Креативно лидерство – слободно креирање на иновативна вредност. Креативното лидерство им дава слобода на тимовите да генерираат идеи со стратешка и иновативна вредност.

„Сега, повеќе од кога било, креативноста е конкурентна алатка, без разлика дали сте претприемач, голема компанија или соло креативна личност, тоа е она што ве прави да се истакнете“.

Едно истражување, открива дека 75 отсто од возрасните веруваат дека не „живеат според својот креативен потенцијал“. Напротив, тие се „под притисок да бидат повеќе продуктивни отколку креативни на работа“. Ова не е патот напред во нашата идна економија.

Токму на оваа тема, што значи креативно лидерство и колку е тоа важно и за претприемачите и за вработените и за развој на компанијата, разговараме со Цветанка Бурзевска, дипломиран психолог,  задолжена за одржување на работилниците во организација на ПАВ „Анторис“. Тренер по Арт терапија со 10 годишно искуство во областа на човечките ресурси.

Креативно лидерство – слободно креирање на иновативна вредност

Каков е вашиот впечаток колку креативното лидерство е застапено во компаниите во  Македонија?

-Тоа зависи која индустрија се разгледува. Во некоја е помалку, а во друга повеќе застапено. На пример, во помалите компании, како и стартапите, управителите се трудат да применуваат нови стандарди во комуникацијата со вработените. Користат креации, посовремени тактики на работа, внесуваат нови иновативни начини на разгледување и развој на одредена идеја со која би можеле да продолжат понатаму во работата. Еден од тие иновативни начини за развој и раст на компаниите е примена на креативното лидерство. Во овој домен како понова тактика се смета и инфлуенсерското лидерство. Техника која кај нас е се уште во обработка. Меѓутоа, во Холандија веќе се држат работилници за неговите придонеси и неговата примена во секојдневното работење.

Можам слободно да кажам дека кај нас креативното лидерство се повеќе почнува да се прифаќа и да наоѓа примена меѓу тимовите во компаниите.

Секој може да биде креативен  лидер


Од кој аспект креативното лидерство се прифаќа во компаниите?

-Креативното лидерство како техника за комуникација е интересно затоа што им  дозволува на вработените да си ги изразат своите емоции, мисли и идеи преку кои можат да придонесат за подобрување не само на условите на нивното работно место, туку воопшто и за подобрување на работата во компанијата и околината. Конкретно на оваа тема, мислам дека вработените имаат најголем простор да се изразат преку заеднички работилници, вежби, тим-билдинзи. Интенцијата е да се надмине класичниот работен состанок. Односно да се надмине вообичаениот дијалог за што е сработено, што не, туку преку креативноста да може и вработените да ги изразат своите идеи како модел за работа, што  би можел понатаму да придонесе за успешност во работата.

Кои се карактеристиките што треба да ги поседува една личност за да се смета за креативен лидер?

-Според мене секој може да биде креативен лидер. Креативноста се изразува на повеќе начини. Како на пример во работењето преку сопствените идеи, размисли, дополнувања на други идеи, односно  преку брејнсторминг (brainstorming). Бидејќи колку и „нафрлувањето“ на идеи да се смета за некорисно, сепак на крај може да резултира со продуктивност и да донесе многу позитивен фидбек. Да продуцира позитивни добри идеи коишто можат на компанијата да и овозможат да се движи напред и во добра насока.

Всушност во секоја компанија си постои хиерархија – вработен, претпоставен раководител на одредена група вработени и лидер на целиот тим. Вообичаено за секоја гранка во компанијата мора да си има оформено потесен круг, оддел со кој раководи едно лице. Сите тие тимови заедно од одделенијата ја составуваат компанијата – како еден голем тим и функционираат како една целина. Ако ги гледаме така поставени работите, асоцираат на едно големо дрво.
На пример да направиме една компарација на компанијата како едно дрво. На дрвото за да расте му требаат покрај коренот и стеблото и гранки кои ја формираат крошната, а кои дополнително го прават дрвото раскошно и убаво, во овој случај, тоа се вработените.

Слободна вербална комуникација- успешни идеи


За да се постигне токму оваа состојба на разгрането дрво, што треба да поседува креативниот лидер, првиот човек на менаџерскиот тим?

Раководителот, менаџерот или управителот, како и да го наречеме лицето кое предводи одредена група во компнијата пред се треба да биде флексибилен. Да биде истраен и да ги сослушува вработените. Да овозможи слободна вербална комуникација. Да им дозволи на вработените да ги изразат, да ги искажат своите идеи, сугестии, забелешки, бидејќи во спротивно нема напредок.

Што е потребно, односно кои се етапите што треба да се поминат за реализација на една идеја?

Секако, спроведување  од почеток до крај. Односно идеа, разработка, детализирање и остварување. Прво, поставување на идејата, поставување на целите. Потоа, целосна разработка од сите можни аспекти. Односно детализирање заедно со целиот тим и пристапување кон остварување на целта. Бидејќи додека се разработува една идеја, се изменува дури и првично поставената теза. Таа, нема да биде сосема иста како што е поставена на почетокот. При разгледувањето на сите сегменти кои треба да овозможат првичната идеја да се реализира,  постојано излегуваат нови и нови работи коишто се вметнуваат, надградуваат и се спроведуваат. И со сите тие нови креации на крај го добиваме целиот тој исход.

Креативниот лидер е оној којшто треба да ги поттикне сите да вложат колку што можат и знаат. Едноставно, да им даде мотивација за да можат да се изразат луѓето како што треба. Да се изразат слободно без да бидат прекинувани, испрашувани и деградирани. Да им даде поддршка за било какви идеи кои ќе им се појават на патот, макар и да не се однесува на проблематиката за која прашува. Во тој слободен дијалог може да се наметне и сосема различна проблематика или пак решение за веќе постоечка, но без разлика на тоа, сите идеи треба да се земат предвид и потоа да се најде заедничка точка и да се продолжи.

Цветанка Бурзевска е активен и истакнат член на Европска федерација на Арт терапевти и предавач на тема Арт терапија во организации на ЕФАТ конференциите низ Европа. Публицист на статии од областа на човечките ресурси, арт терапија и гешталт терапија. Активен учесник на семинари и работилници како предавач веќе седум години. Дел од тимот за стандардизација на психолошки тестови при Институтот за социолошко политички истражувања. Активен член на Гешталт институт и МОДИ центар.

Брејнсторминг


Колкав е интересот  на претприемачите, раководните структури  во насока на надградба во креативното лидерство овде во Македонија?

-Во нашата држава, креативното лидерство, како и многу современи техники, методи, тактики, што произлегоа од се побрзиот технолошки развој, а во насока на осовременување и искористување на човечките ресурси е релативно нов правец. И како што кажав на почетокот, поголемо расположение има кај младите фирми. Тие пробуваат да вметнат нови правци во креирањето на работните навики. Меѓутоа, постарите големи групации и компании, сепак се скептици затоа што се работи за нов метод којшто во најмала рака се поистоветува со брејнсторминг (нафрлање на идеи).

Тие не сакаат да согледаат дека нафрлањето на идеи, односно споделувањето на различни мислења од кои се креира и формира една единствена идеја, на крајот како една целина може да се спроведе до крај.

Што се однесува до компаниите, би требало секоја да се обиде да го проба методот. Затоа што  само така може покрај кризава што ја  имавме и сите фрустрации кои се собрани во нас, вработените да се релаксираат и поинтензивно да се осврнат на работните задачи.

Примената на новите техники од една страна ќе им дојде како вежба на вработените, малку да се опуштат од целата ситуација. Меѓутоа од тие навидум обични работилници можат да произлезат многу добри, иновативни идеи. А, од друга страна и вработените ќе бидат мотивирани и посреќни, а тогаш има и поголем проток на информации и идеи.

Креативно лидерство, нов правец или тренд


Какво е искуството во Македонија. Колку тим лидерите се отворени за креативно лидерство.  Не говориме само за оние кои раководат со компаниите туку и раководители во одредени структури. Или какви се сознанијата, дали имаме во одделни области поголема отвореност и прифаќање на креативното лидерство за разлика од институционалното раководење?

-Искрено се изненадив од големиот одзив, затоа што пак ќе кажам дека креативното лидерство е нешто ново, нешто што вреди да се проба. Но, не можам да направам разлика меѓу големи и мали компании или помеѓу индустрии. Мое мислење е дека ИТ секторот е повеќе насочен и склон кон применување на такви нови правци во работењето. Додека некои пак се трудат да го направат како тренд.

Јас имам впечаток дека тоа во маркетинг агенциите особено доаѓа до израз, затоа што таму посебно се бара креативност. За да се изработи една задача, позиција од почеток до крај без разлика дали  ќе  се решава дигитално или на традиционален начин, маркетингот бара да бидеш навистина креативен. И тоа не само со скици, слики, туку и со текстови. Треба да знаеш како да го смислиш текстот за да има повратен ефект од клиентите.

Меѓутоа може да се примени каде било. На пример и во Агенција за вработување. И пак ќе кажам, вежбите  за креативно лидерство доаѓаат како помош да можеш да се изразиш без разлика дали е преку цртеж, пишан збор или преку разговор. А со самиот тој разговор или цртање ти надоаѓаат се повеќе идеи како би можел да решиш некој одреден  проблем  каде претходно си застанал.

На пример, имав случај со мала семејна компанија која се занимава со продажба на градежни материјали- санитарии и инсталирање и опремување на бањите во нови и постоечки објекти. Зборувам за профил на луѓе од занаетчиство –водоводџии, плочкари, малтерџии- кои немаат време за дискусии на маса.

Всушност со нив реализирав една нетипична работилница –пред нивниот продажен објект. Каде пробав несвесно да им наметнам дискусија преку најобични прашања: каков ви е денот? Како поминува? Што би можеле понатаму? Како една плочка со неправилна форма би можела да се вгради во целосната ѕидна композиција, без да го наруши, односно без да се забележи промената на сликата. Значи наметнав креација преку обичен практичен пример што тие секојдневно го работат. Толку многу идеи нафрлија и дојдоа до израз нивните решенија кои беа интересни и да се слушнат и да се видат. Тие практично сите несвесно се вклучија во решавањето на одреден проблем.

Значи секојдневната работа сега им дојде како вежба, тие размислуваа како да се вгради плочката со неправилна форма без да го наруши зацртаниот ентериер. Исходот беше повеќе од задоволителен.

Франција,Италија и Шпанија, најинвентивни со работилниците за креативно лидерство


Можат ли да се одделат одредени сектори каде има поголема заинтересираност и примена на креативното лидерство?

Од ваков тип на работилници за креативно лидерство имаше добар одзив, впечаток и фидбек кај една фармацевтска компанија од Македонија. Тие  навистина беа задоволни, а беше опфатено покрај креативното лидерство и лидерство во време на криза, што се одржа лани. Се споделија и научија многу нови работи. На пример управување во време на криза и како би можело да се направи реструктура на она што веќе функционира, односно да применат некои нови начини. Методот на Скат, Кајзен и методот со седум златни прашања, иако навидум едноставни и обични , но, многу помогнаа ...

Какви се искуствата од другите земји. Искуства од ваши колеги. Kолку има заинтересираност за вакви работилници за креативно лидерство или колку претприемачите се инвентивни да користат вакви методи?

-Искрено колку што контактирам со колеги од Европска федерација на Арт терапевти, затоа што креативното лидерство има дел од арт терапијата што се користи во него, се спроведуваат голем број на работилници.

Конкретно зборувам за Франција, Шпанија и за Италија. Особено во Италија. Таму, моја колешка неделно држи по три такви работилници од различни индустрии, значи не е фокусирана само на една. А како најнов момент е еден невообичаен исход од тие работилници. Имено таа организира изложба од сите нивни креации од вежбите.

Тоа е еден интересен момент, не само од аспект на работа со различни материјали, и не само поединечно, туку и како  еден тим функционира кога треба да реализираат заедничко решение на дадена задача. Нејзиниот пример е интересен затоа што таа за работилницата користела надворешни, природни материјали со кои пробале да направат одредена креација. А како заклучок можам да кажам дека лидерството не  се применува само во компаниите, тоа  е присутно и дома и во дадена средина каде има флуктуација на повеќе луѓе за иста цел.

Вежбите од работилниците применливи и во канцеларии


-Што би можеле претприемачите да очекуваат од една работилница за креативно лидерство, што би можеле да понесат со себе, каква импресија, какво искуство ? Со што ќе се запознаат на таа работилница?
 - Ќе се запознаат со основите на креативното лидерство.  Пред се што е креативно лидерство, како тоа функционира, зошто е потребно, кои се бенефитите од неговата примена.  Која е улогата и зошто е важно да имаш креативност во бизнисот. Ќе се запознаат со одредени вежби коишто се применливи  не само на работилницата туку ќе можат да ги практикуваат и во своите канцеларии  заедно со нивните вработени. Тактики што може да ги применуваат од состанок на состанок, не мора да биде еднократно. Постојат многу предности од користењето на вежбите за креативното лидерство во рамките на компаниите. Тие во секој случај би им донеле одредени бенефити:

  • Решавање на проблем

  • Постигнување на раст

  • Подобрување на менторските тимови на работното место

  • Наоѓање на малку веројатни перспективи во рамките на бизнисот

  • Изградба и промовирање на раст и развој на тимот за разлика од индивидуалниот успех


Значи со самото тоа што применуваш дел од креативното лидерство и вештини, односно задачи и вежби и со самото тоа ако бидеш упорен и ја спроведеш една вежба повеќе пати, доаѓаш до одредени резултати.

 


Претприемачите да не се штедат во однос на креативноста


Што би им порачале на младите претприемачи во однос на креативното лидерство?

-Пред се да не се штедат  во однос на креативноста, во однос на идеите во однос на споделувањето.

Ако повеќето идеи ги држите во себе и не ги изразувате, нема бенефит. Меѓутоа споделувањето е една од најважните работи .

За крај како би го формулирале креативното лидерство во неколку збора?

-Јас креативното лидерство го разбирам како имагинација преку која се доаѓа до одговор на одредено прашање или проблематика кое го имаш поставено со текот на  работењето. Или пак да дојдеш до одговор на некои предизвикувачки прашања коишто се јавуваат во текот на работата. На тој начин се надградуваш себе си, не само на професионално туку и на лично ниво. Значи отвораш некои нови можности, нови погледи за кои претходно не си ни бил свесен дека ги имаш и дека можеш да ги направиш. На крај би додала дека секој е креативен, само треба да си дозволи неговата фантазија малку да си поигра со неговата реалност и резултатот би бил фасцинантен.

М. Балдазарска