуваат. По завршувањето на обуката, сите учесници ќе добијат сертификат за дизајнер на облека во 3Д од прво ниво, како и бесплатна софтвер лиценца за период од три месеци заедно со материјали за следење на обуката во електронска форма.

„Ова е нешто многу ново и различно.  Тргнувајќи од фактот дека сум доаѓам од фамилијарен текстилен бизнис кој го напуштив, а се вратив во индустријата во 2020 година токму поради 3Д дизајнот. Овој вид дизајн има огромен потенцијал за раст и развој. Всушност, работите на софтвер преку кој од каде било може да опслужувате кој било, а процесот на развој со 3Д не прави трошоци за развој на проозивод. Не помалку важно е што воопшто немаме загадување на околината. Првичната обука која ќе ја дадеме да се научат алатките на софтверот. Оние кои имаат познавање од текстилот, секако ќе им биде полесно. Но, напредокот морам да потенцирам дека зависи од амбицијата и желбата на секој поединечно до каде сака да стигне“, вели Чанева Лазовска за „Анторис“.

Компанијата минатата година инвестираше во отворање на секторот нарекувајќи го „ВМ3Д“, воведувајќи 3Д технологии и дигитална трансформација кои директно се поврзани со едукација на новиот кадар. Причината да се одлучат на ваквиот потег е бидејќи во образовниот систем 3Д дизајнот како таков не се изучува. „Вера Монд“ ангажираше и странска компанија која вршела стручна квалификација и преквалификација на кадарот кој го ангажирала.

За пријавување на обуката достапни се само 13 слободни места. Субвенционираната цена за обуката изнесува 250 евра. Можноста за пријавување трае до крајот на месецов.