Од 23 јуни стартува Летната школа за комуникациски вештини во Скопје, наменета за средношколци, студенти и млади професионалци кои сакаат да научат нешто што не го учат во училиште- како да бидеш тимски играч; како да зборуваш пред група јасно и без трема; како активно да слушаш; како да го кажеш она што го мислиш, без да се срамиш; како да стекнеш самоувереност.

- Ова лето учи нешто што ќе го користиш цел живот. По 25 години работа со дипломати, бизнис лидери, тимови и млади професионалци, ова лето ја отворам  школава за комуникациски вештини, за сите на возраст од 15 до 35 години кои сакаат да зборуваат без да се губат, да слушаат без да чекаат само да зборуваат, и да остават впечаток без да се прават нешто што не се,“ вели Билјана Величковска, Коуч за комуникации, консултант за организациски развој и основач на Seven Seconds Consulting во интервју за Анторис.

 

 

1. Што те мотивираше да ја започнеш Летната школа за комуникации токму сега?

По повеќе од две децении работа во меѓународни организации, институции и развојни програми, имав можност да работам со луѓе од различни култури, професии и генерации. Без разлика на позицијата или индустријата, една работа постојано се повторуваше. Луѓето кои успеваа да создадат вистинско влијание не беа секогаш најгласните или најобразованите, туку оние кои знаеја како да внесат јасност во сложени ситуации, да изградат доверба и да ги поврзат луѓето околу заедничка идеја.

Денешните млади растат во време кога никогаш немало повеќе можности за изразување, а истовремено никогаш не било потешко да се слушне сопствениот глас низ целиот дигитален шум. Истовремено, сѐ поретко имаат простор да застанат и да се запрашаат кои се, што им е важно и во која насока сакаат да се движат. Почувствував дека постои потреба од поинаква можност за нив, каде што нема да учат само комуникациски техники, туку ќе градат самодоверба, критичко размислување и свесност за сопственото влијание врз светот околу нив. Летната школа произлегува од едно мое длабоко уверување дека квалитетот на нашиот живот во голема мера зависи од квалитетот на разговорите што ги водиме со другите, но и со самите себе.

Кога млад човек ќе научи да размислува јасно, да поставува значајни прашања, да ги препознава сопствените вредности и да ги преточува во конкретни цели, тој почнува посигурно да се движи низ животот. Комуникацијата тогаш станува многу повеќе од вештина. Таа станува начин на градење односи, носење одлуки и отворање можности.

Затоа за мене ова не е програма во која младите ќе учат само како подобро да зборуваат или да настапуваат. Тоа е простор каде што ќе имаат можност подобро да се запознаат себеси, да ја развиваат јасноста во размислувањето и да изградат чувство за насока кое ќе им служи долго по завршувањето на школата. Кога човек знае што му е важно, умее внимателно да слуша и комуницира со интегритет, стекнува внатрешна стабилност што останува со него, без разлика дали ќе стане претприемач, научник, државник или уметник.

2. Кои клучни вештини или начини на размислување ќе ги понесат учесниците по завршувањето на програмата?

Секако, учесниците ќе научат како подобро да презентираат, да зборуваат пред публика, да креираат содржини и да комуницираат во дигиталниот простор. Но за мене тоа е само површинскиот слој. Она што ми е особено важно е дека зад секоја од овие вештини стои начин на размислување.

Она што навистина сакам да го понесат е способноста да размислуваат јасно, да поставуваат подобри прашања, да ги разбираат другите луѓе и да ја препознаат сопствената вредност. Сакам да развијат и способност да носат промислени одлуки и да градат односи засновани на доверба и почит.

Изложеноста на информации не значи и знаење. Разбирањето доаѓа кога човек ќе научи да размислува, да поврзува и да создава смисла. Ако на крајот од школата заминат со повеќе храброст да го изразат своето мислење, со поголема љубопитност кон различните перспективи и со чувство дека нивниот придонес има вредност, тогаш сме ја постигнале најважната цел: да излезат од програмата не само подобро информирани, туку да им биде појасно за тоа кои се и што можат да станат.

3. Можеш ли да споделиш пример како комуникациските вештини можат да го променат нечиј живот или кариера?

Низ годините сум сведочела на многу професионални пресврти кои започнале со мала, но суштинска промена во начинот на кој луѓето се гледаат себеси и го претставуваат она што го знаат. Се сеќавам на луѓе со исклучителна стручност чии идеи останувале незабележани затоа што тешко успевале да ги пренесат до другите. Кога научиле подобро да ги структурираат пораките, да го разбираат контекстот и да ги слушаат луѓето околу себе, почнале да добиваат нови можности и поголема одговорност.

Таквите промени ретко се случуваат преку ноќ. Тие се резултат на постепен процес на учење, дисциплина и личен раст. Во суштина, секоја трајна промена започнува одвнатре. Комуникацијата не го менува само начинот на кој нè гледаат другите, туку и начинот на кој ние самите се гледаме себеси. А кога ќе се промени тој внатрешен дијалог, почнуваат да се отвораат врати што претходно изгледале затворени.

 

4. На кој начин Летната школа одговара на предизвиците со кои се соочуваат младите во брзата медиумска и дигитална средина?

Денес не живееме во ера на недостаток на информации. Напротив, живееме во ера на информациска преоптовареност. Младите секојдневно се изложени на огромен број пораки, мислења, алгоритми и содржини кои се натпреваруваат за нивното внимание. Во таков свет, една од најважните компетенции станува способноста да се разликува важно од неважно, факт од манипулација и автентичност од површна видливост. Изложеноста на информации не значи и знаење.

Преку Летната школа, младите се охрабруваат да размислуваат подлабоко, да ги користат дигиталните алатки свесно и да градат односи кои се темелат на почит и разбирање, особено во време кога многу од интеракциите се сведени на екрани. Суштината не е само во тоа како комуницираме, туку во тоа какви луѓе стануваме преку начинот на кој комуницираме.

5. Како ја балансираш теоријата со практиката – какви конкретни искуства ќе имаат учесниците?

Верувам дека најдоброто учење се случува кога знаењето веднаш добива примена. Затоа учесниците постојано ќе работат на реални ситуации, ќе презентираат идеи, ќе учествуваат во групни задачи, ќе анализираат различни сценарија и ќе добиваат конкретен фидбек. Мојата улога е да создадам средина во која можат да експериментираат, да поставуваат прашања, да пробуваат нови пристапи и да учат едни од други.

Во текот на процесот тие постепено почнуваат подобро да ги препознаваат сопствените уверувања, вредности и потенцијали. Токму тука се создава основата за зрели одлуки, лична одговорност и чувство за насока, компас за тоа како се движат низ животот. На младите не им недостига потенцијал. Понекогаш им недостига простор каде тој потенцијал ќе биде препознаен, охрабрен и насочен.

6. Каква улога играат креативноста, самодовербата и лидерството во програмата што ја дизајнираше?

Овие три елементи природно се надоврзуваат еден на друг. Креативноста ни помага да ги видиме можностите што сѐ уште не постојат. Самодовербата ни овозможува да ги претвориме во конкретна акција. Лидерството создава простор и другите да се приклучат и да придонесат. Често лидерството се поврзува со формални позиции. Моето искуство покажува дека најголемото влијание многу често доаѓа од луѓе кои немаат титула, но имаат јасна насока, доследност и способност да инспирираат доверба, партнерство и соработка.

Во таа смисла, младите природно носат потенцијал за промена, затоа што сѐ уште не се ограничени од навики и улоги кои понекогаш доаѓаат подоцна во животот. Токму затоа е важно тој потенцијал да се препознае и поддржи навреме. Младите, во суштина, се природен почеток на промената.

7. Како ја гледаш улогата на оваа програма во пошироката заедница?

Секое општество се развива до степенот до кој неговите луѓе умеат да разговараат, да соработуваат и да создаваат заеднички решенија.Кога младите луѓе учат да ги слушаат различните мислења без страв, да аргументираат со почит и да преземаат одговорност за своите избори, се создава култура на доверба и напредок.

Верувам дека денес постои огромна потреба од генерации кои ќе умеат да размислуваат долгорочно, да гледаат можности таму каде што другите гледаат ограничувања и да ја преземаат улогата на активни создавачи на иднината. Ако преку оваа школа успееме да придонесеме кон таква генерација, нејзиното влијание ќе се чувствува многу подалеку од самата училница.

8. Со какви предизвици се соочи при создавањето на иницијативата и како ги надмина?

Најголемиот предизвик беше долгогодишното професионално искуство да го претворам во нешто што е блиско, применливо и инспиративно за младите. По години работа со високи претставници, меѓународни организации, институции, лидери и сложени комуникациски процеси, лесно е да се претпостави дека одредени концепти се очигледни. Но младите имаат сопствена перспектива и поинакви потреби.

Затоа избрав да слушам повеќе отколку што објаснувам. Разговарав со ученици, родители и наставници и внимателно ги следев темите што ги засегаат.Ко-креирањето е во сржта на програмата. Верувам дека најдобрите образовни искуства се создаваат заедно со младите, а не во нивно име.

9. Каква е твојата долгорочна визија за Летната школа за комуникации?

Мојата визија е поголема од една програма за летна школа. Сакам ова да прерасне во заедница која ќе продолжи да расте и по завршувањето на програмата.

Замислувам место каде младите ќе се поврзуваат, ќе соработуваат, ќе разменуваат идеи и ќе градат перспективи за иднината. Простор каде различни таленти и гледишта ќе се среќаваат околу заедничка цел, создавање подобри можности за луѓето и за заедницата.

Начинот на кој комуницираме е директен одраз на начинот на кој размислуваме, на вредностите што ги носиме и на насоката во која се движиме. Затоа за мене визијата не е краткорочен проект или следен чекор, туку способноста да се гледа подалеку, да се размислува за тоа какво општество сакаме да создадеме во следните десет или дваесет години и каква улога секој од нас има во тој процес.