Втората конференција „Чувари на мудроста“- BACK 2 BACK, во организација на Халкбанк АД Скопје, ќе се одржи денеска во Младинскиот културен центар. 

На настанот успешни и реномирани личности од државава ќе ги споделат своите животни и професионални искуства и совети со младите. Практично, конференцијата ќе понуди бесплатни корисни совети од успешните за сите студенти, млади професионалци и претприемачи на кои им е потребна мотивација, инспирација и црпење искуство од луѓето кои оставиле силен професионален и личен печат во своите области.

Настанот ќе ги собере на едно место луѓето кои со своето знаење, искуство и успех ги мотивираат и ги водат идните генерации кон остварување на нивните соништа.

Конференцијата ќе има седум панел-дискусии, со учество на 14 истакнати професионалци од различни области. Панелот на тема „Од личен развој до иновативно претприемништво“ ќе ги обедини професорот Радмил Поленаковиќ и успешната претприемачка Нина Ангеловска, кои ќе дискутираат за е-трговијата и нејзините можности. Првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, и Петар Ниновски од „Брејнстер“ ќе ги раскажат своите успешни бизнис-приказни истакнувајќи го значењето на посветеноста, дисциплината и интуицијата во рамките на втората панел-дискусија, насловена „Успешна бизнис-приказна – посветеност, дисциплина, интуиција“.

Темата „Без хуманистика нема иднина“ ќе биде обработена од Искра Гешоска и Јасмина Поповска, кои ќе ја истакнат важноста на културата во нашето општество. Неда Малеска Сачмароска и Ирина Јаневска ќе дискутираат за улогата на невладините организации во создавањето квалитетни општествени промени, додека професорот Мишко Ралев и архитектот Пако Радовановиќ ќе ја споделат својата визија за архитектура на иднината.

Во панелот посветен на правдата,„Концепт за инклузивна и одржлива правда“ академик Владо Камбовски и професорот Бобан Мисоски ќе разговараат за концептот за инклузивна и одржлива правда, а на последниот панел „Личен потенцијал без бариери“, Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ и Катерина Димова ќе споделат корисни совети истакнувајќи ги предизвиците и можностите за младите психолози.

Покрај дискусиите, конференцијата ќе вклучи и интерактивни работилници, кои ќе ги водат Сања Митровска и Милан Стојанов, а кои ќе се фокусираат на темата развој на стартап бизнис-идеја и употреба на AI-алатки за поставување на визуелна комуникација.

Конференцијата „Чувари на мудроста“ е создадена со цел да ги обедини младите со најдобрите ментори и практичари од различни професионални области. Не пропуштајте ја оваа уникатна можност да ги чуете приказните и да научите корисни работи од искуствата на луѓето кои со својот труд и посветеност успеале да ги надминат сите бариери и да ги достигнат врвовите во својата кариера.