Компјутерскиот научник кој често го нарекуваат „кум на вештачката интелигенција“ ја напуштил работата во Google за да проговори за опасностите од оваа технологија, објавија американските медиуми.

Џефри Хинтон, кој ја создаде основната технологија за системи за вештачка интелигенција, изјави за Њујорк Тајмс дека напредокот во оваа област значи „длабоки ризици за општеството и човештвото“.

„Погледнете како беше пред пет години и како е сега. Видете колкав  скок е тоа, и уште се проширува. Тоа е страшно“, напиша тој.

Хинтон вели дека конкуренцијата меѓу технолошките гиганти ги принудува компаниите да произведуваат нови технологии за вештачка интелигенција со опасни брзини, загрозувајќи ги работните места и ширејќи дезинформации.

„Тешко е да се сфати како можете да ги спречите лошите актери да ја користат вештачката интелигенција за да прават лоши работи“, изјави тој за Тајмс.

Во 2022 година, Google и OpenAI – стартапот зад популарниот чат-бот за вештачка интелигенција ChatGPT – започнаа да градат системи користејќи многу поголеми количества на податоци од порано.

Хинтон во изјавата за Тајмс уверува оти овие системи на некој начин ја засенуваат човечката интелигенција поради количината на податоци што ги анализираат.

„Можеби она што се случува во тие системи е всушност многу подобро од она што се случува во мозокот“, изјави тој за весникот.

Иако вештачката интелигенција се користи за поддршка на човечките работници, брзото ширење на чет-ботови како ChatGPT може да ги загрози работните места.

Вештачката интелигенција „ја одзема напорната работа“, но „може да одземе повеќе од тоа“, тврди овој научник.

Тој, како што пренесува N1, исто така предупреди против потенцијалното ширење на дезинформации генерирани од вештачката интелигенција, велејќи за Тајмс дека просечниот човек „повеќе нема да може да знае што е вистината“.

Хинтон, како што објави Тајмс, го извести Гугл за својата оставка минатиот месец. Џеф Дин, водечки научник за Google AI, му се заблагодарил на Хинтон во изјава за американските медиуми.

„Како една од првите компании што ги објави принципите на вештачката интелигенција, остануваме посветени на одговорен пристап кон вештачката интелигенција“, стои во соопштението.

„Постојано учиме да се соочуваме со нови ризици, а во исто време правиме храбар напредок“, истакна тој.

Во март, технолошкиот милијардер Илон Маск и голем број стручњаци повикаа на пауза во развојот на системите за вештачка интелигенција за да се остави време да се тестираат и да се уверат дека се безбедни.

 Внимателно со АИ- предупредуваат научниците

Отвореното писмо, потпишано од повеќе од 1.000 луѓе, вклучително и Маск и ко-основачот на Apple, Стив Вознијак, го поттикна објавувањето на GPT-4, многу помоќна верзија на технологијата што ја користи ChatGPT, пренесува Vijesti.

Хинтон не го потпиша писмото во тоа време, но изјави за Њујорк Тајмс дека научниците не треба „да го разгледуваат ова додека не знаат дали можат да го контролираат“.

 И земјите од Г7 се согласија дека треба да усвојат регулативи за вештачка интелигенција што се „засновани на ризик“. Министрите на Г7 одговорни за дигитални технологии сепак сметаат дека регулативите за кои станува збор мора да „одржуваат отворена и благопријатна средина“ за развој на технологијата и мора да се засноваат на демократски вредности, се вели во нивната заедничката изјава што беше објавена на крајот од нивната дводневна априлска средба во Јапонија.